Фото: Јанез Јанша

Словенечкиот премиер Јанез Јанша најави преструктурирање на јавниот сектор, со кое околу 50.000 вработени постепено би се пренасочиле кон стопанството, објави словенечката новинска агенција СТА.

Тој нагласи дека не станува збор за масовни отпуштања, туку за „меко“ и постепено намалување на бројот на вработените преку природен одлив, пензионирање, непополнување на дел од испразнетите работни места и преминување во приватниот сектор.

Јанша ја претстави замислата на отворањето на 58. Меѓународен саем за можности и соработка (МОС) во Цеље.

Според него, во времето на осамостојувањето на Словенија во јавниот сектор работеле околу 126.000 лица, додека во 2025 година нивниот број достигнал приближно 196.000.

Јанша оцени дека дел од зголемувањето бил оправдан поради поголемите потреби во здравството, социјалната заштита и другите јавни служби. Смета, меѓутоа, дека немало потреба од исто толкаво зголемување на бројот на вработените во државната и јавната администрација.

Како аргумент за пренасочувањето на кадрите го наведе недостигот од работна сила во словенечкото стопанство. Тој рече дека Словенија издала околу 148.000 дозволи за странски работници, но не прецизираше на кој период се однесува бројката. Бројот на издадени дозволи не е ист со бројот на странски работници што моментално работат во земјата.

Јанша не соопшти во кои делови од јавниот сектор има најголем вишок вработени ниту во кој рок би се спровело преструктурирањето. Бројката од 50.000 засега претставува негова политичка цел, а не официјално утврден вишок врз основа на објавена анализа.

Според словенечкиот премиер, промените треба да бидат овозможени преку оптимизирање и дигитализација на работните процеси, како и со поширока употреба на вештачката интелигенција и другите нови технологии.

Тој најави и приспособување на средното и високото образование кон потребите на пазарот на трудот, како и поголемо насочување на учениците и студентите кон дефицитарните професии. Посебно внимание, според него, треба да му се посвети и на доживотното учење.

Словенечкиот министер за економија, труд и спорт Анже Логар беше повнимателен во оцените. Тој не потврди дека во јавниот сектор има 50.000 прекубројни работници, туку нагласи дека најнапред треба да се создаде поволно деловно опкружување во кое стопанството ќе отвора квалитетни работни места.

– Преструктурирањето на јавниот сектор нема да се случи преку ноќ. Најнапред мора да создадеме поволно стопанско опкружување што ќе го поттикнува претприемаштвото и ќе го направи приватниот сектор попривлечен – изјави Логар.

Тој додаде дека евентуалниот вишок вработени мора да се решава во согласност со важечките закони.

Конкретните предлози до крајот на годинава треба да ги подготви Стратешкиот совет за стопанство, предводен од претседателот на словенечкиот Државен совет Марко Лотрич.