На „историскиот ден“ за „Северна Македонија“ еврокомесарот за проширување и добрососедство, Оливер Вархеи, ќе изјави дека уставните измени мора да се случат, бидејќи, како Владата така и Собранието презеле одговорност да го продолжат европскиот пат. Притоа ја повика македонската опозицијата да биде рационална и да работи за иднината на Македонија. Бугарија го услови нашиот влез во Унијата со промена на Уставот, Вархеи ни заповеда да го сториме тоа. Мора, како заповедна форма, призвучи ептен дипломатски коректно и воздржано. Ако некој мисли дека неговата изјава е со призвук на закана и уцена нека подразмисли, зашто власта опиена од низата на историски денови за „Северна Македонија“ достоинствено и бескомпромисно ќе го премолчи ваквото непочитување на суверенитетот на една држава. Ако сме сѐ уште тоа што пишува во Уставот. Се гледа големото државништво на нашата власт кога дозволува суверенитетот на македонската држава да го сведат на утописка идеја, наместо концепт што беше инструментализиран во контекст на деколонизацијата и сила за самоодбрана и опстанок. Гледавме и порано, но сега станува јасно колку Европската Унија се однесува лицемерно кон суверенитетот на Македонија, земајќи си слобода да дејствува незаконски во рамките на границите што ги опишува меѓународното право. Извртената логика на сегашнава влада и нејзините фанатизирани „корисни идиоти“, никогаш не пропушта да ме воодушеви. При вакво непочитувањето на суверенитетот на нашата држава да останеш нем и понизен е навреда за граѓаните на Македонија и на сите оние што разбираат нешто од меѓународното право, односи и дипломатија. Ова се вика понизност и сервилност во акција.
Да, нема да видиме од сервилни и полтронизирани политичари какви што ги имаме во моментов да го осудат ваквото нелегитимно и безобразно непочитување на суверенитетот на една држава и посегање по нејзиниот устав како да е тоалетнатна хартија за повеќекратна употреба. Тоа повторно ме навраќа на зборовите на поранешниот француски премиер, Пјер Мороа, дека „не секое племе заслужува држава“. Неговите зборови се добра слика за фарсата околу условеното почнување на преговорите на Македонија со Европската Унија. Сѐ што се случува во тој контекст е израз на свеста за европското колонијално искуство и нејзината цивилизациската мисија врз „домородното“ население во колониите. Можеби грешам, но неизбежен е впечатокот дека западните сили нѐ сведоа токму на нивно на некогашните колонии на кои им бил делегиран суверенитет, што имплицира дека политичката автономија на државата примател е скратена, како и пофундаменталното тврдење дека политичко-правната независност на државата се оспорува. Само како потсетување: политичкиот, економски и културолошки суверенитетот на една држава е клучен лост што обезбедува институции и практики, кои можат да ги заштитат и промовираат интересите и благосостојбата на нивните граѓани. Без тој лост, социјалната, културната и економската одржливост на македонците и, можеби, дури и идентитетот се неодржливи на долг рок. Очигледно дека оваа промашена генерација политичари во Македонија не можат да го разберат ова. Тоа е премногу за нивниот интелектуален и државнички капацитет.
Сè на сè, непочитувањето на суверенитетот на македонската држава стана вообичаен феномен, при што Унијата и државите-членки забораваат дека регионалната безбедност би можела лесно да биде поткопана доколку продолжат со ваквото нивно однесување кон суверенитетот на една држава. Конкуренцијата за геополитичко влијание можеби не е неизбежна во регионот на Западен Балкан, но таа треба да се контролира, барем во границите на суверенитетот. Всушност, многу земји во светот добро ги знаат сериозните последици од прекршувањето на принципот на суверенитет. Затоа мора да останеме будни при заспана власт за опасностите од уништување на суверенитетот. Ниту една земја, освен најмоќната, не може да има корист од кршењето на принципот на суверенитет. Послабите држави се најранливите жртви на непочитувањето на суверенитетот, но посилните држави не се нужно корисници. Тие се еднакво ранливи.
Тоа треба да го разберат Унијата и оние што ни заповедаат што да правиме и како да се однесуваме. И да ја разберам Унијата што не нѐ третира како сериозна и суверена држава и нејзиниот лицемерен однос кон суверенитетот на македонската држава, не можам да разберам како оваа влада дозволува преку газење на суверенитетот да се влијае на независноста во водењето на надворешната и внатрешна политика како основата на која го градите односот на државата со надворешнополитичките актери каква што е и Европската Унија. Вака, како што гледам, проектираме слика за нас како држава што не го третира суверенитетот како неопходност и суштина на современите меѓународни односи, туку како утописка идеја неостварлива под одредени околности. Е, тоа може да нѐ чини држава. Кога би можела власта да го разбере ова.
Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски