(15 години „Македонски манифест“)
Една ноќ порабена со црн и црвен македонски судбински конец, како во „Везилка“ на Конески, пред 15 години седиме со Фимка и разговараме за угрозата што ја демне Македонија од сите страни однадвор и однатре. И во тој тревожен разговор „да се биде или да не се биде“, Фимка ја исфрла како од катапулт идејата за македонски манифест, ја формира групата од наши пријатели, јас се приклучувам и така почнува приказната за нашата борба против хиените што се навртеле околу нашето име. „Слобода или смрт“. Почнавме со концерт во јуни 2008 кај Камени мост крај Вардар. Почнавме, драг читателу, со песна и оро, најмоќните шифри за опстојба на нашиот народ, со симболот на Свадбата што го имала секогаш за нас значењето на Христовото воскресение, победа над смртта и венчавање на небото и земјата со вечноста. Почнавме во јуни, месецот полн со венчални ружи, кои и не слутеа дека во истиот тој месец по десет години ќе бидат, наместо на свадба и пред олтар, однесени во мртовечница и на закоп. Тоа се случи на 17 јуни 2018 во свечено темно обредно присуство на западните гробари заедно и со нашите домашни смртоносци, во преден план Заев и Димитров, мрачните политички креатури, сјајни модели за капричата на Франциско Гоја.
За целиот тој период од 2008 до кобната Преспа 2018, драг читателу, „Македонски манифест“ се бореше со целата душа и срце да не се случи таа трагедија. Но се случи. Со силеџиската промена на името, Македонците беа идентитетски погубени и ставени во гробница од која тешко се излегува. Ликуваа западните, но и домашните ликвидатори предавници, кои, како што велеше и Гоце ги нема во толку голем број никаде во светот. И се покажа дека нив кај нас ги има во изобилство не само во политичката, но и во „интелектуалната“ елита, во медиумите, институтите, невладините, универзитетот, академијата, па како што се покажа во последно време и во Синодот. За жал. Квислинзи немаше само, како што би рекол Конески, во низините кај обичниот простосрдечен народ, кој е чиста јатка без лушпа и кора, чисто злато, па затоа и најмногу ранлива и незаштитена. Есенција на идентитетот. Тоа, драг читателу, го знаевме сите од Манифестот, па токму затоа нашата активност беше најмногу сосредоточена во низините кај народот, кој секогаш божествено го чувал, па и сега по трагичната Преспа, вечниот оган на идентитетот. Затоа што тој не е кај него некој вид интелектуална, академска категорија, туку чиста онтолошка внатрешна есенција. Нему не му треба да му се држат интелектуални предавања што е тоа, дали менувањето на името е само обична невина операција за подобро утре и влез во расипаната цивилизација, која има купишта пари од нејзиниот колонијалистички авантуризам, па ќе нè усреќи и нас со нив. Не. Битието на нашиот простосрдечен народски човек за разлика од она на политичката и лажната интелектуална елита е полно со скапоцено злато на идентитетот. Тоа го поседува вродениот природен инстинкт за него и секогаш непогрешливо ја чувствува неговата угроза и пред да се случи таа.
Ете затоа ние од Манифестот се движевме, имено, меѓу народот, а не меѓу партиите, партиските и божемните интелектуалци, патриоти, заседнати тромаво и удобно како посебни архипримероци од Галапагос во разноразни универзитетски, академски и институционални фотелји. Некои од нив додуша за да си ја смират совеста ќе потпишеа пилатовски по некоја декларација, демек за одбрана на името, и толку. Секое чудо за три дена. Па добро, ќе речеш сега, драг читателу, да не претерувам малку со самопофалби. Се сложувам, така звучи, но тоа го говорам не како фалба, туку како очај затоа што бевме толку многу рамнодушни кон опасноста што како катастрофа што се приближува со секоја секунда чукаше од врата на врата на секоја македонска куќа, а само обичниот човек исполнет со духот на предците и прапредците ја чувствуваше неа и трепереше во јанѕа. Па, еве, на пример, и ние писателите ја преспавме оваа катастрофа, иако по дефиниција писателот, како што е тоа сегде познато, е меѓу првите задолжен за тревога и одбрана на идентитетот, особено и кога станува збор за ликвидација на неговиот главен столб Името. А ние целосно потфрливме, приклонувајќи ѝ се по линија на помал отпор на филозофијата на глушецот и дупката, наместо на филозофијата на чучулигата што пее во срцето на бурата.
Манифестот добро ја знаеше психологијата на комотните партиско-политички елити, како и на интелектуалната и полуинтелектуалната, па затоа со целиот свој елан се приклони кон обичниот народ од кого црпи во синергија со него вера, љубов и енергија, оти нив ги имаше во полн сјај единствено кај него. А тој народ исто така длабоко му веруваше на Манифестот, и само тој како сведок може и да го потврди тоа. Тој не веруваше, за разлика од другите, кога го објавивме прогласот за катастрофата што нè очекува, а која се вика идентитетски геноцид смислен од Брисел и Вашингтон во соработка со нивните пријатели балканските предатори Грција и Бугарија, како и со домашната квислиншка влада на Заев специјално поставена за таа задача. Неа сега ја дозавршува неговата копија извадена од неговата муртинска копирница како негов верен, иако прилично помрачен од него холограм.
