Фото: „Нова Македонија“

Колку е точна констатацијата дека „носењето заштитни маски значи колапс на превенцијата во сите области (од спречување на загадувањето, контрола и намалување на нивоата на загадувачките материи)“? Сепак, и покрај сѐ, во овие услови што ги имаме деновиве, потребно е граѓаните да користат заштитни маски за да го намалат внесувањето на штетните ПМ-честички. Според експертите со кои се консултиравме, „во овие услови само тоа помага, ништо друго“, со напомена дека „маската треба да биде со докажана ефикасност на отворено“!

КАКО ГРАЃАНИТЕ ДА СЕ ЗАШТИТАТ ШТО ПОЕФИКАСНО ОД ЖИВОТОЗАГРОЗУВАЧКИТЕ ПМ-ЧЕСТИЧКИ

Последиците предизвикани од загадениот воздух, во форма на различни заболувања, според повеќе релевантни научни истражувања, ни го кратат животот во просек за три години. Кај нас, агресијата над граѓаните, предизвикана од загадувањето почнува со секој почеток на грејната сезона и трае сѐ до пролетните месеци. И како медицинскиот феномен „веќе видено“ и „веќе доживеано“, секоја сезона ситуацијата е идентична и се повторува. Официјалните мерки се познати, имаме енормно загадување, надлежните излегуваат со официјални препораки…, а како и секоја препорака, тие се – незадолжителни! Но дали треба да остане само на тоа? Што им преостанува на граѓаните да преземат за да се заштитат, во услови кога никој друг ништо сериозно не презема?

СИТЕ СЕ ЗАДУШУВААТ, ИМА ЛИ НЕШТО ШТО БИ ИМ ПОМОГНАЛО НА ГРАЃАНИТЕ?

Во оваа ситуација на енормно аерозагадување, само маската може да ги санира штетните последици од аерозагадувањето. Ова е ставот на експертите со кои се консултира „Нова Македонија“.
Тие велат дека сега што и да се направи веќе е предоцна. Загадувањето е присутно и ниту една мерка нема магично да го намали. За тоа е потребно системско долгорочно дејствување, кое властa воопшто и не го имплементира.
На детската клиника „Козле“ дневно има до 200 деца во амбулантско-поликлиничкиот дел што поминуваат низ консултативните амбуланти, а во моментов има околу шеесетина хоспитализирани деца, кај кои,најчесто станува збор за инфекции на долните дишни патишта.
И ако периодов разговарате со родители со мали деца, сите ќе ви кажат дека непрекинато кашлаат.
– Моите две деца се со пумпица поради алергиска астма. Воздухот дополнително ја влошува нивната состојба. Страшно е колку надлежните не преземаат ништо. Сѐ што дознав и научив од алтернативна медицина пробав. Лој од гуска, сируп од кромид со мед, лаворов лист, салеп, разни ментол-инхалации… и, верувајте, сѐ е залудно. Постојано кашлаат. Сакаат надвор, а јас не ги изнесувам од страв. Преплашена сум од последиците што воздухот може да им ги направи. Сите сме со некаква симптоматологија. Некој е полн со секрет во носот, некој кашла и полн е со шлаjм. Лута сум и гневна. Надлежните воопшто не се грижат за нашето здравје. Загрижени се само пред избори кога треба да ги гласаме – вели Данче Трајановска, мајка на две деца, од шест и од четири години.
Вели дека пумпиците со кортикостероиди многу не им помагаат во овој период од годината.
– Децата ми се буквално отруени, што од лекови, што од воздухот. Малку да се затрчаат кашлаат, се задушуваат. Како да им помогнам веќе не знам, сѐ што знаев направив – додава таа.
Детските пулмолози велат дека нема спас. Освен заштитна маска, ништо друго не помага.
– Не знаете колку сум лута поради овој индиферентен однос на надлежните. Овде никој ништо не презема. Зголемен е бројот на дечиња со долнореспираторни проблеми и, верувајте, голем удел во тоа има загадениот воздух. Сите тие се деца што редовно ги прегледувам, тие ми се редовни пациенти што ги следам. Некои од нив се со астма, некои со алергиска астма и кај сите нив симптомите се влошени. Не помагаат ниту кортикостериоди, ниту инхалации. Воздухот страшно им го оштетува респираторниот тракт и како последица на тоа риновирусите даваат сериозни симптоми – вели познат детски пулмоалерголог, кој сакаше да остане анонимен.
Советува што е можно повеќе престој на чист воздух.
– Сите, и деца и возрасни, да заминат на чист воздух, колку што можат почесто. Да престојуваат на отворено за да ги исфилтрираат белите дробови. Тоа не е препорака само за децата туку и за возрасните. Доколку граѓаните имаат услови, да користат прочистувачи на воздух, никако да не проветруваат и задолжително да носат заштитни маски при излегување на отворено – вели таа.

