Фото: ЕПА

Повод: Објавата на американскиот претседател за постигнато енергетско примирје помеѓу Украина и Русија

  • Вашингтон турка договор за запирање на нападите врз енергетската инфраструктура, Киев бара гаранции дека Москва ќе го почитува таканареченото енергетско примирје, а Кремљ ја поздравува иницијативата. Но, на сето тоа, засега енергетските пазари остануваат скептични…

Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека Украина и Русија се согласиле да ги прекинат меѓусебните напади врз енергетската инфраструктура, што отвора можност за ново, ограничено примирје во руско-украинската војна, но без официјална потврда од Киев и Москва. Додека Украина бара гаранции дека Русија навистина ќе се воздржи од напади, Кремљ ја поздравува иницијативата на Вашингтон, претворајќи го енергетското прашање во уште еден тест за подготвеноста на сите вклучени страни за преговори.
Но, за жал, сѐ уште високите цени на горивата и неизвесноста на енергетските пазари се резистентни на чекорите за политичко подобрување на амбиентот. Токму тоа му создава дополнителен политички притисок на Трамп, кој се обидува дипломатскиот ангажман околу Украина да го претстави и како одговор на економските проблеми што ги чувствуваат американските граѓани.
– Украина се согласи да не ги напаѓа руските енергетски цели. Русија се согласи да го стори истото тоа – напиша Трамп во понеделникот на неговата платформа Трут сошл, соопштувајќи можност за своевидно енергетско примирје помеѓу завојуваните страни, но неговата објава за постигнат договор не наиде на официјална потврда ниту од Киев ниту од Москва.
Американскиот лидер ја посочи војната во Украина како главна причина за порастот на глобалните цени на дизелот, а не оружениот конфликт што САД и Израел го водат против Иран. Трамп претходно побара од украинскиот претседател Володимир Зеленски да престане да ја напаѓа руската енергетска инфраструктура, наведувајќи дека нападите предизвикуваат недостиг од гориво што „му штети на светот“.
Бранот украински напади со беспилотни летала со голем дострел врз руски рафинерии за нафта во текот на изминатите месеци го намалија производството на гориво во Русија, предизвикувајќи недостиг од гориво, вклучувајќи го и бензинот, низ целата земја, според западни извори.

Украина бара руски гаранции, Москва го поздравува повикот на Трамп

Објавата на Трамп изгледаше како преуранета, пред каков било официјален договор меѓу завојуваните страни, со што навидум ги изненади украинските власти. Украинскиот претседател Володимир Зеленски одговори дека сè уште е потребна поддршка од партнерите на Киев за да се гарантира дека Русија ќе го испочитува својот дел од кој било договор.
– Ако партнерите се подготвени да ја потврдат вистинската желба на Русија да не ги напаѓа нашите капацитети за електрична енергија, другите енергетски објекти, критичната инфраструктура или транспортот на храна, тогаш ние, се разбира, сме подготвени да обезбедиме соодветно воздржување од наши напади – напиша украинскиот претседател на социјалната мрежа Телеграм, додавајќи оти „Украина не е убедена дека Русија има желба да се придржува до каков било договор“.
Кремљ во понеделникот го поздрави повикот на Трамп до Украина да ги запре нападите врз руските капацитети за производство на дизел, притоа додавајќи дека превирањата на глобалните пазари на енергенти главно се должат на конфликтот во регионот на Заливот.
– Секој повик упатен до режимот во Киев да престане со нападите врз цивилната економска инфраструктура може само да се поздрави – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Toj исто така рече дека состојбата на глобалните енергетски пазари се влошува главно поради „нестабилноста и новите бранови на ескалација во регионот на Персискиот Залив“, како и дека забраната за извоз на дизел треба да помогне во зајакнувањето на домашниот пазар во Русија.
Официјални лица директно вклучени во мировните преговори меѓу САД, Украина и Русија изјавија за „Фајненшл тајмс“ дека прекинот на огнот врз енергетските објекти веќе подолго време бил предмет на дискусија меѓу страните опфатени во преговорите – првично за време на трилатералните средби, а по нивниот прекин во февруари, и преку одделни состаноци и тајни канали за комуникација.
Според овие официјални лица, Украина со месеци вршела притисок врз Русија да се согласи на реципрочна пауза во нападите врз енергетските објекти, како и врз пристаништата и другата критична инфраструктура. Според нив, сепак Москва не покажала интерес, одбивајќи ги иницијативите на Киев и, наместо тоа, ги интензивирала нападите.
Лице запознаено со ставот на Русија потврди дека Москва и Киев ги обновиле разговорите за можен енергетски прекин на огнот. Но извори запознаени со размислувањата во Кремљ велат дека рускиот претседател Владимир Путин не е склон кон склучување договор пред зимата, бидејќи смета дека нападите врз украинската енергетска инфраструктура би можеле да го зголемат притисокот врз Киев да направи отстапки.

