ПЕНЗИСКИОТ СИСТЕМ КАКО ПОВОД: ШТО ЌЕ СЕ МЕНУВА, А ШТО НЕ ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ?
- Државата денес издвојува околу 60 милијарди денари годишно за дофинансирање на пензиите. Ако тој товар продолжи да расте, просторот за други јавни потреби ќе станува сè помал. Затоа реформата е неопходна. Но исто толку е важно таа да биде јасна, постепена и предвидлива, особено за луѓето што со децении издвојувале за својата пензија. За сегашните пензионери најважната порака е дека нема најавено укинување или загрозување на нивните пензии. За идните пензионери, пак, пораката е посериозна…
За пензионерите, но и за оние што допрва ќе станат пензионери, последните најави од Министерството за социјална политика отвораат повеќе прашања и во јавноста испраќаат неколку забележливи пораки. Најважната порака на министерот Ѓоко Велковски е дека „вториот пензиски столб нема да се укине“! Сепак, вредно за издвојување е дека Владата „размислува за негово прекројување“, односно за промена на начинот на кој истиот тој функционира.
Една од разгледуваните можности е, по примерот на Хрватска, осигурениците во иднина да можат да избираат дали ќе останат само во државниот прв столб или ќе продолжат да ја градат пензијата преку двата столба. Сепак, сето ова засега е само една од опциите и е далеку од донесена одлука.
Што значи тоа за оние што веќе се пензионери?
За сегашните пензионери најважно е што овие најави не значат дека нивните пензии ќе бидат укинати или намалени. Министерот уверува дека исплатата на пензиите не е доведена во прашање и дека државата останува гарант на пензискиот систем.
Дебатата, всушност, е многу повеќе насочена кон иднината на пензискиот систем, односно како да се обезбедат пензиите за генерациите што допрва ќе се пензионираат и како државата да не мора постојано со сè поголеми средства да го покрива јазот во ПИОМ.
На прашањето за нашите соговорници, експерти вработени во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (ФПИОМ), „зошто воопшто се отвора ова прашање“, тие одговараат дека причината е едноставна, но сериозна.
– Пензискиот систем станува сè поскап за државата. Според податоците наведени и официјално од министерот, за пензиите годишно се потребни околу 2,4 милијарди евра, додека од придонесите се собираат околу 1,4 милијарда евра. Разликата од околу една милијарда евра се покрива од државниот буџет. Тоа е значително повеќе отколку во 2023 година, кога јазот беше околу 510 милиони евра. Оттука произлегува и главното прашање на реформата, а тоа е како пензискиот систем да стане финансиски поодржлив без да се загрози сигурноста на пензионерите – брифираат нашите извори, додавајќи дека токму затоа и навреме треба да се отвори и искристализира предизвикот со пензиските фондови и пензиите, во името на граѓаните и пензионерите, во кое и тие би имале активно учество.
Првите пензионери од вториот столб веќе ја покажуваат иднината
Особено е интересен податокот дека веќе има први пензионери што примаат средства и од вториот столб. Станува збор за 147 лица. Кај нив просечната нето-исплата од индивидуалните сметки изнесува 9.878 денари, а просечниот пензиски стаж е 22 години.
– Овие бројки не треба да се толкуваат како конечна слика за успешноста или неуспешноста на вториот столб. Пензиските друштва укажуваат дека станува збор за многу мала група во споредба со она што ќе се случува во иднина, кога ќе почнат масовно да се пензионираат генерациите што цел работен век уплаќале во двата столба. Процените се дека во следните пет до десет години околу 10 проценти од пензионерите би можеле да примаат пензија од двата столба, а за две до две и пол децении нивниот удел би можел да достигне околу половина од сите пензионери – велат нашите соговорници.
Мултифондови, што е тоа?
Една од поконкретните промени што се најавуваат е воведувањето таканаречени мултифондови. Идејата е пензиските заштеди да не се инвестираат според еден ист модел за сите осигуреници, туку да постојат три различни портфолија. И тоа, прво растечко, второ балансирано и трето конзервативно. Нашите соговорници поедноставно го објаснуваат ова размислување.