ЗАДОЛЖИТЕЛНО НОСЕЊЕ МАСКА И КОНСУМИРАЊЕ ХРАНА БОГАТА СО ВИТАМИНИ

Доц. д-р Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје вели дека маската во овие услови е единствен спас. Таа препорачува користење на маските КН 95 или ФФП2, и тоа за сите возрасни групи на населението, не само за хронично болните.
– Иако сум свесна дека носењето заштитни маски значи колапс на превенцијата во сите области (од спречување на загадувањето, контрола и намалување на нивоата на загадувачките материи), сепак, во овие услови што ги имаме деновиве, потребно е граѓаните да користат заштитни маски за да го намалат внесувањето на штетните ПМ-честички. Во овие услови само тоа помага, ништо друго. Маската треба да биде со докажана ефикасност на отворено. Ефектот е двоен, и како заштита од суспендираните (лебдечки) честички и од сезонските вируси (грип, настинки, вклучувајќи го и САРС-Ков). Граѓаните да не ги отвoраат прозорците и да користат прочистувач на воздух, особено чувствителните лица со астма и хронични заболувања – респираторни или циркулаторни заболувања, мали деца под петгодишна возраст и бремени жени. Притоа, треба да се внимава прочистувачите на воздух да немаат јонизатор што дополнително може да емитира озон, кој уште повеќе ќе ја влоши здравствената состојба кај овие чувствителни лица. Да се консумира храна богата со витамини (антиоксиданси – витамин А, витамин Ц и Е, бетакаротен, ликопен, лутеин, селен, манган и други), главно присутни во свежото овошје и зеленчукот – потенцира таа.
Димовска советува што е можно помалку да се престојува на отворено.
– Препораките се исти. Граѓаните, особено лицата над 65 години и децата под пет години, да останат дома, освен ако излегувањето не може да се одложи. Потребно е и да го намалат физичкиот напор на отворено, особено доколку почувствуваат симптоми како што се кашлица или печење и болки во грлото. Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност. Да се избегнуваат престој и активности на отворено (спорт, рекреација), дури и навидум здравите лица и спортистите – вели таа.

ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ ТРЕБА ДА ОДИГРА КРУЦИЈАЛНА УЛОГА

Доц. д-р Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје вели дека прстот треба да се впери и кон локалните власти, бидејќи тие имаат најголем дел од надлежностите за справување со аерозагадувањето на локално ниво.
– Министерството за животна средина дејствува кај поголемите индустрии што имаат А-интегрирани еколошки дозволи. Меѓутоа локалната власт е таа што изработува планови за справување/подобрување на квалитетот на воздухот, кои беа финансирани од ЕУ, и таму треба да се праша што се случува и до каде е имплементацијата на предвидените мерки и активности? Колку локалните власти инвестираат во мерките за подобрување на енергетската ефикасност на домовите, на пример, колку инвестираат во мерки насочени кон главните извори на загадување идентифицирани на локално ниво? Што велат нивните инспекциски контроли, особено насочени кон помалите загадувачи со Б-интегрирани дозволи или елаборати? Ако знаеме дека загадувањето е во периодот на грејната сезона и знаеме дека главната причина (извор на загадување) за него е загревањето на домовите и административните објекти, значи потребно е мерките да се насочат во тој правец. Да се мотивираат граѓаните да не се греат на дрва или други поштетни опции (пластика, мебел, текстил и сл.). Тоа значи да им се понудат опции што нема толку да загадуваат или, пак, можеби да се изнајдат начини за намалување на трошоците за електрична енергија или централно парно греење за домаќинствата, сѐ со цел граѓаните повторно да се приклучат на централно парно таму каде што го има. Иако и тоа не е целосно решение, потребна е гасификација, која значително ќе влијае на квалитетот на воздухот, но и ригорозни стандарди и подобра инспекциска контрола насочени кон градежништвото и сообраќајот, како едни од значајните извори на загадување дури и во летниот период – вели таа.
И конечно, вели таа, се поставува прашањето колкава е индивидуалната одговорност на граѓаните и колку тие направиле за намалување на загадувањето.

СЕКОЈ ВЛОЖЕН ДЕНАР ВО ЖИВОТНАТА СРЕДИНА ТРИКРАТНО СЕ ИСПЛАЌА

Со став е огласи и најпознатиот токсиколог во земјава, д-р Нико Беќаровски.
– Загадениот воздух драстично ги зголемува патогеноста, тежината на клиничката слика и прогнозата на двата најчести зимски вируси (респираторен синцицијален вирус и вирусот на инфлуенца – грип). Затоа да не ве изненадува што овие денови сите кашлаат, имаат покачена температура и општа слабост. Затоа сѐ почесто одиме на погреби отколку на мекици.
Секој вложен денар во здрава животна средина трикратно се исплаќа, само да има некој надлежен да го разбере и сфати тоа – напиша тој на социјалните мрежи.


Маски има и се со пристапна цена за сите

Екипата на „Нова Македонија“ направи обиколка во аптеките за да провери дали се продаваат заштитни маски и какви се тие.
Од она што на терен успеавме да го констатираме е дека во продажба има заштитни маски КН 95, чија цена воопшто не е висока и секој може да си ги дозволи.
Четири маски чинат околу 50 денари и тие се наменети за возрасни.
За жал, заштитните маски што се продаваа како алва во периодот на ковидот, а беа наменети за деца, сега многу тешко можат да се најдат. Ги нема во ниту една аптека, па родителите ги купуваат маските за возрасни, адаптирајќи ги за најмалите со подврзување кај ушите.
Хируршките маски, кои сѐ уште се едни од најпродаваните, во услови на ваква екстремна загаденост не помагаат, а тоа го потврдија и лекарите, но и аптекарите.


Во Аеродром вчера беше екстремно загаден воздухот

Каква е состојбата со загаденоста на воздухот во Скопје може да се илустрира со вчерашниот пример. Имено, интернет-страницата waqi.info, која подробно информира за квалитетот на воздухот по градови во светот, малку пред 13 часот алармираше за „многу нездрав“ воздух во дел од населбата Аеродром во Скопје. „Нездрав“, пак, беше воздухот во повеќе населби во магливото Скопје.На интернет-страницата „Ервижуал“, Скопје повторно е меѓу десетте града во светот со најзагаден воздух – се наоѓа на десеттото место. Од другите градови, нездрав е воздухот во Велес, Кавадарци и во Струмица.

[email protected]