Отворено 14. издание на „ПРО-ЗА Балкан“
Љубовта, границите, стравот, историското паметење и местото на литературата во денешниот свет беа темите за кои писатели од регионот говореа на отворањето на 14. издание на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ синоќа во Музејот на Град Скопје. На отворањето беа претставени седум писатели од регионот и пошироко, меѓу кои и годинашниот добитник на наградата „Прозарт“, српскиот писател Драган Великиќ – еден од најзначајните, најпреведувани и најпрепознатливи современи српски писатели.
Гостите ги поздрави Дејан Трајкоски, основач на фестивалот, а разговорите со писателите ги водеа Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски.
Годинашната фестивалска програма ја сочинуваат автори чии дела се преведени на голем број јазици, но и длабоко вкоренети во своите култури – албанската писателка Дијана Чули, бугарскиот писател и сценарист Николај Терзијски, словенечката романсиерка Габриела Бабник Уатара, британскиот филмски автор и продуцент Мајк Дауни, српската писателка Христина Радовиќ Андриќ, како и домашниот писател Блаже Миневски.
Албанската писателка Дијана Чули се осврна на своите два романа, кои извираат од вистински настани. Нејзиниот прв роман е напишан според вистинска случка од минатото – љубовна приказна меѓу двајца партизани, за која многу се зборувало во Албанија.
– Благодарност до организаторите да се сретнеме на ваков важен фестивал. Пред падот на Берлинскиот ѕид не се познававме едни со други, но потоа се запознавме подобро и тоа е тема на мојот втор роман. Преку едно убиство што се бара низ целиот наш Балкан сакав да покажам колку малку работи нè делат и колку добро се разбираме и сакаме кога седиме сите заедно без да ни пречат други политички влијанија – рече Чули.
Писателката од Албанија, која преведува од италијански и француски јазик, истакна дека тоа влијание се гледа и во нејзиниот сопствен стил.
Бугарскиот писател и сценарист Николај Терзијски, чиј трет роман „Ѕвезди под клепките“ беше преведен на македонски јазик во 2025 година во издание на „Три“, изрази благодарност што по вторпат е во Скопје благодарение на своите книги и творештво.
– „Ѕвезди под клепките“ започна со еден тежок момент за мене, кога го изгубив татко ми. Јас решив да ја раскажам љубовната приказна на мајка ми и татко ми. Ама кога почнав да пишувам, ми дојде да развијам три различни љубовни приказни и ги сместив во 1940-тите, во 1980-тите и во 2020 година. И секоја претходна ја измислува следната. Кога ќе ги затвориме очите, под клепките, гледаме светови, сите ние создаваме светови низ творештвото. Кој е вистинскиот свет – тоа прашање им го поставувам на читателите – рече Терзијски.
Тој се наврати и на потеклото на своето авторско име за блогот што го води од 2014 година.
– Кога почнував да пишувам, направив една страница на интернет што се викаше „Терзилаци“. Тоа е асоцијација со кроењето, но во себе носи и нешто од терзаењето – нешто што те мачи однатре и мораш да го раскажеш, инаку нема да можеш да живееш. И јас така се чувствувам – рече тој.
За добитникот на наградата „Прозарт“ 2026, српскиот писател Драган Великиќ, зборуваше Александар Прокопиев, колега на Великиќ од студентските денови, кој истакна дека уште од првата книга на Великиќ било јасно дека се работи за автентичен книжевен свет и потсети дека двајцата, како студенти, го обожавале писателот Данило Киш.
Тој отвори увид во сопствениот процес на пишување, откривајќи ја строгоста кон себе и бавното темпо со кое создава.
– Тешко ми е да кажам како наоѓам инспирација. Пишувам бавно – за две години пишувам педесет страници. Не дозволувам баналност. Цела палата се руши, а јас сум строг кон себе и мислам дека секоја моја книга треба да ја прочитам барем сто пати. Преводот е последна лектура – рече тој.
Словенечката романсиерка Габриела Бабник Уатара говореше за својот роман „Сушна доба“, преведен на дваесетина јазици, меѓу кои и на јазиците на Мали и Буркина Фасо, земји со петстогодишна книжевна традиција.
Писателот Блаже Миневски зборуваше за својот роман посветен на љубовта на Гоце Делчев, откривајќи дека идејата созревала две децении.
– Ја истражував љубовта на Гоце како новинар и мислев дека може да стане проза, да се раскаже низ чувствата… Тој ѝ дал аманет на Јанка да се вери со неговиот пријател, само ако се родат некакви чувства. И од историска, таа книга излезе приказна за чувствата. Историчарите не се занимаваат со чувствата, така што нека не бараат историски факти во мојот роман – рече Миневски.
Писателката Христина Радовиќ Андриќ зборуваше за својот прв роман „Арјачкиње барјачкиње, кого ќе изберете“, кој излезе од печат лани.
– Книгата е за животот и односите во моето семејство, архетипни мажи и жени – мажот е тој што низ акција станува херој, додека жената и нејзината вредност се прикажани низ пасивност, дека жената мора да трпи. Книгата излезе од некоја моја потреба да ја артикулирам болката што постојано ја ставав настрана. Како да сум се плашела да ги оджалам моите предци. Сакав да покажам колку смрт може да се случи во животот на една жена – рече таа.
































