Фото: Игор Бансколиев

Владата го поздравува усвојувањето на Законот за ратификација на Договорот помеѓу Македонија и Европската унија за оперативните активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС) во земјава.

-Договорот за ФРОНТЕКС, ратификуван на вчерашната собраниска седница, беше потпишан на 26 октомври 2022 година и е прв потпишан договор со ЕУ, на македонски јазик, без додавки, фусноти и ѕвездички, што е доказ за заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, кои со овој документ се поставени на европско рамниште, заедно со сите други јазици и идентитети на земјите членки на ЕУ – се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Со потпишувањето на овој документ и неговата ратификација, како што е наведено во соопштението, статусот на службената употреба на македонскиот стандарден јазик се издигнува на врвно рамниште, што нѐ прави сите нас, граѓаните на Македонија, исклучително горди на нашата култура, јазик и идентитет, кои се признати и препознаени и во меѓународни рамки.

-Македонскиот јазик и идентитет се зачувани и втемелени во европското законодавство. Овој чин е крунисување на заложбите за зачувување и промовирање на македонскиот јазик на нашиот евроинтеграциски пат – посочуваат од Владата.

Ратификувањето на Договорот за ФРОНТЕКС, кој беше потпишан помеѓу Европската Унија и земјава, е израз на нашата заедничка посветеност за дефинирање на трајни решенија во справување со илегалната миграција и прекуграничниот криминал, при што почитувањето на човековите права и демократските принципи се основни темелни принципи, на кои се темели меѓусебната соработка.

На овој начин со имплементацијата на овој Договор, ќе се придонесе кон ефикасно управување и справување со предизвиците од миграцијата и потенцијални идни закани, а со тоа и кон справувањето со сериозниот криминал со прекугранична димензија.

Овој Договор ги уредува сите прашања неопходни за распоредување на тимовите за управување со границите од постојаниот корпус на Европската гранична и крајбрежна стража на територијата на Македонија, при што членовите на тимот можат да вршат извршни овластувања.