Зелена партија ДОМ остро се спротивставува на градежните активности во Старата скопска чаршија и бараат веднаш да запрат ископувањата.

– Чаршијата е културно историско јадро и симбол на градот Скопје и секоја интервенција влијае на нејзиниот изглед и автентичност. Неслучајно со Законот за Старата скопска чаршија од 2008 година, чаршијата е прогласена за културно наследство од особено значење и е под заштита на државата – велат од партијата.

ДОМ бара надлежните институции, Управата за заштита на културното наследство, НУ Конзерваторски центар-Скопје и Општина Чаир детално да ја информираат јавноста за „Проектот за ревитализација на Старата скопска чаршија”.

– Дали промената на калдрмата и витрините е според законските прописи и правила за заштита на културно наследство и дали се планира автентична реконструкција според историски извори? Дополнително, ДОМ смета дека во овој период на корона криза, трошењето на финансиски средства за ваква намена е непродуктивно и неодговорно. Затоа, бараме градежните активности во чаршијата веднаш да запрат, а средствата да се пренаменат за справување со здравствените и социо-економските последици од пандемијата – додаваат од ДОМ.