Демистификација на софиската хистерија за бугарските пасоши на македонски државјани!

Тодор Петров

Бугарија, во режимот на специјална војна против Македонија – од држава да стане територија без македонски народ и историја чиј администратор покрај Атина ќе биде и Софија, сѐ почесто лицитира со бројот на македонски државјани со бугарски пасоши, сакајќи пред светот и Европската Унија да покаже и докаже дека Македонците се Бугари, а македонизмот е антибугарска и антидемократска идеологија, тој не смее да влезе во Европската Унија. Но, дали е баш така?

Во Бугарија е забрането двојно државјанство, но, барем засега, за Бугари по потекло забрана за двојно државјанство нема. Привилегирани се Македонците што Софија сака да ги „десрбизира“ под мајка Бугарија.

Притоа не смее да се заборави дека: Уставот на Бугарија не признава „етнички Бугари“, а во биометриските лични исправи (пасоши и лични карти според глобалните стандарди на Агенцијата на ООН за цивилно воздухопловство, International Civil Aviation Organization – ICAO, воведени од 2004 година, во Македонија од 2007 година), нема графа за „етничко потекло“ туку само за „државјанство“! Nationality doesn’t mean ethnicity! Националноста односно државјанството не значи етничко потекло!
Патем, меѓу Македонија и Бугарија нема договор за двојно државјанство. Зошто? Затоа што Софија ги смета Македонците за Бугари, а македонскиот јазик за дијалект на бугарскиот јазик или за бугарска литературна норма на западните дијалекти.
Во Бугарија во сила е Уставот од 13 јули 1991 година, во чија преамбула се наведува: „Ние, претставниците на Седмото големо народно собрание, во стремежот да ја изразиме волјата на бугарскиот народ, преку прогласување на нашата верност кон универзалните човечки вредности: слобода, мир, хуманизам, еднаквост, правда и толеранција; преку воздигнување на правата на поединецот, неговото достоинство и безбедност како врховен принцип; свесни за нашата неотповиклива должност да го зачуваме националното и државното единство на Бугарија, ја прогласуваме нашата решеност да создадеме демократска, правна и социјална држава, за што го усвојуваме овој УСТАВ…“

На прашањето од македонска страна: Ако Софија бара Бугари во Уставот на Македонија, зошто не реципроцитетно и Македонци во Уставот на Бугарија?, одговорот на официјална Софија е дека македонскиот устав бил национален, а бугарскиот граѓански. Во македонскиот устав се спомнувале повеќе „делови на народи“, а во бугарскиот устав се зборува само за граѓани. Одговорот секако е неоснован и лицемерен, затоа што сите држави истовремено се и национални и граѓански. Во светот нема анационални држави! Имено, државите се национални бидејќи нацијата е синоним за држава и затоа националност (nationality) во биометриските лични исправи не значи етничко потекло, туку државјанство! А, државите се граѓански бидејќи сите се еднакви пред Уставот и законите, независно од етничкото потекло, верското уверување, социјалниот статус, општествената положба и партиската припадност. На дополнителното прашање од македонска страна, а зошто во бугарскиот устав во преамбулата се спомнува бугарскиот народ, одговорот на Софија е дека во преамбулата „бугарскиот народ“ е во смисла на демос – сите граѓани заедно, а не како етнос, уставниот институт „бугарски народ“ не значи „етнички Бугари“! Затоа, Софија вели: Во Бугарија сите се Бугари! Како што во Франција сите се Французи или во Германија сите се Германци итн. Името на државата е идентитетот на нацијата, затоа националноста по автоматизам произлегува од името на државата!

Ако е така и ако бугарски народ во Уставот на Република Бугарија значи демос а не етнос, неприфатливо е впишување на бугарски граѓани, односно бугарски државјани, односно Бугари или македонски Бугари во Уставот на државата Македонија, затоа што Македонија не е дел од бугарската држава односно државата Бугарија! Импликациите од впишување се далекосежни и катастрофални, имајќи предвид дека во Собранието на Бугарија отворено се зборува за Македонија како втора бугарска држава и за обединување на Македонија со Бугарија или обединување на дел од Македонија со Бугарија по нејзината поделба помеѓу Албанија и Бугарија! Уште се свежи сеќавањата од Милошевиќ и Мицотакис, кои своевремено цртаа српско-грчка граница во Македонија…

