Широка влада со чесни вмровци

Зошто не е искрен? Затоа што повикот на Зоран Заев им е упатен на чесните вмровци! Зоран Заев и СДСМ ја продолжуваат комунистичката политика од СФРЈ на вклучување на „чесните Албанци“ во власта, само сега тоа се чесните вмровци!

Коа почнував да пишувам, прашав познат колумнист, кој имаше дневна колумна, како успева да добие инспирација за нова колумна секој ден. Добив одговор што не го очекував, дека многу е полесно да се пишува секој ден за темата што доминира тој ден отколку неделно, бидејќи треба да направиш избор. Тогаш не го разбрав тоа докрaј, но деновиве го спознавам. Тамам почнав да пишувам за предлогот за решавање на спорот со Бугарија на Љубчо Георгиевски, нова тема „широка влада со чесни вмровци“ отворена од Зоран Заев, премиер. Коментирањето на предлозите на Љубчо Георгиевски е актуелно повеќе, нов ден, нова тема, да не речам нов скандал. Како сега предлогот на Зоран Заев за „нов концепт“ за национално помирување, односно широка коалиција, влада, може да биде нов скандал? Може, затоа што, во нормални услови, не постои таков концепт; затоа што не е искрен, туку уште еден трик купи ден продај.
Зоран Заев „новиот концепт“ на владеење го спореди со Швајцарија и Германија, а ниту еден од посочените модели не е владеење во нормални услови. Заборави да го спомене Либан, веројатно поради лошата аура на поделба на функции според припадност на заедница. Зошто не се модели за владеење во нормални услови? Швајцарија е конфедерација, каде што најголем дел од државниот делокруг е на ниво на кантони, а само мал број надлежности се на ниво на конфедерација. Поради тоа, ми се чини, Владата има само седум члена, што ја сведува на некаков репрезентативен совет. Дополнително, во Швајцарија се практикува директна демократија или референдуми, што дополнително го намалува значењето на Владата.

Е, таквата влада е обично широка. Вториот пример е Германија, понекогаш Австрија. Таму се познати коалиции на ЦДУ и СПД, но само како начин на изолација на екстремна десница (АфД) и бившите комунисти (Линке). Главните партии имаат премолчен договор дека нема да прават коалиции со екстремни партии, како што се случи во Австрија пред 20 години, по што Австрија беше меѓународно изолирана.
Широка влада во Македонија не може да биде „нов концепт“ на владеење без промена на политичкиот систем и на Уставот. Широка влада може да биде чин на сплотување на политичките сили во вонредна состојба, како што беше во 2001 година, или како на пример справување со корона-пандемијата. Ама ако е за тоа, требаше многу порано.
Дополнително е дека предлогот не е искрен и страшно е дека Зоран Заев, премиер, употребува вакви работи за купи ден продај. Зошто не е искрен? Затоа што повикот на Зоран Заев им е упатен на чесните вмровци! Зоран Заев и СДСМ ја продолжуваат комунистичката политика од СФРЈ на вклучување на „чесните Албанци“ во власта, само сега тоа се чесните вмровци! Како во минатите комунистички времиња, кога партијата ги избираше „чесните“ претставници за вклучување во власта, така и сега Зоран Заев би сакал да ги избере и вклучи чесните вмровци! Не ВМРО-ДПМНЕ како партија, за неа нема место, а уште помалку за сегашниот лидер Христијан Мицковски, туку само за чесните вмровци, секако рачно избрани лично од Зоран Заев! Власта сака да си ја избере опозицијата!? Тоа го имаше само во 1945 година.
Од многу далеку е видливо дека предлогот, вклучувајќи со промената на реториката да не се напаѓа ВМРО-ДПМНЕ туку само Мицковски, е наменет да се даде ветер во урнисаната идеја за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ и поставување раководство на ВМРО-ДПМНЕ по желба и избор на СДСМ. Времето и акциите укажуваат дека примарна цел е влијание на вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.

Најавата дека идејата може да биде актуелна и по локалните избори укажува дека Зоран Заев не се откажува од инженеринг во ВМРО-ДПМНЕ и следната шанса ќе биде по локалните избори, особено ако опозицијата има лоши резултати.
Има и секундарна цел, а тоа е намалување на барањата на Беса и ДУИ. По одбивањето на етничките лични карти на Беса, како и ДУИ поддршката за доверба на Владата, можно е да има дополнителни барања на Беса и ДУИ од СДСМ. Зоран Заев повторно ја употребува широката влада како „левериџ“ кон ДУИ и Беса.

Од друга страна, ниту ВМРО-ДПМНЕ не е искрена кон идејата. Доколку националниот интерес е најважен во овој момент, а тоа е справување со здравствената, економската, образовната и други подрачја на криза предизвикани од короната, како и лошото управување на Зоран Заев и СДСМ, треба поинаков пристап. Јасно е дека во октомври 2021 година, со отсуство на вакцинација, ќе бидеме во четвртиот бран на корона (третиот е пролетва). Широка влада со одлагање на локалните избори во 2022 година, и тогаш можеби вонредни парламентарни избори, може да е решението што ќе помогне да се справиме со корона-катастрофата.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek