Фото: МОН

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска во претседателската „Вила Водно“ прими талентирани ученици со нивните ментори од основните и средните училишта кои во учебната 2025/2026 година учествуваа на меѓународни научни олимпијади и натпревари, а дел од нив се и добитници на медали, високи награди и признанија. На средбата присуствуваше и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

-Во оваа просторија одамна немало повеќе ум и знаење. Не можам да опишам колку се гордеам кога ќе отидам некаде и кога прашуваат – колку математичари има во таа мала држава, бидејќи секогаш од натпревари нашите таленти се враќаат со први награди. Потоа по физика, по вештачка интелигенција… Ви посакувам уште многу награди, не за да се фалиме ние, туку за да може оваа држава да оди напред – им порача претседателката Сиљановска-Давкова.

Како што рече, нема подобар ден во предвечерието на 8 Септември, да се соберат најумните, најнаградуваните.

-Бидејќи само така ќе се оствари една мисла на АСНОМ: „Каква држава ќе направиме, во таква ќе живееме.“ Јас мислам дека вие имате шанса да направите од оваа држава едно пристојно место за живеење, за натпревар, земја во којашто најдобрите ќе се најдат на највисоките позиции. Нема тогаш да заминуваат. Заедно со културата и науката, образованието е нешто во кое нема мали или големи држави. Таму ние можеме да се натпреваруваме – рече претседателката.

И министерката за образование и наука Весна Јаневска на талентираните ученици им рече дека не случајно токму денеска, пред големиот празник 8 Септември, „вие сте овде за да ви искажеме благодарност“.

-Многу сум среќна што секоја година сте во поголем број. Ние се гордееме со вас иако гордоста е ваша. Но, бидејќи сте толку многу умни, дозволете и ние да ја споделиме со вас вашата радост и вашата гордост – рече Јаневска.

Посочи дека МОН и оваа Влада ќе се трудат „на секој можен начин да ви овозможиме со вашите способности да стигнете таму каде што можете“.

– Сега можете, без да мислите на други причини — како ќе стигнете, дали ќе стигнете — само да се посветите на знаењето и таму каде што ќе одите, на било кој натпревар, само да се покажете најдобри. Различни ни се ресурсите и можностите од другите земји, но она што ние го имаме, што со генерации се докажува, сте вие, младите, вашата прогресивност и способности, а оттука нашите очекувања од вас – истакна Јаневска.

Им порача да не ја заборават земјата од која потекнуваат и дека каде и да одат, колку и да бидат успешни, секогаш ќе ги носат корените со себе.

-Тоа е важно дека токму на вашата татковина, токму на вашите браќа и сестри, токму на вашите родители, токму на вашите пријатели, вие им требате овде. Јас како министер за образование ќе направам сѐ вие да постигнувате се поголеми резултати, ама од вас сакам ветување дека никогаш нема да ја заборавите земјата, дека ќе се вратите овде, дека ќе работите за неа, оти иднината на вашата земја зависи од вас – од најумните, од најспособните, од најчесните, од вас со кои ние најмногу се гордееме – истакна Јаневска на настанот во претседателската „Вила Водно“.