– Логиката на мултифондовите е релативно едноставна. Имено, помладите луѓе имаат повеќе време до пензија и можат да преземат поголем инвестициски ризик за потенцијално поголем принос. Како што се приближува пензионирањето, средствата би се префрлале кон посигурни инвестиции. Според најавениот модел, лицата до 45 години би можеле да избираат меѓу растечко и балансирано портфолио, оние од 45 до 57 години би ги имале на располагање сите три, а лицата над 57 години би можеле да избираат меѓу балансирано и конзервативно портфолио. За сегашните постари осигуреници ова значи дека промените, доколку бидат усвоени, би биле насочени кон поголема заштита на заштедите во периодот пред пензионирањето – брифираат нашите соговорници. Е.Р.
Можна нова шанса за оние на кои им недостигаат неколку месеци стаж
Една од најконкретните најави може директно да им помогне на луѓето што го достигнале условот за возраст, но немаат доволно стаж за пензија.
Предлогот е лице што има најмалку 13 години стаж да може да ги доплати придонесите за да стигне до законскиот минимум од 15 години. Доплатата би била ограничена на најмногу 24 месеци, а мерката би се однесувала на лица што веќе не се активни осигуреници. Особено е важно што придонесот не би се пресметувал врз целата просечна плата, туку врз половина од просечната плата од претходната година. Но тука треба да се направи една важна разлика. Имено, докупувањето стаж би овозможило стекнување право на пензија, но тоа не значи автоматски и висока пензија. Износот на пензијата и понатаму би зависел од стажот и од платите на кои лицето било осигурено.
А што со старосната граница?
Тука доаѓа најчувствителното прашање. Во анализите со Светската банка, ММФ и владината работна група се разгледува и можноста за промена на старосната граница за пензионирање. Но нема донесена одлука за зголемување на возраста за пензионирање. Самото отворање на ова прашање, сепак, покажува дека реформата што се подготвува може да биде поширока од вториот столб. За идните пензионери тоа може да биде едно од најзначајните прашања: не само колкава пензија ќе добиваат туку и колку долго ќе треба да работат за да ја стекнат. Е.Р.
Најголемата промена можеби нема да ја почувствуваат денешните пензионери
Утрешната пензија се решава денес
Вистинската битка се води за иднината на пензискиот систем. И затоа се мобилизира активно учество на сите општествени фактори, а најмногу од страна на пензионерите што активно се вклучуваат преку своите интересни заедници, а особено на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ), кој има извонредно висок капацитет да даде свој придонес за една функционална, издржана и одржлива системска промена.
– Денешните пензионери имаат право да очекуваат редовна и сигурна исплата. Но денешните вработени сакаат да знаат дали еден ден ќе има доволно пари за нивните пензии, колкав дел ќе доаѓа од ПИОМ, колкав од вториот столб и колку долго ќе треба да работат. Затоа промените во вториот столб, воведувањето мултифондови, можноста за докупување стаж и дебатата за старосната граница не се одделни теми. Сите тие се дел од едно поголемо прашање, а тоа би било како Македонија ќе обезбеди пензиски систем што ќе може да ги исплаќа пензиите и по десет, дваесет и триесет години – велат оттаму.
Државата денес издвојува околу 60 милијарди денари годишно за дофинансирање на пензиите. Ако тој товар продолжи да расте, просторот за други јавни потреби ќе станува сè помал. Затоа реформата е неопходна. Но исто толку е важно таа да биде јасна, постепена и предвидлива, особено за луѓето што со децении издвојувале за својата пензија. За сегашните пензионери најважната порака е дека нема најавено укинување или загрозување на нивните пензии. За идните пензионери, пак, пораката е посериозна. А таа е дека „начинот на кој денес ќе се преуреди пензискиот систем може да ја определи нивната финансиска сигурност утре“. Е.Р.
































