Фото; Маја Јаневска Илиева
  • Настапија 22 играчи, и тоа најдобрите играчи од Југоисточна Азија, заедно со пет поканети шахисти од светска класа. Сите партии се играа со присуство, но преку компјутери

Норвешкиот велемајстор (ВМ) Магнус Карлсен го освои првиот Е-спорт шаховски куп на АСЕАН за 2026 година. Откако го освои првото место во групата А, тој во финалето го победи рускиот ВМ Андреј Есипенко со 2-1, а настанот се одржа во Бангкок (Тајланд). Е-спорт шаховскиот куп на АСЕАН ги собра најдобрите играчи од Југоисточна Азија, заедно со пет поканети шахисти од светска класа. Форматот беше играње по групи, проследено со нокаут-фаза. Настапија 22 играчи.

Сите партии се играа со присуство, но преку компјутери. Први два носители беа Карлсен и бројот два во светот, Американецот Фабијано Каруана. Се играше со темпо од 10 минути, што сега стана стандардно, со награди за првите шест од вкупниот фонд од 20.000 долари. Прво, 22 играчи беа поделени во групи со по пет или шест играчи, а првите двајца од секоја група се пласираа во шампионската фаза, што беше нокаут-систем со осум играчи. Како што Карлсен ја помина групата А со три победи и едно реми, Каруана не стигна до втората фаза, туку беше трет во групата Б. Два пораза претрпе од првите двајца во групата, ВМ Салех Салем од ОАЕ и ВМ Џингјао Тин од Сингапур, пишува шаховската интернет-страница „Чес“.

Играчи што ги поминаа своите групи до шампионската фаза беа Карлсен и Хозе Мартинез од Мексико од групата А, Салем и Џингјао од групата Б, Лием Ле од Виетнам и Амилал Мункдалај од Монголија од групата Ц и Есипенко и ВМ Сусанто Мегаранто од Индонезија од групата Д. Во седумчасовниот настан, Карлсен загуби само една партија, и тоа во финалето од Есипенко. Секој натпревар се состоеше од две партии, проследени со тајбрејк ако беше потребно. Карлсен ја доби таа тајбрејк-партија со бели фигури (имаше пет минути наспроти четирите на Есипенко), кој, пак, ако ремизираше ќе беше прв на турнирот. Карлсен сега е во Хонгконг, каде што ќе игра на тимското Светско првенство во забрзан и во брз шах, кое почна вчера, пишува „Чес“. Г.И.