Дали демократијата во Македонија може да ја преживее ерата на „идиотот“

Нешто што се искристализира како размисла за годината што измина е дека Македонија има премногу „идиоти“ (синоним за глупав, имбецил, морон, неспособен). Имаме доволно „идиоти“ за да стигнеме до пресвртна точка каде што работите се уништуваат за нас другите. Благодарејќи на политичките „идиоти“, отворањето на пристапните преговори со Европската Унија станаа политичка опсесија, а одржувањето на правичната застапеност култивирање на глупоста во македонското општество.
Изгледа треба да бидам политички коректен и наместо зборот „идиот“ да го употребувам зборот неспособен. Арно ама не е така. Современите употреби на зборот „идиот“ обично го истакнуваат недостигот од интелигенција, незнаење, глупост или лукавство на субјектот. Што значи дека кореспондира на македонската политичка реалност. Етимолошките корени на зборот, кои се навраќаат на Античка Грција, сугерираат дека, во случајот со политиката, тоа може да биде дури и посоодветно отколку што може да изгледа на почетокот. Во античкото грчко општество, „идиотите“ биле лаици што немале професионални вештини. „Идиотот“ не придонесувал ништо за јавниот живот, или за општото добро. Неговото постоење зависело од вештината и трудот на другите; тој бил пијавица што ја цицал крвта од општественото тело. Поврзано со ова, идиотизмот (од коренот idios, „сопствен“) била состојба на приватна или егоцентрична личност. Во грчкото општество, состојбата на идиотизам се сметала за чудна, така што „идиот“ бил термин за прекор и презир. „Идиотот“, тогаш, бил закана за градот држава, за јавниот живот и за врските што ги овозможуваат комуникацијата и заедницата. Денес, „идиотот“ е сериозна закана за современата држава. Со таа разлика што сега „идиотот“ ја гледа и доживува политиката како свој природен амбиент во кој може слободно да маневрира со својата глупост и неспособност.

Поранешната американска конгресменка Лиз Чејни, сметајќи дека американската политика е фундаментално скршена во време кога нацијата се соочува со критични предизвици, ќе изјави: „Она што го направивме во нашата политика е да создадеме ситуација во која избираме идиоти“. Фала богу што не сме Америка, па секоја сличност е исклучена. Ние не избираме „идиоти“, ние избираме неспособни. Или поточно: недозреани, паразитски, егоцентрични поединци што зборуваат во прво лице еднина. Колку и да зборувам и пишувам, „идиотот“ нема да го разбере ова, а со тоа да разбере како настанал, како се одржува и како станал дел од една поголема заедница. Мислите „идиотот“ се грижи за јавниот живот, а уште помалку за јавниот сервис? Тој се грижи само за сопственото име и за сопствената благосостојба. Со своите постапки може да го уништи општественото тело. На крајот, се уништува себеси, но со тоа потенцијално ги уништува сите заедно со него. Тој е темпирана бомба среде јавниот плоштад.
Затоа не мора да се прашувате зашто денес сме таму каде што сме – пропадната бесперспективна држава. А јас упорно се обидувам да останам политички коректен, да барам синоними за македонското уништување и причините зад него. Затоа мислам дека нешто драстично мора да се смени на претстојните избори.
На изборите мора да се порази култот на незнаење, во кој антиинтелектуализмот, или идиотизмот, си живурка убаво, притоа свесен дека политиката нема да се соочи со фактот дека тој е постојана закана што пенетрира во нашиот политички и културен живот веќе со години и години. Идиотизмот кај нас е негуван од лажното мислење дека демократијата значи дека „моето незнаење е исто толку добро колку и вашето знаење“. Исти во глупоста и незнаењето.

Идиотизам со македонски шмек.
„Идиотите“ сепак можат да бидат корисни. Тие се тап инструмент на политиката, но, колку и да е груб, тој е достапната алатка на секоја политичка опција. Во својата глупост, „корисните идиоти“ го мешаат своето незнаење со генијалноста. Нивната глупост може да изгледа како знак на фанатизам, и никој, ама баш никој, не може да ја измами будалата што се залажува себеси. Нивната самодоверба штити од сомнеж. Ако некој и за момент помисли дека корисниот идиотизам, како релевантен политички концепт, падна во немилост, се лаже. Доволно е да погледне ретроспективно што ни се случуваше во изминативе години за да види дека тој е жив и потентен, кој во својата нова верзија метастазира, уништувајќи го македонското здраво јадро. Она што остана непроменето кај „корисните идиоти“, сепак, е рефлексивната антимакедонска идеологија. Како што времето одминува сѐ повеќе сум убеден дека македонското општество го владеат „идиоти“, за своите „корисни идиоти“. И се чини како никој да не може да го запре овој процес во Македонија. И од тоа се плашам. Демократијата може да преживее речиси сè – освен „идиоти“. Па, да прашам: Дали демократијата во Македонија може да ја преживее ерата на „идиотот“? Се надевам наскоро ќе го добиеме одговорот.

Проф. Звонимир Јанкулоски