Во Македонија сите се еднакви пред Уставот и законите, во Македонија важи меѓународното право. Наспроти Македонија, Бугарија не спроведува 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур по тужби од бугарски државјани – етнички Македонци по потекло, затоа што Софија не ги признава Македонците. Од Балканските војни 1912-1913 година, Првата и Втората светска војна, Македонците биле под режим на геноцид и етничко чистење, индоктринација и денационализација. И секако, Македонија во Втората светска војна била под нацифашистичка бугарска окупација, затоа што Бугарија била дел од тројниот пакт Берлин-Рим-Токио! Софија извршила депортација на 7.144 Евреи од Македонија во нацистичкиот концлогор Треблинка во окупирана Полска, од каде што никој не се вратил назад во Македонија! Меѓутоа, и покрај историјата и вистината, Софија сака во Втората светска војна да се претстави не како окупатор, туку како администратор во Македонија. Наводно во Македонија се водела идеолошка борба помеѓу левите и десните сили, помеѓу нив биле жртвите, а не меѓу македонските партизани и бугарските нацифашисти!
Изјавите на македонски државјани пред Државната агенцијата за Бугарите во странство дека се Бугари по потекло, а за прием во бугарско државјанство, е интерна документација, нема статус на јавна исправа! Јавна исправа се личните исправи во кои нема графа за „етничко потекло“ туку за „државјанство“. Како и за сите во светот, така и за Македонија важи правилото: За македонските државјани во Македонија важи само македонското државјанство!

Софија и политичките елити во Бугарија живеат во илузија дека изјавите на македонските државјани пред надлежните државни органи на Бугарија – Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда и Државната агенција за Бугарите во странство – се јавни исправи и релевантни списи што потврдуваат „етнички Бугари“ во Бугарија. Забораваат дека бугарски народ во Уставот на Бугарија е синоним за демос – сите граѓани заедно, независно од етничкото потекло! Впрочем, затоа, „бугарско прашање“ во Македонија, Албанија и Косово НЕМА! А, никој во Македонија не му врши дискриминација никому по основ на неговата етничка декларација, која патем и не е трајна, туку со привремена употреба, бидејќи подлежи на лична изјава што може да се менува, последната лична изјава е релевантна!
Да бидеме попрецизни: Изјавите за „етничко потекло“ на македонски државјани пред бугарските надлежни органи во постапка за прием на бугарско државјанство се интерна документација само во Република Бугарија, таа нема важност никаде во светот, уште помалку во државата Македонија. Валидни документи се само бугарските биометриски лични исправи – бугарска лична карта и бугарски пасош. Соодветно, за македонските државјани со бугарско државјанство во Македонија важат само македонските биометриски лични исправи – македонската лична карта и македонскиот пасош, каде што повторно не пишува „етничко потекло“ туку само „државјанство“! Етничкото потекло е лична изјава и лично се декларира за време на попис пред надлежните пописни органи на државата Македонија. Изјавите на македонските државјани со бугарски пасоши за нивното етничко потекло не важат во Македонија, а Бугарија може да ги попише само ако за време на попис бидат присутни на домашна адреса во Бугарија и пак од нив зависи како ќе се декларираат, може и со бугарски пасош пак да се декларираат за Македонци, независно како изјавиле во функција да го добијат бугарското државјанство!

Неколку милиони Македонците живеат надвор од границите на државата Македонија. 500.000 австралиски државјани со македонско потекло не значи дека Македонија е држава на австралискиот народ! 500.000 американски државјани со македонско потекло не значи дека Македонија е држава на американскиот народ! 500.000 канадски државјани со македонско потекло не значи дека Македонија е држава на канадскиот народ! 300.000 германски државјани со македонско потекло не значи дека Македонија е држава на германскиот народ!

Ова се толку очигледни небулози на Софија во „тврдењата“ дека неколку стотини илјади македонски државјани со бугарски пасоши ја прават државата Македонија втора бугарска држава! А, што ако во Бугарија има 300.000 бугарски државјани со македонски пасоши, обратнопропорционално! Македонија тие податоци јавно не ги лицитира! Особено што македонски државјани не значи само етнички Македонци. Бугарско државјанство Софија им давала и на етнички Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци и други. Тоа што Софија бугарското државјанство го направи бизнис со висока корупција не е проблем на Македонија, туку на бугарската полиција и судови! Со продажба на бугарски пасоши, луѓе во Бугарија станаа милионери, посредниците во Македонија, Албанија, Косово и Бугарија исто така. Во Албанија, со поткуп, месни административни работници давале потврди дека конкретното лице е Бугарин по потекло, затоа Софија се фали со Бугари во месностите каде што отсекогаш живееле Македонци!

