Фото: Министерство за спорт
  • На конкурсот за 2026 година беа поднесени девет кандидатури за државната награда и шест кандидатури за наградата за животно дело

По повод Денот на независноста, 8 Септември, Министерството за спорт вчера на пригодна свеченост во Собранието на Република Македонија ги додели државните награди за високи остварувања во областа на спортот. Државната награда „8 Септември“, со која Република Македонија им оддава признание на спортистите, тренерите и спортските работници што со своите резултати, посветеност и долгогодишна работа оставиле трајна трага во македонскиот спорт, годинава се одржа по 14. пат.

Годинешни добитници на еднократна наградата за остварувања во областа на спортот се: Димче Ангелов (борење), Ацо Крстов (борење), Дејан Ангеловски (атлетика) и Ангел Мицевски-Скакар (борење), а наградата за животно дело, која е од траен карактер, му припадна на Трајче Димков, чиј живот е поврзан со борењето – како спортист, тренер, селектор и спортски работник.

Министерот за спорт Борко Ристовски ги поздрави добитниците и во своето обраќање истакна дека државната награда што го носи името на Денот на независноста има посебна симболика, бидејќи со неа државата им оддава почит на луѓето чии спортски достигнувања станале дел од нејзината историја.
– Постојат спортски резултати што остануваат запишани во статистиката, но постојат и луѓе чии резултати, карактер и дело стануваат дел од колективната меморија на една држава. Денеска сме тука токму поради такви луѓе. Луѓе што победувале, создавале шампиони, граделе спортски генерации и го носеле името на Македонија тогаш кога зад нив стоеле само нивниот труд, нивната дисциплина и вербата дека можат да успеат – истакна меѓу другото министерот Ристовски.

На конкурсот за 2026 година беа поднесени девет кандидатури за државната награда и шест кандидатури за наградата за животно дело. Изборот на апликантите го спроведува Одборот за доделување на државната награда, кој го сочинуваат 13 лица, истакнати спортски работници и професори од областа на спортот. Г.И.