Фото: Музеј-галерија Кавадарци

На 7 септември 1976 година, на Денот на ослободувањето на Кавадарци, почнала да работи институцијата Музеј-галерија Кавадарци. Низ годините таа прерасна во вистински темел на културното живеење во градот, со благородна мисија да ги чува материјалните траги на времето и духовното наследство на луѓето од овој регион.

По повод јубилејот, деновиве во Музејот за храна и вкус беше промовирана монографијата „50 години Музеј-галерија Кавадарци“, во присуство на голем број културни работници и граѓани.

Во изминатите пет децении низ Музеј-галеријата поминале генерации стручни работници, истражувачи, уметници и соработници. Почнувајќи од првиот директор на Музејот, Живко Стојковски, преку кустосите-историчари Васил Кимов, Петре Камчевски, Драго Дакиќ, Весна Ѓорѓиева и Ристо Трајков, како и уметниците Јован Јосифовски и Петар Наневски, секој од нив на свој начин оставил трага во историјата на институцијата.

Нивната задача во почетоците била да ги формираат збирките, да го истражуваат теренот и да го прибираат, систематизираат и стручно обработуваат материјалот, со што биле создадени услови за негово чување и презентирање.

Во музејските витрини се изложени околу 350 од најрепрезентативните археолошки предмети, распоредени хронолошки, од праисторијата до средниот век. Особено вредни се збирката од околу 300 примероци средновековен накит и збирката од 70 надгробни стели изложени во лапидариумот на Музејот, заедно со питосите – големи складишни садови што се користеле, пред сè, за чување жито и други видови храна.

Нумизматичката збирка содржи околу 400 монети од различни периоди. Најзастапени се монетите од римскиот период, но има и примероци од времето на македонските кралеви.

Историското одделение, покрај прибирањето, заштитата и презентирањето документи, предмети, фотографии и други материјали од историјата на општина Кавадарци, како и водењето електронска евиденција, се грижело и за заштитата на спомениците на културата. Бил извршен и попис на гробовите на борците загинати во Народноослободителната војна.

Фото: Музеј-галерија Кавадарци

Музеј-галеријата низ годините ја извршувала својата благородна мисија, запишувајќи ја историјата на градот и создавајќи трајни сведоштва за неговото минато. Во тој контекст бил организиран симпозиумот „Тиквешијата во НОВ 1941–1945 година“, а материјалите од него биле објавени во осум книги. Во изминатите пет децении биле реализирани 119 историски изложби и 15 свечени академии и трибини.

Петре Камчевски, кој од своите 38 години работа во Музеј-галеријата, 27 години бил директор на институцијата, објавил повеќе од 200 стручни и научни трудови и организирал симпозиуми, трибини и конгреси во земјата и во странство.

Тој е автор на триесетина книги за тиквешките војводи и револуционери, како и на монографии за Кавадарци и за селата Ваташа, Ресава и Дреново. Автор е и на книгите „Лозарството и винарството во Тиквешијата низ историјата“, „Даскал Камче“, „Девет тиквешки великани“, „Никола Минчев – спомени и материјали“, „Занаетчиството во Кавадарци“ и „Кавадаречки историски речник“. Коавтор е на делата „Вистински приказни за вечни спомени“, „Кавадарци во објективот на старите фотографи“ и „Цркви и манастири во Кавадаречко“, како и на повеќе други изданија.

Особено место заземаат спомен-собите посветени на Првата македонска дивизија и на партизанската болница во Шешково, спомен-собата на партизанскиот одред „Добри Даскалов“, Спомен-куќата на Страшо Пинџур, како и уште четири спомен-соби на различни локации.

Голем е придонесот и на Етнолошкото одделение во афирмирањето на етнолошкото богатство на тиквешкиот крај, особено на лозарството и винарството, кои во овој регион имаат традиција подолга од два милениума.

Преку 34 етнолошки изложби и бројни научноистражувачки проекти се презентирани пишани документи, фотографии и преданија за традицијата на одгледување винова лоза и производство на вино и ракија, вклучително и во османлискиот период.

Во постојаните поставки се изложени предмети и алати поврзани со преработката на грозјето и производството на вино, селска соба, делови од народни носии, теракотни предмети и предмети изработени од бакар, кои се користеле за послужување храна и пијалаци.

Значителен број посетители привлекуваат и спомен-собите на доајенот на македонската народна песна Никола Бадев и на Васил Хаџиманов, еден од најголемите македонски етномузиколози и промотори на македонската музика и фолклор, како и постојаната поставка „Градска соба“.

Музеј-галеријата е еден од најзначајните носители на културниот и уметничкиот живот во регионот. Во изминатите пет децении таа изградила препознатлив идентитет и создала трајни вредности во областа на ликовната уметност.

 

Институцијата располага со збирка од 300 уметнички дела, кои претставуваат оригинални авторски остварувања на повеќе од 100 уметници. Монографијата содржи податоци, распоредени по децении, за околу 400 реализирани изложби на еминентни ликовни уметници, почнувајќи од основоположниците на современото македонско сликарство до денес.

Во 2025 година изложбената дејност достигнала висок степен на продуктивност и квалитет. Традиционалната изложба по повод Свети Трифун била реализирана според нов концепт, со учество на 39 автори. Биле создадени 76 нови уметнички дела и шест скулптури, што претставува значаен исчекор во обемот и значењето на изложбата.

– Музеј-галерија Кавадарци има одговорност не само кон градот во кој е создадена туку и кон културниот простор на Македонија. Во нејзините збирки се чува дел од приказната за еден регион, но преку таа приказна се чита и приказната за едно општество. Педесет години се доволен период да се создаде традиција, но не и да се заврши една мисија. Напротив, јубилејот треба да биде нов почеток. Времето пред нас бара музеите да бидат уште поотворени, поактивни и поблиски до својата публика. Новите технологии, новите начини на комуникација и новите генерации создаваат нови можности, но и нови одговорности. Културното наследство мора да се сочува во својата автентичност, но истовремено мора да се најдат современи начини тоа да биде разбрано и доживеано – изјави директорот на Музеј-галерија Кавадарци, Јаким Зимовски. M.M.