Фото: Министерство за енергетика

Продлабочувањето на билатералната соработка во енергетиката, со акцент на конкретни инфраструктурни проекти, размена на експертиза и можности за заеднички активности, биле во фокусот на средбата меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и бугарската министерка за енергетика Ива Петрова, пренесе МИА.

Средбата се одржа во Белград, во рамки на Вториот министерски самит на четирите земји – Македонија, Бугарија, Грција и Србија. На разговорите учествувале претставници на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, МЕПСО и НОМАГАС, како и претставници на енергетски компании и институции од Бугарија.

Една од клучните теми биле батериските системи за складирање електрична енергија. Македонската страна изразила интерес за бугарските искуства во однос на техничките решенија, регулативата, моделите на финансирање и реализацијата на ваквите проекти.

Од бугарска страна била изразена подготвеност за споделување искуства, експертиза и технички знаења со македонските институции и компании.

На средбата било разговарано и за продолжување на соработката за подобро поврзување на електроенергетските пазари и унапредување на прекуграничната размена на електрична енергија.

Посебно внимание било посветено и на енергетската сиромаштија, при што биле разменети искуства за мерките и политиките што можат да придонесат кон обезбедување подостапна и сигурна енергија за граѓаните.

Министерките разговарале и за идните енергетски планови и проекти на двете земји и нивното усогласување со регионалните приоритети. Разгледана била и можноста за заеднички настап пред меѓународни финансиски институции и донатори со цел обезбедување средства за стратешки и регионално значајни енергетски проекти.

Во фокусот биле и новите технологии во енергетиката, како и можностите за посилно поврзување на компаниите и институциите од двете земји. Во тој контекст, било нагласено значењето на соработката меѓу МЕПСО, НОМАГАС и МЕМО и нивните соодветни партнери во Бугарија, со цел размена на знаења и искуства и развој на конкретни заеднички активности.

Разговорите ја опфатиле и Иницијативата Исток–Запад, во рамки на која е предвидена изградба на дополнителна интерконекција меѓу македонскиот и бугарскиот електропреносен систем, како и идно унапредување и надградба на постојната интерконекција меѓу Македонија и Грција.

Според соговорниците, реализацијата на овие инфраструктурни проекти, заедно со останатите тековни и планирани енергетски инвестиции, ќе придонесе за подобро регионално поврзување и зголемување на преносните капацитети, а со тоа и за поголеми можности за прекугранична размена на електрична енергија.

На средбата било истакнато дека реализацијата на Иницијативата Исток–Запад и другите стратешки енергетски проекти ќе придонесат за зајакнување на улогата на Македонија во регионалниот енергетски систем, преку подобро поврзување на пазарите и унапредување на сигурноста на снабдувањето.

Двете страни го истакнале потенцијалот за понатамошна регионална интеграција, размена на експертиза и реализација на заеднички инвестиции, со цел создавање посигурен и постабилен енергетски систем во Македонија, Бугарија и поширокиот регион.