Поранешниот мајор на американската армија Нидал Малик Хасан, осуден на смрт за масакрот во воената база Форт Худ во Тексас во 2009 година, ќе биде егзекутиран со стрелачки вод на 3 декември годинава, објави Асошиејтед прес.
Вршителот на должноста секретар на Армијата на САД, Адам Тел, соопшти дека егзекуцијата ќе биде извршена во Форт Худ. Доколку казната биде спроведена, тоа ќе биде првата егзекуција во американскиот воен систем по 65 години.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно ја одобри егзекуцијата на Хасан, по препорака на министерот за одбрана Пит Хегсет.
– Судниот ден конечно дојде за Хасан – напиша портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, на социјалната мрежа „Икс“.
Хасан, кој бил армиски психијатар, уби 13 лица и рани уште 32 кога на 5 ноември 2009 година отвори оган во преполна медицинска зграда во Форт Худ. Во објектот имало војници кои минувале медицински прегледи и се подготвувале за распоредување во странство.
Во 2013 година, порота составена од 13 офицери го прогласи за виновен по 13 точки за убиство со умисла и по 32 точки за обид за убиство со умисла. Одлуката за изрекување смртна казна беше донесена едногласно.
За време на судењето Хасан ја призна одговорноста за нападот и тврдеше дека сакал да ги спречи американските војници да заминат во Авганистан и да убиваат муслимани. Тој самиот се опиша како војник што „ја сменил страната“.
Масакрот во Форт Худ се смета за најсмртоносниот напад извршен во американска воена база во мирновременски услови.
Одобрувањето од Трамп отвори повеќе процедурални чекори за спроведување на казната. Сепак, Хасан може да поднесе барање за преиспитување на случајот пред федерален цивилен суд, со што егзекуцијата би можела да биде одложена.
Последниот припадник на американската војска врз кого била извршена смртна казна е војникот Џон Бенет. Тој бил обесен во април 1961 година во Форт Левенворт, Канзас, откако бил осуден за силување и обид за убиство на 11-годишно девојче. The United States Army
Во 1983 година, воен апелациски суд го прогласи тогашниот систем на смртната казна за неуставен, но тој беше повторно воспоставен следната година со извршна наредба на претседателот Роналд Реган.
Смртната казна е дозволена во 27 американски сојузни држави, како и на федерално ниво и во воениот правосуден систем. Стрелањето, сепак, се применува многу ретко. Во 2025 година Јужна Каролина ја изврши првата егзекуција со стрелачки вод во САД по 15 години. Овој метод е дозволен и во Ајдахо, Мисисипи, Оклахома и Јута.
