Има тука и едно логично прашање: Ако за Софија Македонците се Бугари, зошто по автоматизам не им дава бугарско државјанство, туку им бара документација како доказ за потеклото?! Демек Македонците муслимани не можеле да ги препознаат, па затоа им барале корпус деликти, потврди од неколку бугарски здруженија, изводи на родените од црковни книги итн.

Демагогија и лаги се изјавите на софиските „мегафони“ и платеници во Македонија дека неколку стотини илјади македонски државјани со бугарски пасоши се право на Бугарија да бара нивна заштита во државата Македонија. За Македонија, Бугари се само тие македонски државјани што така се попишале на попис на населението во државата Македонија!

А, сите етнички заедници и не мора да бидат впишани во Уставот, што не значи дека се дискриминирани. Хрватите и Црногорците имаат „матични“ држави како делови на своите народи – хрватскиот и црногорскиот народ, ама државите Хрватска и Црна Гора ги признаваат Македонија, Македонците и македонскиот јазик! Во Македонија живеат припадници и на руската заедница, припадници на украинската заедница, зошто и тие не во Уставот на државата Македонија?

Ама Софија бара впишување на „делот од бугарскиот народ“ во Уставот на државата Македонија како државотворен народ, притоа со јасни декларации во Собранието и пред Европската Унија дека Македонците се Бугари, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, дека во Втората светска војна Бугарите во Македонија не биле окупатори што вршеле злосторства, туку администратори, дека историјата на Македонија до 1944 година е бугарска, бараат ревизија на учебниците, спомениците, музеите, гробовите, архивите… Сето ова поради демонтажа на македонската држава. Под такви услови, спротивно на основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост, безусловно мора да се отфрли барањето на Софија за впишување Бугари во преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот на државата Македонија. Бугарите во Македонија не се предмет на дискриминација, ги имаат сите права и слободи како и сите преостанати!

Нека не се заборава дека, во Уставот на државата Македонија, Бугарите нема да бидат впишани како бугарско малцинство, туку како „дел од бугарскиот народ“. Уставот од 1946 година третираше македонски народ како носител на државноста и национални малцинства. Во Уставот од 1963 година се користи терминот национални малцинства – народности. Во Уставот од 1974 година се зборува само за народности. Во Уставот од 1991 година народностите стануваат националности, а од 2001 година националностите во преамбулата стануваат „делови од народи“, а во нормативниот дел заедници. И иронијата да биде поголема, Македонија имаше уставна обврска за грижа за положбата и правата на деловите на македонскиот народ во соседните земји. Со македонско-грчката привремена согласност Стево Црвенковски-Каролос Папуљас од 13 септември 1995 година, македонско-бугарската декларација Иван Костов-Љупчо Георгиевски од 22 февруари 1999 година, македонско-бугарскиот договор Зоран Заев-Бојко Борисов од 1 август 2017 година, македонско-грчката согласност Никола Димитров-Никос Коѕијас од 17 јуни 2018 година и уставниот амандман XXXVI од 11 јануари 2019 година, марионетската влада ги избриша „деловите на македонскиот народ во соседните земји“, наместо тоа ги впишува „деловите на народите“ од соседните држави во Уставот на државата Македонија, со обврска да се грижи дури и за „дијаспората на деловите на народите од соседните држави на Македонија“, што претставува обврска на соседните држави како нивни матични држави.

Бугарија мора да прекине со територијалните претензии кон Македонија, Бугарија мора да се откаже од крадењето на македонската култура и историја, Бугарија мора да прекине со присвојувањето на македонското културно-историско наследство. Бугарија треба да прекине да се меша во внатрешните работи на државата Македонија! Бугарија мора да прокламира добрососедски односи кон македонскиот народ и државата Македонија! Не може Софија да определува од кој датум ќе признава Македонци ама со бугарски корени. Такво право никој кон никого во светот НЕМА!
Македонците не се оттргнаа од прегратките на Србија за да се фрлат во прегратките на Бугарија, туку да ја возобноват својата суверена и самостојна македонска држава Македонија! Тоа што Белград и Софија сѐ уште македонското прашање го гледаат преку српско-бугарска диоптрија не е проблем на Македонците, но жестоко ќе ги демистифицираат сите обиди за нивна негација и денационализација од чија било страна.

Затоа, Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, отфрлаат впишување „етнички Бугари“ во преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот на државата Македонија! Во Македонија сите се еднакви пред Уставот и законите. Македонија го почитува меѓународното право. Така треба да постапува и Бугарија кон Македонците што се нејзини лојални бугарски државјани! Бугарија треба да ги врати автономијата на пиринскиот дел од Македонија од времето на Георги Димитров и правата на Македонците на целата територија на Бугарија!