Фото: Фејсбук профил Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски, кој учествува на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, оствари билатерални средби со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, при што во фокусот беа европската интеграција, регионалната соработка и иднината на Западен Балкан.

По средбата со Макрон, Мицкоски информираше дека разговарале за состојбите во регионот, европските перспективи и прашања од значење за граѓаните.

 – Франција е една од највлијателните држави во Европа, затоа е важно да се разговара отворено, директно и со јасно изразени очекувања. Нашата цел е да градиме пријателства, да отвораме врати и да обезбедиме поголемо разбирање и поддршка – напиша премиерот на социјалните мрежи.

На средбата со Мерц биле разменети мислења за предизвиците со кои се соочува регионот, европските перспективи на земјите од Западен Балкан и потребата од продлабочување на соработката со Европската Унија.

 – Ваквите средби претставуваат можност за градење нови партнерства и зајакнување на врските кои се од значење за иднината на нашиот регион – истакна Мицкоски.

Самитот ЕУ – Западен Балкан се одржува во Тиват под мотото „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“, а централна тема е политиката на проширување на Унијата.

Со самитот претседава Антонио Кошта, додека домаќин е Јаков Милатовиќ. На собирот присуствуваат и Урсула фон дер Лајен, Каја Калас и Роберта Мецола.

Во рамки на самитот, Франција и Германија презентираа заеднички нон-пејпер со кој се предлага постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија уште пред полноправното членство.

Документот предвидува поголем пристап до единствениот европски пазар, поинтензивно учество во европските програми и институции, како и поедноставување на пристапниот процес, со цел да се забрза интеграцијата на земјите кандидати врз основа на нивниот реформски напредок и исполнувањето на Копенхашките критериуми.