Приказни од самоизолациjа

Време е да се биде дома

Веќе подолго време сите сме дома, заедно. Неочекувано ја откриваме убавината на просторот, на нашиот топол дом, кој сега ни изгледа бескрајно голем, и ние во него, постојано дома, со најмилите. Просторот нѐ потсетува на нешто што одамна сме го имале а сме го заборавиле: мирисот на утринските мекици, пладневното кафе со чаша вода, ужинката од мармалад направен од дренки, црното вино од дедовото лозје, старите гурабии по рецептот на баба, како мезе со муабетот… Смиреноста владее со просторот, воздухот и светлоста се исполнети со некаква чудесна енергија и полет, а тишината се размножува, таа доаѓа и се шири од секое ќоше на салонот и двете соби, таа нѐ обзема и нѐ храни. Оваа тишина е чиста и иста како онаа тишина за која пее големиот и вечен Ацо Шопов, зашто сето она што е ставено во нас: Тишината сама ќе го рече…

И, навистина, го вели.
На Ти сум со неколкуте цвеќиња во саксиите (доволно полеани), на Ти сум со фотографиите од албумите (мама со едноделен црн костим за капење, тато со весникот во рака онака дебелко, со подгорен сламен шешир, дада, пак, расплакана како ретко кога), на Ти сум со фустаните во плакарите (испеглани, намирисани и покриени со бели чаршафи), на Ти сум со драгите книги распоредени на три полици (добро е, немаат на себе прашинка), на Ти сум со предметите што ме опкружуваат (а ги има доволно) и, најважно, на најблиско Ти сум со двете ќерки (што досега, од мојата дневна затрчаност, како брзо да ми пораснаа).

На Ти сум со сопругот (чии шеги и досетки сите нѐ расположуваат), на Ти сум со прозорците низ кои одвреме-навреме погледнувам кон улицата, малото паркче и соседната висококатница (добро е, се придржуваме на препораките), на Ти сум со нашето домашно милениче, кучето Монк, на Ти сум и со четирите ливчиња во бои, кои се залепени на фрижидерот за да ги гледаме и за да нѐ гледаат, уште повеќе да нѐ потсетуваат кој од нас што треба не само денес туку и сите следни денови да работи и да сработи.

Но најмногу гледам и веќе наизуст го научив напишаното со црвен кармин на големото огледало што е сместено во малиот простор на влезот од станот, кое го напишала некоја од ќерките или во договор двете: „Време е да се биде, дома“.