Човештвото над бездна

Бездната, драг читателу, се јавува како гранична психолошка и егзистенцијална ситуација и ја симболизира смртта. На нејзиниот раб на конец секогаш стои човекот што ги загубил најважните квалитети на душата, надежта и верата. Особено верата. Над неа сега, иако од поодамна, кога гледаме што се случува во Газа – Палестина, е наднесено човештвото. Тоа како да се откажало од сите морални норми и се регистрирало во анимален примитивизам, сведено на трибилистичкиот нагон на групата да ја убива другата група за да го гради својот егоистички живот врз нејзината смрт. Тоа, пак, значи дека човекот колку и да мисли дека научно, културно и технолошки ја унапредил цивилизацијата, сепак не се ослободил од ѕверот во себе и својот скриен канибалистички менталитет. Особено е таква сликата на западната цивилизација, во која е вглобен и Израел, целосно откачена од Бог како морален принцип. Оттука, како што вели Ниче, сè е поместено „отаде границата на моралот и законот“. На тоа се надоврзува и рускиот близнак на германскиот брат Достоевски: „Ако нема Бог, сè е дозволено“.
И еве ја како потврда на тоа, драг читателу, ужасната слика на варварскиот масакр во Газа, колку за да се обнови меморијата и на другите во блиско минато масакри во Ирак, Сирија, Авганистан, па и Југославија, на кои, колку да бега таа од тоа, им кумуваше Западната ариевска и колонијалистичка цивилизација, таа што има кусо паметење и која ги заборави двете светски војни што поради својата лакомост за материјални блага и туѓи несреќи самата ги произведе. А нејзините валкани прсти и сега мора да се присутни и во палестинската трагедија. А, се разбира, повратно и во изреалската, оти таму беше првиот удар на Хамас во кој загинаа стотици Израелци, меѓу кои и деца, тие што не се виновни за канибализмот на возрасните. Оти, пак, како што вели Достоевски, дури и само една единствена детска солза ја доведува во прашање оправданоста на постоењето на Бог. А во судирот на Израелците и Палестинците сега, имено, најмногу гинат деца. Ја читав колумната на израелскиот премиер, која е вистинска тажаленка за загинатите израелски деца од блицкригот на Хамас. Ама потоа веднаш жестоко возвратија полни со смрт бомбардерите на Израел и за само неколку дена, покрај возрасните цивили, убија над 1.300 палестински деца. Би било вистински длабоко човечки потег израелскиот премиер да „испреде“ искрена тажаленка и за нив. Ама секој плаче над својот гроб, а во еден гроб е човештвото штом во него се убиваат и децата, дијамантите на прстенот од Бог. Оти и Исус вели: „Бидете како децата“ и „пуштете ги децата кај мене.“

Елементарното прашање во израелско-палестинскиот судир е дали нападот на Хамас е случаен, од задоволството како што тоа го прават вистинските терористи, или причината за него не е од чисто терористички тип, не е со чисто терористичка мотивација. Изгледа дека не е, иако од Западот без многу размислување е дефиниран како таков. Да. Оти од формирањето на ционистичката држава, со посредство и на ОН, од 1948, 75 години наваму, до денес Палестинците во Газа се изложени на жестоки притисоци од Израел, на постојано потиснување од нивната територија, уривање на нивните сиромашни живеалишта и убивања според сопствената процена, без пардон, а ОН и Западот реагираат само со безвредни декларации, гледајќи ја на телевизија (како пред тоа и на други блискоисточни места) претставата во новиот крвав колосеум на обновената Западна Римска Империја од Брисел и Вашингтон. А еден мој пријател ме прашува дали Евреите толку брзо ги заборавија логорите на Хитлер. Јас ги кревам рамената и не знам што да му одговарам.
Она што се случува, сега веќе не во Израел туку во Газа, е тотален геноцид врз голоракиот и од (сега за сега) никого незаштитен палестински народ. Над еден милион бегалци, жени, деца и старци бегаат од Газа, а сите излези им се затворени. Израелците, божем хумани, им отвориле коридор за да им ја остават исчистена територијата и по пат ги бомбардираат и убиваат. А оние што останале за да ги извлекуваат без помош од никаде и никого со голи раце мртвите од под урнатините на варварското израелско бомбардирање немаат ни вода, ни струја, ни леб. А се убиваат и лекарите и се уриваат и болници. Се убиваат и новинари. Таков ужас и хаос, драг читателу, е невозможно да се опише со перо. Е, и сега, по сето ова, дали Хамас е навистина терористичка организација од ќеф, која ужива во естетиката на убивањето невини жртви или е нешто друго, фиданка, макар и екстремно радикална, на страдањата и болката на сопствениот мартирски народ. Оти на Западот, кој масакрира цели народи и цивилизации во своите крстоносни и колонизаторски походи, многу му е лесно некого да обележува како терорист за да го скрие сопствениот тероризам. Тоа во психологијата и кај Фројд и кај Јунг и кај Адлер се вика проекција, што значи проектирање на сенката, темното и злото во сопствената душа (поим на Јунг), на другиот за да се покриеш себеси. Така е и со „терористите“ обележени од Западот, кој не разликува очајници (оние на кои тој им го убил семејството и им ја спепелил татковината во Ирак, Либија, Сирија, Виетнам, Авганистан…) од вистински терористи, кои едноставно уживаат во убиство и терор. А Западот, перверзен, и формираше терористи за свои цели и потреби: Ал каеда и Бин Ладен, авганистанските талибанци итн. А кога веќе не му требаа, ги ликвидираше или напушташе со јудински бакнеж.
Како во многу други случаи, и кон масакрот на геноцидот на Палестинците во Газа Западот од Брисел и Вашингтон е лицемерен и рамнодушен.

