Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, во емисијата „Надворешна – Светот во дијалог“ на МРТ оцени дека Македонија е добро позиционирана во меѓународните односи, како во однос на стратешкото партнерство со САД, така и во однос на политичките, економските и културните врски со Европската Унија и земјите од регионот, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ што МИА го објавува интегрално, пренесе МИА.
Милошоски посочи дека Македонија има можност да води избалансирана и стратешки усогласена надворешна политика, која истовремено ќе овозможи продлабочување на партнерството со САД и зајакнување на врските со европските партнери.
-Јас мислам дека Македонија е добро позиционирана и по однос на стратешкото партнерство со САД и по однос на нашата политичка, економска, културна континентална поврзаност со ЕУ и со земјите од регионот. Не би ги исклучил затоа што земјите од регионот се еден навистина битен параметар којшто е во наша корист – изјави Милошоски.
Тој нагласи дека односите меѓу САД и Европа треба да се разгледуваат како меѓусебно поврзани, посочувајќи дека европскиот економски развој и демократијата во изминатите шест децении биле поддржани од американската стабилност и безбедносна поддршка.
-Затоа сметам дека Македонија може да настапува на начин којшто ќе биде компатибилен и со развивање на стратешкото партнерство преку овие дијалози за стратешко партнерство и со политичките конекции со Европа, со некои земји со Германија, Австрија, Италија, Хрватска, Словенија, регионот – рече Милошоски.
Во однос на усогласеноста со Европската Унија, Милошоски оцени дека Македонија има добро досие во спроведувањето на заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. Како поткрепа на оваа оценка, тој се повика на статистички податоци за гласањето по резолуции, декларации и други акти во Обединетите нации во периодот од 2024 до 2026 година.
Според податоците што ги презентираше, Македонија во шест случаи гласала исто како САД, а спротивно на мнозинството земји-членки на ЕУ, во ситуации кога Унијата немала заеднички став. Од друга страна, во 148 случаи земјата гласала како мнозинството членки на ЕУ, а различно од САД, кога немало консензус меѓу европските земји.
-Значи, се гледа дека нашата политика, кога ЕУ има утврдена заедничка надворешна и безбедносна политика, нашиот глас е придружен на ЕУ како целина – истакна Милошоски.
































