Фото: Принт-скрин

Најмалку 18 лица загинаа во бразилскиот град Рио де Жанеиро, за време на голема полициска рација во сиромашна населба, соопшти државната воена полиција.

Оперативни тимови на цивилната и воената полиција на Рио де Жанеиро упаднаа во комплексот Алемао, во рамки на акцијата против организирани криминални групи, осомничени за повеќе кражби и грабежи на банки, како и за планирање напади врз сиромашни квартови, се наведува во соопштението.

Според полицијата, најмалку 18 лица загинаа во рацијата, од кои еден полицаец, 16 осомничени криминалци и една жена која се нашла во близина.

Во операцијата учествуваа околу 400 полицајци, четири летала и 10 оклопни возила.

Поради големиот број загинати, полициската акција поттикна истрага за можно кршење на човековите права.

– Има знаци на големи прекршувања на човековите права и оправдано сомнение дека ова е една од операциите со најголем број смртни случаи во Рио де Жанеиро – се истакнува во соопштението на државниот правобранител.