Хашим Тачи \ Фото: ЕПА

Специјалниот суд во Хаг денеска треба да ја изречат првостепената пресуда за поранешниот косовски претседател и премиер Хашим Тачи и за уште тројца поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

Покрај Тачи, пресудата се однесува и на Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Обвинителството побара секој од четворицата да биде осуден на 45 години затвор.

Изрекувањето на пресудата е закажано за 10 часот и ќе се пренесува преку интернет на албански, англиски и српски јазик, со десетминутно задоцнување, соопштија Специјализираните совети.

Четворицата обвинети беа меѓу политичките и воените водачи на ОВК за време на војната во Косово, а по нејзиното завршување извршуваа високи функции во косовските институции. Тачи беше премиер кога Косово прогласи независност во 2008 година, а подоцна стана претседател.

Првичното обвинение против нив беше потврдено во октомври 2020 година, по што четворицата беа префрлени во притворот на Специјализираните совети во Хаг. Судењето почна на 3 април 2023 година, а доказната постапка заврши на 18 декември 2025 година.

Во текот на процесот пред судот сведочеа 134 лица – 125 повикани од обвинителството, двајца од застапниците на жртвите и седуммина од одбраната. Завршните зборови беа одржани во февруари годинава.

Секој од обвинетите се товари за шест точки за злосторства против човештвото – прогон, затворање, други нечовечки постапки, тортура, убиства и присилно исчезнување – како и за четири точки за воени злосторства.

Според обвинението, злосторствата биле извршени од најмалку март 1998 до септември 1999 година на повеќе локации во Косово и во северна Албанија. Жртвите биле цивили и други лица што не учествувале во непријателствата, а биле сметани за противници на ОВК или за соработници на српските сили.

Обвинителството тврди дека повеќе од 100 политички противници и лица осомничени за соработка со српските безбедносни сили биле убиени од припадници на ОВК.

Четворицата ги отфрлија сите обвиненија и се изјаснија за невини. Одбраната на Тачи тврди дека не постојат докази што директно го поврзуваат со конкретните злосторства ниту дека имал контрола врз другите команданти на ОВК.

Во Приштина и во повеќе други градови на Косово се поставени големи екрани на кои граѓаните ќе можат да го следат изрекувањето на пресудата. На главните улици се истакнати знамиња на ОВК и портрети на обвинетите, кои голем број косовски Албанци ги сметаат за национални херои.

Косовската полиција соопшти дека се преземени безбедносни мерки во координација со меѓународните мировни сили. Амбасадите на САД и на неколку други држави ги повикаа своите граѓани да избегнуваат поголеми собири.

Во училиштата во општина Грачаница, кои работат според наставната програма на Министерството за образование на Србија, денешната настава ќе се одвива преку интернет, објави Радио Ким. Медицинскиот и Техничкиот факултет на Универзитетот во Приштина со седиште во Северна Митровица ги одложија испитите закажани за денеска.