Катица Ќулавкова
Секој народ на свој начин сведочи дека историјата се повторува. Ако историјата се повторува, значи историјата е законита, а сè што е законито е предвидливо. Следствено, ако нештата се предвидливи, ако не апсолутно, тогаш со висока доза на веројатност. Не случајна е максимата дека историјата е мајка на знаењето. Мудрите луѓе и народи секогаш влечеле корисни поуки од историјата и преземале соодветни мерки за да се превенираат грешните потези и да се избегнат трагични разврски и последици на настаните.
Кога грешките во историјата постојано се повторуваат, тоа значи дека се игнорирани историските лекции и опомени. Тоа значи дека луѓето, особено оние кои се на одлучувачки и водечки позиции, се слаби ученици, дека интелектуалците се пасивни и неми сведоци на настаните. Тоа значи дека некој свесно ја маргинализира историската свест и создава предуслови за ретроградни процеси. Имајќи ги предвид овие сознанија, јасно е дека ниту еден одлучувачки субјект не би требало да усвојува развојни стратегии кои не се поткрепени научно и историски, кои не одат во прилог на националниот интерес и суверенитет.
Тука се поставува прашањето – зошто често се случува да одиме против сопствениот национален интерес и против историската логика? Можеби одговорот треба да го бараме во причините, а не да се задоволиме со констатирање на последиците! Историјата се повторува особено во ситуации кога се предизвикуваат масовни страдања на луѓето и народите. Се чини дека постојат бројни причини за страдање, за конфликти, за војна, за дискриминација од секаков вид. Зад нив стојат структурите на финансиската, политичката и воената моќ, кои се поврзуваат со медиумските, образовните, црковните и културните структури.
Коста Солев,познат под литературното име Кочо Рацин, е една од ретките историски личности кои ја совладале историската лекција и застанале во одбрана на слободата, правдата, социјалната еднаквост, колективните и индивидуалните човекови права на Македонците. Тој се бунтувал и се спротивставувал сеопфатно: со збор, со ум, со знаење, со гестови, со постапки, со општествен и политички ангажман и со дела.
Неговиот животен пат, неговата поезија, неговата проза, неговата публицистика и есеистика, неговиот општествен ангажман и подвиг, како и неговите лични страдања, потврдуваат дека улогата на единката, а на интелектуалецот посебно, е од големо значење за да се придвижат состојбите и за да се овозможат промени во општеството и во државата. Токму затоа Рацин е парабола на македонската национална, политичка, социјална, егзистенцијална, културна и историска самосвест. Токму затоа неговите есеистички и филозофско-историски текстови се показ и доказ дека зборот има тежина, дека јазикот ги придвижува нештата во општеството, кај народот, на политичката сцена, во регионалното и меѓународното опкружување. Токму затоа Рацин и денес претставува не само темелна туку и дополнителна вредност на македонската историја. Токму затоа и денес неговите песни (со социјална заднина и со бунтовничка интонација) одекнуваат како да се пишувани сега, овој миг, а не во триесеттите години од минатиот век. И по еден век, Рациновата поезија, неговата проза, публицистика и критика, се актуелни и комуницираат со читателите и со слушателите.
Тоа значи – Рацин е вечен или општеството не се менува многу!
Рациновото книжевно творештво се претвори од основоположничко во неотуѓива вредносна придобивка и во идејна константа. Тоа покажува дека сме пред големи искушенија секогаш кога ќе се отвори македонското прашање на историската и политичката сцена. Македонското прашање денес не само што е отворено туку е на чекор да се затвори на неправеден и нецивилизиран начин, и тоа – иронично – со наша помош, наш потпис, наше одобрение, а под апсурдни изговори.
Зад секое историско поглавје во коешто се затвора по еден дел од македонското прашање стои т.н. Запад, на некој начин ОН, на некој начин ЕУ, или општо земено т.н. големи сили, вклучително и македонските соседи. Отворањето на македонското прашање се одвива историски законито и политички препознатливо: во игра се секогаш туѓи хегемонистички и национални интереси. Токму затоа треба да реагираме во заштита на нашиот национален интерес и да ја напуштиме методологијата на еднострани отстапки и нереципрочни решенија и договори. Националниот интерес е многу повеќе од неизвесна интегративна опција, па макар да е во прашање Европската Унија. Отстапките од националниот интерес што ги направи самостојна Република Македонија досега со ништо не се оправдани, напротив. Стварноста покажува дека секоја од нашите отстапки направени од 1991 година до денес, како по правило водеше кон деградација на суверенитетот и на интегритетот на државата и кон ерозија на демократијата. Сагата со името Македонија, драматургијата на промената на Преамбулата на Уставот, редефинирањето на демократскиот систем, воведувањето механизми на вето на малцинството, наративот за интегративните процеси во мигот кога излеговме од една друга интегративна приказна, јазичната и етнорелигиска сегрегација на општеството, сето тоа придонесе да се дестабилизира самата македонската нација, па и да се доведе во прашање.
