Фото: Игор Бансколиев

Последната владина одлука наиде на одобрување кај граѓаните, а од Организацијата на работодавци на Македонија изјавија дека очекуваат ограничувањето на маржите да предизвика намалување на цените на основните прехранбени производи

Ограничување на маржата за основните прехранбени производи во трговијата на големо и во трговијата на мало од денес до крајот на септември годинава е една од мерките што ги донесе Владата на вчерашната седница.
– Во консултација со бизнис-заедницата и по координација со надлежните институции, донесовме одлука, според која, започнувајќи од денеска, заклучно со 30 септември 2022 година, за леб бел сечен на парчиња или цел, шеќер бел, како и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло) се утврдува трговска маржа во висина до 5 отсто во трговијата на големо и до 5 отсто во трговијата на мало. За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8 отсто, 3,2 отсто и 3,5 отсто и јајца од кокошка за сите трговски друштва и трговци поединци што учествуваат во трговскиот синџир се утврдува трговска маржа во висина до 10 отсто во трговијата на големо и до 10 отсто во трговијата на мало – истакна министерот за економија Крешник Бектеши, по одржаната владина седница.

Бектеши исто така информира дека според одлуката, за овие производи нема да се пресметуваат оперативни трошоци и не се одобруваат рабат и надоместоци што трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо, и тоа за рекламирање и за изложување на стоките на рафтови односно полици (примарни и секундарни позиции).
– Со оваа одлука се ограничува растот на цените во наредниот период преку утврдување на висината на трговската маржа, која треба да влијание на растот на цените на мало на основните прехранбени производи. На овој начин, евентуалниот раст на цените во трговијата на големо и во трговијата на мало ќе биде предизвикан од растот на увозните и берзанските цени, како и од растот на производствените трошоци.

Според одлуката, како што кажа Бектеши, се предлага рабатот и надоместоците да не се одобруваат до 31 декември 2022 година.
Владата, како што кажа Бектеши, будно ќе ја следи ситуацијата и, како што додаде, нема да дозволи да се прави профит на грбот на граѓаните.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа дали Владата ќе се откаже од некакви давачки што компаниите ги имаат кон државата, со оглед на високите цени на струјата и високите цени на суровините, Бектеши кажа дека цените на продуктите не се зголемени поради зголемување на струјата, оти, како што кажа, цената на струјата овој месец не е поголема од претходните месеци.
– Тој трошок од цената на електричната енергија не може да биде поголем за да се стави во цената. Цената преку универзалниот снабдувач за мали потрошувачи, за микро, мали компании е истата што ја имале од јануари до денес. Во слободниот пазар е намалена за тие компании што биле на слободниот пазар во претходните месеци – посочи министерот.

Во однос на директните фискални импликации од страна на буџетот, министерот посочи оти е најавено и се чека ребалансот да помине во Собранието.
– Денот кога ќе помине ребалансот во Собранието ќе излеземе и ќе известиме за новите мерки, кои ќе бидат насочени – додаде тој.
Бектеши нагласи дека сите мерки што досега биле носени и се носат се во соработка со стопанските комори, а оти не е фер кон потрошувачите во текот на 24 часа да има зголемување на цените за 80 отсто кога нема зголемување на оперативните трошоци ниту на суровините.

Претседателот на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, вели дека ограничувањето на маржите на трговците е правична одлука и дека се очекува веќе од денес да има и намалување на цените на овие производи.
– Би требало оваа мерка да донесе и намалување на цените на основните прехранбени производи, бидејќи така и се случи пред половина месец кога престанаа да важат дел од мерките, трговците веднаш посегнаа по зголемување на цените. Сметам дека ова е антикризна мерка со која ќе им се помогне на граѓаните со цел да се амортизираат ударите од кризата – нагласува Димитров.

Тој додава дека Владата добро постапи што ги ограничи маржите за прехраната на трговците, на тој начин се обезбедува сите да учествуваат во решавањето на проблемот, а од друга страна нема да се доведеме во ситуација на недостиг од одредени производи.