Пазарите засега немаат верба во оптимистичката објава на американскиот претседател

Пазарите главно не му придадоа големо значење на тврдењето на Трамп. Фјучерсите за дизелот ги намалија добивките по неговата објава за време на нестабилното тргување, но сепак бележат дневен пораст од околу еден отсто, а малопродажните цени во САД остануваат на рекордните нивоа.
– За мене би било многу посигурно да ја слушнам таа информација од Украина и Русија отколку од Трамп – изјави Рејчел Зимба, виша соработничка во Центарот за нова американска безбедност со седиште во Вашингтон.
Анализата на украинскиот институт КСЕ, споделена со „Фајненшл тајмс“, покажала дека војната меѓу САД и Иран имала многу поголемо влијание врз глобалното снабдување со дизел и гасно масло отколку украинските напади со беспилотни летала. Според процените, извозот од Персискиот Залив опаднал за 152 милиони барели во периодот од март до август, во споредба со падот од 68 милиони барели на рускиот извоз во истиот период.
– Според тоа, кумулативната загуба од Персискиот Залив беше околу 2,2 пати поголема – се наведува во анализата.
Според компанијата за енергетска аналитика „Вортекса“, Русија е вториот најголем извозник на дизел во светот, иако Блискиот Исток е уште поголем извозник на ова гориво. Хамад Хусеин, економист во „Капитал економикс“, изјави дека загубата на капацитети за преработка на нафта на Блискиот Исток „значи дека цените на преработените производи ќе останат високи“.
Потенцијалните економски последици се огромни. Додека повеќето американски возачи најмногу внимаваат на цената на безоловниот бензин – кој исто така поскапе за 54 отсто во однос на најниското ниво во јануари – дизелот е клучен извор на енергија за камионите за долги релации, товарните возови и земјоделската механизација. Високите цени на горивото ги намалуваат приходите и ги принудуваат сопствениците на бизниси да ги зголемат цените на стоките, што дополнително ги засилува грижите за трошоците за живот, кои веќе претставуваат товар за Републиканската партија.

Цените на енергентите се голем политички товар за Трамп

Двајца високи украински функционери изјавија за „Фајненшл тајмс“ дека сметаат оти Трамп сакал да ѝ покаже на американската јавност, која е незадоволна од високите цени на горивото, оти тој работи на нивно намалување. Претходните обиди на САД да посредуваат за прекин на огнот врз енергетската инфраструктура беа неуспешни.
Дизелот стана политички товар за американскиот претседател, бидејќи штетите на инфраструктурата предизвикани од војната со Иран и конфликтот меѓу Русија и Украина го ограничуваат снабдувањето, туркајќи ги цените до невидени нивоа во САД.
Трамп се соочува со тешкотии во обидот да стави крај на војната во Украина, иако вети дека ќе го запре конфликтот уште првиот ден од својот втор мандат. За американскиот лидер, ова прашање претставува политички ризик пред ноемвриските избори на средината на мандатот, кои ќе одлучат кој ќе има контрола врз Претставничкиот дом и Сенатот на САД. Р.С.