Од друга страна, да се потсетиме само како, иако во неблагопријатни услови, во тензична меѓувоена и воена ситуација карактеристична за првата половина на 20 век, Кочо Рацин застана на светлата страна на историјата, покажувајќи знаење, мудрост, визија, храброст, интегритет и лидерство. Хуманоста на Рацин не е само збор напишан на хартија, туку збор претворен во дело. Делото и зборот кај Рацин се една неразделна целина.
Рацин го направи својот избор: да биде на страна на правата на Македонците да се спротивстават на нацизмот и фашизмот и да застанат на браникот на слободата.
Рацин ќе биде запамтен како најистакнат основоположник на современата македонска книжевност напишана на живата македонска народна реч, онаа реч што ја нарекуваме мајчин јазик, оној говор што тој најдобро го знаел, велешкото наречје, кое неколку години подоцна, кога ќе се создадат институционални и државни установи, ќе биде составен дел од македонскиот јазичен стандард. Се работи за централно-западните македонски говори врз коишто е заснован канонот на современиот македонски литературен јазик и врз коишто е направена неговата граматичка и правописна кодификација.
Рацин го изразува битието на својот „мал и обесправен народ“ (Конески, „За поезијата“, Совпаѓања, Македонска книга, 1987, 162). Тој прави подвиг што Конески го опева во поемата „Ракување“, со стиховите: „жива вода да црпеме, / меѓу два рида што вилнеат, / в срце на луѓето да им ја влееме / живата вода на поезијата. / На бунт денеска таа треба да крева, / на жртва мал и страден народ да вика, / и зборот веднаш да стане дело.“
Затоа, и по еден век, Рацин не може да се слави, а притоа да се негува ропски и сервилен менталитет. Неправедните одговори по однос на македонското прашање не треба да се дочекуваат рамнодушно и малодушно, а денес интелектуалните кругови во голема мера покажуваат индиферентност.
Поради сето тоа, треба да се потсетиме на Рацин не само формално, туку и суштински, и да истакнеме некои идејни и историски придобивки од него:
• Рацин покажа дека и на малите јазици се создаваат големи дела;
• Рацин ги отфрли предрасудите за малите и големите култури, за малите и големите јазици;
• Рацин знаеше дека македонската култура има длабоки корени и долг историски континуитет – од антиката до најнови времиња;
• Рацин покажа дека историјата се кине таму каде што е најтенко;
• Рацин потврди со својот пример дека поезијата прераснува од уметност на зборот во уметност на опстанокот;
• Рацин потсети дека секоја генерација има свој долг да биде движечка сила сега и тука.
Да резимирам: делото на Кочо Рацин и денес е патоказ што треба да го следиме кога го осмислуваме нашето лично и колективното постоење. Притоа, треба да си ја вратиме самодовербата, да ја совладаме траумата и да ја надминеме безнадежноста. Затоа што не е доволно да се оплакуваат бившите трагедии, туку е неопходно да се спречат нови трагедии. Поради сето тоа, не е доволно да се поклонуваме пред Рацин, туку треба да ги следиме неговите идеали за слобода, рамноправност, праведност и – зошто да не, за среќа. Од несреќен, да се преобразиме во среќен народ. И ние сме луѓе, и ние имаме право на среќа. Во таа смисла, ќе кажам недвосмислено: должни сме да ги сочуваме историски стекнатите права на македонскиот народ и да создадеме услови за опстанок и напредок на македонската држава. Мисијата е тешка, но не е невозможна.
Конечно, ако знаеме дека историјата има две константи – Доброто и Злото – ајде да направиме Доброто да ја има последната реч и да воскресне кога најмалку се очекува, кога сме обесхрабрени од политички интервенции и непристојни предлози.
Беседа за Рацин, Велес, 15 јуни 2026


































