Фото: ЕПА

Температурните екстреми стануваат секојдневие

  • Франција летово забележа рекордно високи температури, долги топлотни бранови и голема суша, а климатолозите бараат итна подготовка за идните климатски екстреми

За многумина, ова ќе остане најжешкото лето во нашите животи, барем до следното. На 3 септември, „Метео-Франс“ го потврди она што големото мнозинство Французи и Европејци во текот на изминатите неколку месеци го доживеале: годинашното лето ги сруши сите рекорди и стана најжешкото досега забележано откако започнаа мерењата во 1900 година. Комбинацијата од глобално затоплување предизвикано од човекот и необични антициклонски услови предизвика серија топлотни бранови. Ова имаше катастрофални ефекти врз населението и екосистемите и ја разоткри неподготвеноста на европските земји за климатската криза.
Ова лето оддалеку го надминува претходниот рекорд, поставен во 2003 година. Летово беше забележана просечна температура од 24 Целзиусови степени во јуни, јули и во август (во Франција), во споредба со просекот од 23,1 Целзиусови степени пред дваесет и три години.
– Уривањето на рекордот за речиси еден Целзиусов степен во една сезона е огромно. Обично тоа се сведува на десеттина од степенот – потврдува климатологот Франсоаз Виме, директорка за истражување во Францускиот истражувачки институт за развој.
Франција и голем дел од Западна Европа доживеаја три топлотни брана меѓу 1 јуни и 31 август, вклучувајќи го најинтензивниот досега регистриран (од 17 до 30 јуни) и еден од најдолгите (од 28 јули до 19 август). Французите издржаа невидени педесет и три дена топлотни бранови, далеку надминувајќи ги триесет и трите дена регистрирани во 2022 година. Температурите останаа над сезонските просеци во текот на летото, со само неколку исклучоци. Термометарот достигна или надмина 40 Целзиусови степени во 45 отсто од Франција. Оваа температура беше регистрирана од 178-те метеоролошки станици на „Метео-Франс“, што е двојно повеќе отколку во 2003 година.
– За континентална Франција, овој праг од 40 Целзиусови степени е доста исклучителен. Но гледаме дека станува сè пораспространет и повеќе не е ограничен на одредени области – забележува Вирџини Шварц, извршен директор на „Метео-Франс“.
На пример, за првпат беше регистриран во Стразбур, Марињан (Буш-ди-Рон) и Ноармутје (Ванде), дефинитивно отфрлајќи ја идејата дека одредени региони би можеле да бидат поштедени од глобалното затоплување.
– Ова лето несомнено му ги покажа на населението границите на она што може да го издржи или прифати – смета Франсоаз Виме.

Дефицит на дожд

Летото беше обележано и со особено долга топла сезона со повеќе топлотни бранови што следуваа по исклучително раниот прв топлотен бран кон крајот на мај. Според извештајот на „Метео-Франс“, оваа сезона покажува аномалија од плус пет Целзиусови степени во споредба со просечното лето од прединдустриската ера, од кои приближно 2,4 Целзиусови степени директно се припишуваат на климатските промени предизвикани од човечките активности, особено потрошувачката на јаглен, нафта и гас.
– Ова лето би било практично невозможно без климатските промени. Но тоа е исто така лето што останува ретко во сегашната клима, бидејќи имаше само една од сто шанси да се случи тоа – објаснува за париски „Ле монд“ Вирџини Шварц.
Експертите се обидуваат да разберат зошто неодамнешните лета во Западна Европа беа на горниот крај од опсегот на можни екстреми.
– Кога зборуваме за идните временски настани, генерално зборуваме за просечни екстремни настани – на пример, бројот на денови со топлотен бран што се очекуваат во просек до 2050 година – објаснува Франсоаз Виме.
Климатологот Паскал Јиу за угледниот париски весник „Ле монд“ забележува дека комбинацијата од два временски феномена ги објаснува овие невидени температури: многу интензивен антициклон со седиште над Франција, но и мал систем со низок притисок што се прицврсти западно од оваа воздушна маса и придонесе за понатамошно зголемување на температурата.
– Фактот што овие два феномена се случуваат толку често е невиден и зачудувачки – забележува директорот за истражување во Лабораторијата за климатски и еколошки науки.
Овие интензивни топлотни бранови имаа големи последици, чии ефекти сè уште не се целосно измерени. Во комбинација со многу значителен дефицит на врнежи од дожд (40 отсто под нормалата), овие високи температури доведоа до ниво на сувост на почвата што никогаш порано не е видено во Франција. Второто најсуво лето од 1959 година се случи по една од највлажните зими.
– Го гледаме точно она што го очекуваме со климатските промени: поинтензивни врнежи од дожд во зима со ризици од поплави и значителни дефицити во лето, со сите поврзани ризици – нагласува Вирџини Шварц.
Дождливата пролет што го стимулираше растот на вегетацијата, проследена со топлотни бранови и суша, исто така создаде услови за пожари, кои опустошија површина шест пати поголема од просекот во последните дваесет години. Просечните температурни аномалии достигнаа плус два Целзиусови степени во Ла Манш и 2,8 Целзиусови степени во Медитеранот, со последици за екосистемите. Меѓу другите влијанија, починаа најмалку 7.300 луѓе поради топлината, домови беа уништени, земјоделското производство нагло падна, а голем дел од економијата беше погоден.

Се бара подготвеност за идни екстремни временски појави

Никој не беше подобро подготвен од нас, истакна министерката за еколошка транзиција Моник Барбут, која неодамна потврди дека француската влада се справила со оваа криза, признавајќи дека е потребно да се „обрне поголемо внимание“ на „голем број ситуации“.
– Јасно е дека никој не замислувал таква низа од толку долги и интензивни топлотни бранови. Никој меѓу нашите европски соседи не беше подобро подготвен од нас. Претседателот Емануел Макрон веќе изјави на крајот на јуни дека не можеме да се приспособиме на врв што нема еквивалент во нашата историја – изјави таа за време на презентацијата на извештајот на „Метео-Франс“.
Сепак, овие аргументи не ги убедуваат климатолозите, кои истакнуваат дека приспособувањето кон глобалното затоплување значи прецизно подготвување за екстремните временски појави што доаѓаат, настани што сè уште не сме ги доживеале. Летото 2026 година, иако денес е без преседан, ќе стане почесто во иднина, па дури и би било вообичаено во Франција со зголемување на температурата од четири Целзиусови степени. Но во наредните децении ќе се појават и уште потопли и посуви лета.
– Не се важни само просеците туку и екстремните температури – нагласува Вирџини Шварц.
Моник Барбут изјави дека е потребно да се „подготвиме за летото 2027 година како да ќе биде исто“, како и годинашното лето, за да се избегне „повторување на историјата“. Се очекува министерката да презентира предлози во септември за забрзување на имплементацијата на постојните решенија за адаптација и за подобра заштита на шумите, како и „петгодишна инвестициска програма со трошоци и финансирање“. Таа, исто така, има намера да собере широк спектар на засегнати страни за да се осигури дека „сите јавни политики се дизајнирани имајќи го предвид глобалното затоплување“.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција