Изложбата „Раселени/Фрагменти од сеќавањето“ на Тања Балаќ во МАНУ

Изложбата „Раселени/Фрагменти од сеќавањето“ на академската уметница Тања Балаќ ќе биде отворена вечерва, со почеток во 20 часот, во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Станува збор за продолжение на уметничкиот циклус „Раселени“, низ нова серија слики и цртежи во кои темите на раселеноста, отсутноста, идентитетот и меморијата добиваат нови визуелни и концептуални значења.
– Сеќавањето не е архив. Тоа е простор што постојано се менува. Во новите дела, меморијата не е претставена како фиксен запис на минатото, туку како жива и нестабилна структура во која личното и колективното постојано се препишуваат. Фрагментот не се појавува како остаток, туку како форма на паметење – како трага од нешто што било присутно и продолжува да живее во свеста, во телото и во погледот. Преку лицето, телото, отсутноста и трагата, Балаќ го продолжува своето истражување на човекот во состојба на поместеност. Ако првичниот циклус „Раселени“ ја отвораше темата на физичката и егзистенцијалната раселеност, „Фрагменти од сеќавањето“ го поместува фокусот кон внатрешниот простор на меморијата, кон она што човекот го носи со себе и она што останува откако местото, времето или чувството на припадност се променети – се вели во најавата за изложбата.

Изложбата претставува ново поглавје во ова долгогодишно истражување, дополнето со нови дела, кои не ја повторуваат првичната поставка, туку ја продолжуваат и ја преиспитуваат нејзината основна идеја. Со оваа поставка, Тања Балаќ повторно го поставува прашањето што останува од едно искуство кога неговиот настан веќе завршил и како личната меморија станува простор во кој исчезнатото продолжува да постои.
Циклусот „Раселени“ досега беше претставен во Стразбур и Загреб, а изложбата во МАНУ носи нов корпус дела и ново читање на темата. Изложбата ќе ја отвори академик Владa Урошевиќ, а за уметничкиот циклус „Раселени“, неговиот развој и новата фаза „Фрагменти од сеќавањето“ ќе говори Кирил Пенушлиски, кој учествуваше и во првото претставување на циклусот.
Тања Балаќ (р. 1968 година, Скопје) во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006 до 2013 година и негова претседателка. Меѓу многубројните професионални посети надвор од границите на Македонија остварува студиската посета во Париз во 2003 година. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видеоуметност.