Една од најновите студии покажа дека дрвјата во градовите навистина ги спасуваат животите на луѓето. Истражувањето, кое беше објавено во научното списание „Лансет“, покажа дека садењето повеќе дрвја во европските градови може да ја намали стапката на смртност за 40 проценти. Студијата опфати 93 града со просечна покриеност на дрвја од 15 проценти.
Утврдено е дека просечната температура може да се намали за 0,4 Целзиусови степени, со зголемување на покриеноста на дрвјата за 30 проценти. Земајќи ги предвид податоците од 2015 година, кога последен пат беа достапни сите податоци, се проценува дека 2.544 смртни случаи (39,5 проценти) од 6.700 луѓе што починале од срцеви проблеми можеле да бидат спречени.
Високите температури може да предизвикаат ефект на „топол урбан остров“ доколку нема доволно зелени површини во градовите. Тоа се случува кога асфалтот, железото и бетонот ја апсорбираат и задржуваат топлината. Температурите во такви околности стануваат опасно високи. Утврдено е дека овој проблем е најизразен на југот и на истокот на Европа. Температурата на Стариот Континент во 2015 година во просек била повисока за 1,5 степен. Во романскиот град Клуж-Напока, чија покриеност со дрвја е само седум отсто, температурата била седум степени повисока во однос на околниот регион.
Според податоците на Обединетите нации, 2,5 милијарди луѓе треба да живеат во градовите до 2050 година. Ефектот „топол урбан остров“ ќе биде уште поизразен поради употребата на фосилните горива.
Лондон и Барселона се меѓу градовите што имаат цел 30 отсто од нивната градска површина да биде покриена со дрвја. Како што пишува весникот „Енерџи енд билдингс“, друг метод за борба против споменатиот ефект е зазеленувањето на покривите на зградите. Покрај тоа, се предлага да се користат бои што ќе рефлектираат повеќе светлина.