Фото: Пиксабеј

Особено е загрижувачки што многумина не чувствуваат дека имаат проблем, па болеста останува недијагностицирана и нелекувана, а таква може да доведе до сериозни проблеми

Имаме лош начин на живот, немаме доволно физичка активнoст, премногу седиме, нездраво се храниме и внесуваме премногу сол, заситени масти, а слабо овошје и зеленчук, па имаме проблем со дебелината, стресот ни е секојдневие. Кога на сето ова ќе се додаде и нарушениот сон, пушење цигари и претерувањето со алкохол сме навеле најголем дел од причините за појавата на високт крвен притисок (хипертензија). Голем дел од нас ќе се соочат со него иако се дисциплонирани, поради генетската предиспозиција, односно семејна историја која е многу честа кај младите со хипертензија (35-50 отсто од пациентите), објаснува кардиологот aсс. д-р Ивица Бојовски од Универзитетската Клиника за Кардиологија.
Високиот крвен притисок, кој се наредува и „тивок убиец“, порано беше болест карактеристична за повозрасната популација, но во последно време е се поприсутен е и кај помладите луѓе. Особено е загрижувачки што многумина не чувствуваат дека имаат проблем, па болеста останува недијагностицирана и нелекувана, а таква може да доведе до сериозни проблеми.

За покачен се смета крвниот притисок повисок од 140/90 милиметри живин столб.

Притисокот – причина за смрт

– Во Македонија немаме прецизни статистички податоци за старосната граница кај пациентите со хипертензија, во светски рамки од последните податоци, може да се каже дека таа расте со годините, па така кај индивидуите од 18-40 години изнесува околу седум отсто, кај пациентите меѓу од 40 до 60 години процентот е 33, а кај постари од 60 години, околу 60 проценти. Од моето искуство, најмладиот пациент со дијагностициран висок крвен притисок беше момче на 18 години со екстремна обезност и со присутен наследен генетски фактор, односно, неговите родители боледуваа од хипертензија исто така уште од млада возраст – вели д-р Бојовски.

Последните податоци во САД велат дека повеќе од 18 отсто од младата популација до 40 години има хипертензија. Според статистиките на светско ниво секој петти човек во светот страда од висок крвен притисок. Во 2019 година, хипертензијата била примарна причина за смрт на повеќе од 500.000 луѓе ширум светот и за водечки ризик фактор за појава на кардиоваскуларни заболувања, чиј број значително пораснал во последните две години, со пандемијата на ковид-19.

– Крвниот притисок е производ на ударниот волумен и периферниот васкуларен отпор. Колку повеќе срцето пумпа или се зголемува периферниот васкуларен отпор, крвниот притисок се зголемува. Крвниот притисок се опишува со користење на две вредности. Просечната нормална вредност кај млади луѓе изнесува 120/80 милиметри живин столб. Повисоката вредност или систолен крвен притисок е звукот што срцето го создава кога ја испумпува крвта во васкуларниот систем. Пониската вредност или дијастолен крвен притисок е притисокот во крвните садови за време на срцевата фаза на релаксација – појаснува кардиологот.

Подобро да се спречи отколку да се лекува

Според д-р Бојовски подобро е појавата на висок крвен притисок да се спречи, отколку да се лекува.

– Најважно од се е дека појавата на висок крвен притисок може да се превенира и да се спречи. Најголем дел од ризик факторите за хипертензија што претходно ги споменав се модифицирачки, па така доколку сакаме да спречиме појава на хипертензија во млада возраст треба да бидеме физички поактивни и тоа најмалку 150 минути умерена аеробна физичка активност или најмалку 75 минути потешка физичка активност, неделно. Тука важна улога игра и храната, која треба да биде богата со овошје и зеленчук, да се има намален внес на заситени масти и сол, да не се пушат цигари, а консумирањето на алкохол да се сведе на минималните дозволени граници – препорача д-р Бојовски.

Кардиологот исто така појаснува дека според етиологијата хипертензијата може да биде примарна или секундарна. Секундарна е онаа кај која имаме јасен причинител за појава на болеста и почесто се јавува кај млади, а како најчести причини за неа се сметаат бубрежните болести, болести на надбубрежните жлезди со пореметување на хормонската екскреција, хиперпаратироидизам, болести на тироидна жлезда, болести на големите и малите крвни садови, употреба на медикаменти (хормонски контрацептиви, нестероидни антиинфламатори, кортикостероиди, стимуланси, супресори на имуниот систем) и сл. Додека пак за примарната хипертензија не е позната специфичната причина за нејзината појава и се претпоставува дека е комбинација од негативните влијанија на нездравиот начин на живот.

Ковидот и крвниот притисок

Искуствата од последните неколу години на д-р Бојовски укажало дека кај одредени пациенти имало појава на хипертензија за време на болеста и третманот за ковид-19, а кај некои пациенти хипертензијата останала да перзистира и по излекувањето од болеста.

– Според моето искуство како кардиолог во ковид-центрите во нашата држава, забележавме дека кај пациентите кои имаа потешка форма на ковид-инфекција и кои имаа потреба од кортикостероидна терапија, очекувано се забележуваше пораст на крвниот притисок и беше третиран со антихипертензивна терапија. Со намалувањето на дозите на кортикостероидни лекови се намалуваа и дозите на антихипертензивните лекови, за по прекинот на терапијата и комплетно да се исклучат. Но, морам да напоменам дека имаше и случаи кај кои крвниот притисок не се нормализираше по излекувањето од ковид-19, и тие пациенти продолжија со антихипертензивни лекови – истакна д-р Бојовски.

Во однос на половата застапеност значајно е да се напомене дека појавата на зголемен крвен притисок кај помлади почесто се случува кај мажите, додека кај постари од 60 години почесто се јавува кај женската популација.

Да се открие и да се пие терапија

Д-р Бојовски напоменува дека многу често се случува хипертензијата да не биде откриена на време, но голем е процентот и на пациенти со дијагностицирана хипертензија кои одбиваат да примаат антихипертензивна терапија.

– Многу е битно да се прават редовни контроли на крвниот притисок и да се слушаат советите на лекарите. Секој пациент посакува да може да го регулира крвниот притисок без користење на лекови. Па затоа многу важно е навременото дијагностицирање и строгата промена на животните навики. Особено значајна е здравата исхрана, намалување на телесната тежина и зголемена физичка активност, како и избегнувањето на стресни ситуации. Навременото делување на причините кои довеле до хипертензија ќе спречи да се доведете во состојба да ги лекувате последиците од овој тивок убиец, кои може да бидат и фатални – порачува д-р Бојовски.