Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп укинала, замрзнала или одложила федерални грантови во вредност до 177 милијарди долари од почетокот на неговиот втор мандат, покажува анализата на проектот „Лост фандс“ (Lost Funds).
Најпогодено е финансирањето во здравството, исхраната, заштитата на животната средина и помошта при катастрофи, објави „Асошиејтед прес“.
Проектот е заедничка иницијатива на непрофитната организација „Стејтс јунајтед демокраси сентер“ (States United Democracy Center) и „Грант витнес“ (Grant Witness), група научници, истражувачи и правници што ги следат промените во федералното финансирање за време на администрацијата на Трамп.
Според нивните податоци, прекините во финансирањето ги погодиле сите 50 американски сојузни држави и Дистриктот Колумбија. Меѓу засегнатите програми се грантови за заштита на здравјето на мајките во Мичиген, истражувања во образованието во Мисисипи и помош за земјоделците од малцинските заедници во Ајова.
Најголем износ на прекинато финансирање е регистриран во Калифорнија, Тексас, Њујорк, Илиноис и Северна Каролина. Повеќе од 20.000 локални власти, училишни управи, истражувачки институции, деловни здруженија и други корисници биле засегнати од промените.
Според пресметката на двете организации, 177 милијарди долари се приближно еднакви на десет проценти од годишните дискрециони расходи на американската федерална влада.
– Овој проект го покажува извонредниот обем и вистинското влијание на прекините врз луѓето, како и фактот дека сојузните држави повторно се на првата линија во заштитата на своите жители – изјави директорката за истражување во организацијата, Кели Рејдер.
Податоците не означуваат дека целиот износ е трајно изгубен. Базата опфаќа формално укинати грантови, замрзнати средства до кои корисниците не можат да пристапат, како и забавено или одложено доделување пари. Дел од финансирањето во меѓувреме е обновено по судски постапки.
Анализата главно се темели на официјалната американска база за федерални расходи „Ју-ес-еј спендинг“ (USAspending.gov), судски документи, одлуки на федералните агенции и претходните нивоа на финансирање. Базата треба редовно да се ажурира во зависност од новите одлуки на администрацијата и исходот од судските спорови.
„Асошиејтед прес“ побарало коментар од Белата куќа, но до објавувањето на информацијата не добило одговор.
