Првите нивни изјави додека го пишувам овој текст, драг читателу, се „Израел има право да се брани“. Добро. Точно. А на што имаат право Палестинците, тие не даваат одговор. Изгледа тие имаат право само на бескрајно страдање и смрт. Но затоа се раѓаат безумните очајници (безумно храбри), кои си ја ставаат главата во торба како некогаш илинденските македонски комити и тргнуваат сами, гради в гради со вистински безумната цивилизација. Добро, да се согласиме со априористичкиот бриселовашингтонски став дека Хамас е безусловно терористичка група. А тогаш што е Израел, кој сега врши невиден варварски терор во Газа? Како може да се дефинира сега тоа, ако не како државен терорист, нешто што е изум пак на западната цивилизација. Изум на нејзината колективна перцепција својата сенка да му ја проектира, припише на друг. Сега во конкретниот случај на Хамас. Оти, зарем и доблесниот водечки американски интелектуалец Ноам Чомски не напиша неколку книги за американскиот државен тероризам што го тероризира светот…
Тоа е тоа. А ти ме прашуваш, драг читателу, какви се нашите врски со Евреите воопшто. Одлични. Во Македонија дојдоа сефардските Евреи, бегајќи од шпанската инквизиција, и тие живееја со нас во братска генеза сè додека не дојдоа бугарските фашисти, ги собраа, товарија на воз и одведоа во Треблинка. Со Евреите уште ја делиме братски судбината на холокаустот. Кај нив физички во времето на фашизмот, кај нас сега идентитетски. А со Палестинците многу подолго ги делиме страдалничката судбина и суровите соседи (кај нив во еднина: сосед.)
Тоа. А човек, гледајќи ја суровоста на богатите и моќните над сиромашните и слабите, драг читателу, се прашува како може да се спаси светот. За тоа дава можен клуч германскиот филозоф со христијанска ориентација Шумахер, кој вели дека секој човек треба да биде човештво, човек – човештво со што би ја презел секој одговорноста за светот. Меѓу политичарите во ист стил го повика човештвото да се обедини во една хармонична целина на братски народ кинескиот претседател Шји Џјинпинг. Тоа е мудрата огромна Кина, која никогаш не била колонијалистичка, наспроти арогантната ариевска цивилизација.
Она што се случува сега во Газа е апсолутен нихилизам на сите човечки вредности. Нихилизам не како оној свет нихилизам на Буда и Лао Це на мистичната Азија. Тоа е нихилизам-деструкција за целосно демолирање и уништување на веќе паднатата жртва. И сега што се однесува до палестинската трагедија, драг читателу, човек се прашува на кој ента степен можеби ќе се покачи во светот антисемитизмот. На ова прашање, во овој контекст, сега ме враќаат одненадеж мислите на еден од најславните Евреи на XX век, Фројд, на неговата студија за библискиот Мојсеј (не на таа за скулптурата на Микеланџело). Во неа тој, што звучи веројатно, го демонтира митот, пред сè библискиот, за Евреите. Тој таму ја изнесува шокантната хипотеза дека Мојсеј не е Евреин, туку Египќанец, и дека Евреите што ги извел тој од Египет за да ги одведе во Ханаан, ветената земја, тој ги избрал за да им ја наметне својата монотеистичка религија, која ја завел фараонот Аменофис IV. Потоа Фројд тврди дека и еврејскиот старозаветен суров бог Јахве е само позајмениот мидиски бог на вулканот. На крајот, како капа на сè, е и хипотезата на таткото на психоанализата дека Мојсеј е уште и убиен од Евреите. Најпосле, по сето ова, дијагнозата за антисемитизмот Фројд ја наоѓа во фактот што Евреите се самопрогласиле и за избран народ.

Да, драг читателу. Еден неверојатен, до пароксизам, до болка самокритичен Евреин, далеку од Нетанјаху и сличните на него. А читајќи ја, пак, студијата за Мојсеј и гледајќи го ова сега енормно сурово варварство на Израел во Газа, човек со право може да се запраша дали Евреите сè уште не излегле од Стариот завет на Јахве и неговиот одмазднички закон „око за око, заб за заб“. Оној што сега го гледаме во Газа применет и бранет од Израел. Дали тие од Стариот, полн со темни легенди и сенки, сè уште не излегле на осветлената висорамнина на Новиот завет на Исус во кој владее универзалната љубов, следена од најзначајната божествена институција, институција на Проштевањето? Врз етичките и моралните принципи на Исус и се фундирани утопистичките тези и теории за спас на овој свет со кој денес владее Сатаната, главно со канцеларија на запад на планетата. Кога ќе профункционира хипотезата за светската теократска држава и за Убавината како спасителка на светот на Достоевски не се знае. А не се знае исто така и кога ќе огреат утопистичките Бели мугри на Рацин да го тргнат мракот од човештвото, кое ќе биде собрано под еден ист покрив „Куќа цел свет“. Ништо не се знае, драг читателу, во овој хаос и во ова варварство чија слика, како праслика, толку силно доаѓа сега од Газа кај нас. А нашите дебелогазовци и арамолепци со покачена 78 проценти плата, наспроти гладната сиромаштија, нека уживаат во својата духовна и морална сиромаштија. Оти тоа уживање како бедни суштества и го заслужуваат тие сè до вагата на Страшниот суд горе, на која ќе биде измерен секој нивен гнил атом во кој не функционираат електроните. Ним не им беше местото во оваа колумна, која говори за трагедијата на човештвото, но и тие на свој начин, макар и едвај видливо и индиректно, се вклопени како фактор во неа.
Толку. Веќе ми се муртат од „Нова Македонија“ дека ја минав линијата на дозволениот простор. Голем поздрав и сè најубаво до нашата следна средба, драг читателу.