И колку што ми е познато, драг читателу, манифестот прв говореше и предупредуваше на опасноста од идентитетскиот геноцид, најстрашната од сите видови смрт за една индивидуа или колектив. А всушност и пред смртоносниот Преспански договор тој геноцид беше засведочен без алтернатива во еден европски, бриселски документ. Тоа беше европската, на ЕУ, нацифашистичка Лисабонска декларација во која беше киднапирано и усмртено нашето име. Но и тој нацифашистички европски документ беше премолчен од нашата интелектуална елита. Доколку и е интелектуална, оти за тоа, како што вели Сартр е повеќе потребен, многу повеќе, карактерен, етички капацитет, отколку диплома и некаковси формален празен поим интелект. Но народот, обичниот човек сè тоа одлично го сфаќаше, чувствуваше и реагираше бихевиористички par excellence на таа болна дразба на битието. Тоа можевме убаво да го забележиме, бидејќи и ние така реагиравме, на нашите директни средби со него на плоштади и во преполни сали на нашите дебати за катастрофата во Охрид, Битола, Пробиштип, Крива Паланка, Kавадарци, Кочани, Кратово, Неготино, Валандово, Гевгелија…
Се боревме катадневно. Од џеб си плаќавме бензин за пат и сè друго потребно. Не баравме од дијаспората во која Манифестот имаше и има голем авторитет, а која беше смукана од некои наши партиски групи и „патриоти“. Тоа ми го кажуваа, кога гостував на нивна покана, нашите Македонци во Торонто во Канада. Еднаш ни се јави од дијаспората и еден наш милијардер, кој ни нудеше и поголема сума пари за да основаме партија. Но ние само му се заблагодаривме и толку. Му рековме дека ние се бориме против нивниот лажен патриотизам. Само ни го финансираше печатењето на првата од четирите книги колку што ги подготвивме како сведоштво за нашиот напор досега. Се потпревме само на својата сиромаштија, вера, дух и љубов, како што ги учеше и Исус апостолите: Одете и ширете го Словото на љубовта и верата. Ако некој ви отвори врата и ве понуди со леб земете, а ако не истресете ја правта од сандалите пред неговиот праг.
Некои доаѓаа, а некои повремено си одеа од Манифестот, но никогаш тоа не беше резултат на криза. Секогаш остануваше јатката чиста како дијамант. Некои бараа радикализам, иако нашето Слово имено беше такво. Бараа радикална акција надвор од духовната, без да знаат дека, ако сакаат, таа е индивидуален акт, за што е можеби најдобар пример меѓу примерите примерот на Јан Палах, кој ни го даде на показ клучот со кој се отвора вратата на вечната слобода. Некои пак се чудеа кои сме ние и како тоа се осмелуваме толку грубо да го напаѓаме ЕУ и НАТО. Повеќе смешно отколку чудно. А некои, имаше понекој и таков, бараа од нас дозвола за атентат, па потоа сите до еден да нè доиспозатворат. Итн.
Но самиот Господ нè чувал за да продолжиме да се бориме иако ти, драг читателу, прашаш сепак што направи манифестот конкретно кога се случи идентитетската смрт. А јас ти велам: не бркај во раната како Тома во раните на Христос за да поверува. Тома неверниот, архетипскиот светец на западната томинска цивилизација. Да, од аспект на крајниот резултат на катастрофата ништо конкретно не сторивме. Само како осамени донкихоти јававме на работ од македонската бездна на смртта, се боревме со облаци и сеништа, илузионисти дека ќе победиме во битката со пофашизената кон нас Империја и во пресметката со купишта намножени предавници кај нас. Се боревме со облаци и грди сеништа, и сè уште се бориме верувајќи како и Достоевски дека Убавината ќе го спаси светот од нацифашистичките чудовишта. Како што веруваше и нашиот Рацин дека Белите мугри се пред прагот на измаченото црнотрудово човештво и само што не го огреале со силно светнатиот ден на сечовечката пролетерска љубов и среќа. Ама не било пишано тоа ни за човештвото, ни за неговиот народ што го ставија во идентитетска гробница во Преспа. И благодарение не само на квислингот Заев туку и на целата негова партија што штедро учествуваше во тој геноцид над својот народ, и сè уште учествува, сега со неговиот непроѕирен и темен двојник.
Сепак, драг читателу, нема запирање, оти Македонците секогаш, како Исус, смртта со смрт ја победувала и преобразувала во живот. Порано или подоцна, макар и по столетие, тоа ќе го направат и сега. Белки илјадниците македонски невести ќе зачнат и ќе родат некој нов Гоце или Јане да ја раскине мрежата на меланхолијата, збунетоста и обесхрабреноста што нè зафатила и налегнала како тешка мора и повторно ќе го развее над гробницата во Преспа знамето „Слобода или смрт“.