Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поголема група граѓани, меѓу кои и деца, денеска не можеле да се симнат од врвот на Водно, со жичницата, поради силниот ветер. Од Центарот за управување со кризи информираат дека проблемот е надминат откако жичницата била повторно ставена во употреба.

– На телефонски број за итни повици 112 во 15.40 часот добиена е пријава од лице кое се наоѓало на Водно кај Крстот, каде известува за поголема група на луѓе, меѓу кои и многу мали деца, кои чекаат да се симнат по жичницата, меѓутоа поради големите ветрови на истите од страна на вработените на Жичарата не им е дозволено да се симнат со лифтот – наведоа од ЦУК.

Лицата побарале помош за симнување, посочувајќи дека биле известени од страна на вработените во Жичарата дека патот е подзамрзнат и тешко е со кола да се стигне до местото каде се наоѓале луѓето.

За настанатата состојба ЦУК го известило одговорното лице од Град Скопје и ЈСП Скопје. По извршените контакти со одговорното лице, жичницата била ставена во функција и луѓето безбедно се симнале надолу до Средно Водно.

Од страна на Град Скопје е известен и Црвениот Крст чии претставници се наоѓале на лице место и им помагале на луѓето безбедно да се симнат надолу.

Состојбата е надмината и временските услови се стабилизирани, соопштија од ЦУК.