фото: ФБ на претседателката Гордана Силјановска-Давкова

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова го оцени изборот на Македонија за членка на Економски и социјален совет на Обединетите нации (ЕКОСОК) како значаен дипломатски успех и силна потврда за довербата што меѓународната заедница ја има во државата.

Во објава на социјалните мрежи, Силјановска-Давкова истакна дека овој резултат е плод на активна, принципиелна и доследна надворешна политика, како и на долгогодишни дипломатски напори за обезбедување меѓународна поддршка.

 – Особено ме радува што бројните дипломатски активности и средби со странски државници и партнери дадоа резултат и што поддршката што ни беше ветена се преточи во конкретен успех – наведе претседателката.

Според неа, изборот во едно од најважните тела на Обединети нации доаѓа во период на значајни глобални предизвици и промени во меѓународниот поредок, што дополнително ја нагласува неговата важност.

Таа оцени дека членството во ЕКОСОК ја потврдува довербата во конструктивната улога на Македонија, нејзината посветеност на мултилатерализмот и капацитетот активно да придонесува во справувањето со глобалните економски и социјални прашања.

Силјановска-Давкова најави дека државата ќе продолжи да се залага за дијалог, меѓународна соработка, одржлив развој и инклузивен просперитет, како и за зајакнување на ефикасноста и кредибилитетот на мултилатералниот систем.

 – Овој избор уште еднаш потврдува дека Македонија е почитуван, доверлив и влијателен чинител на меѓународната сцена и дека нашата принципиелна и проактивна дипломатија добива сè поголемо признание – истакна претседателката.

Таа порача дека ќе продолжи да води надворешна политика заснована на почитување на човековото достоинство и државните интереси, истовремено залагајќи се за заштита на правата на македонското малцинство во согласност со меѓународните и европските стандарди.