Фото: Маја Јаневска Илиева

Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски вчера го повика раководството на СДСМ во наредните 24 часа да поднесе неотповикливи оставки од функциите во партијата, како и носителите и ко-носителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија преку соопштение одговори на условите за евентуална соработка по изборите, што вчера ги постави претседателот на Движењето ЗНАМ, Димитриевски. Од СДСМ велат дека не прифаќаат уцени и нема тргување со иднината на државата.
– Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес.
За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска Давкова. Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ – стои во соопштението на СДСМ.
Во однос на неговите поранешни сопартијци Димитриевски постави цврсти ултиматуми.
– Истите тие коишто дозволија да се отвараат бугарски клубови кои го содржат името Ванчо Михајлов во текот на нивниот мандат и ја згазија не само социјалдемократијата, туку и илинденските и асномските левичарски вредности и принципи, нѐ обвинија дека сме човек-партија. Нивната ароганција е ненадминлива. Ова раководство на СДСМ, со овој арогантен пристап ја доведе партијата до историски најслабиот резултат. Не само што ја навредија ЗНАМ, лично мене, навредија и уште 84 илјади граѓани кои го дадоа својот глас за движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија – порача денес Димитриевски од Пелинце.
Во пораката, пак, до раководството на ВМРО-ДПМНЕ освен за неприфаќањето на уставните измени и соработката со ДУИ, Димитриевски повторно ги таргетира и СДСМ. Тој бара потврда дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ не заговара јавна или тајна соработка со поранешниот премиер Зоран Заев за обезбедување на двотретинско мнозинство во идниот собраниски состав.
– Еве да му одговорам на оној претседтаелски кандидат којшто постави прашање кукавички денеска дека ВМРО-ДПМНЕ кокетирало де со овој де со оној: ниту со Ковачевски ниту со Венко Филипче, ниту со Зоран Заев. Ние само комуницираме и сме во коалиција со народот на Македонија – рече Мицкоски за обвинувањата на Димитриевски.