
- Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, цврсто ја презеде контролата врз раководството на американската армија со продолжена чистка на вооружените сили, во која беа „исчистени“ и неговите ривали во Пентагон, како и оние што се сметаат за недоволно лојални кон него
Пред година и половина малкумина би се обложиле дека министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, ќе ја консолидира моќта во Пентагон. Тесно потврден од Сенатот по обвинувањата за лошо финансиско управување на претходните работни места и прекумерно пиење алкохол, што Хегсет ги негираше, поранешниот водител на „Фокс њуз“ изгледаше неквалификувано за функцијата и не можеше да се спореди со генералите и адмиралите што ќе ги предводи. На функцијата, Хегсет (по наредба на претседателот Доналд Трамп ја носи неформалната титула „министер за војна“) избегнуваше скандали, без разлика дали станува збор за лошо ракување со класифицирани информации или наметнување полиграфски тестови на неговите подредени. Но Хегсет цврсто ја презеде контролата врз својот оддел и врз раководството на војската. Неговата продолжена чистка на вооружените сили на Америка ги „исчисти“ и неговите ривали, како и оние што се сметаат за недоволно лојални кон него.
Секретарот на армијата Ден Дрискол е негова најнова „жртва“. На 31 август Дрискол поднесе оставка до претседателот Доналд Трамп по повеќемесечни судири со Хегсет околу разрешувањето голем број високи армиски офицери и околу иднината на вооружените сили. Широко почитуван од офицерскиот корпус на армијата и виден како искусен реформатор, заминувањето на Дрискол отвора уште повеќе прашања за превирањата што го потресуваат Пентагон и за одржливоста на реформите што треба да ја поттикнат адаптацијата на армијата во ерата на беспилотните летала.
Чистките на Хегсет беа драматични. Откако ја презеде функцијата, тој разреши најмалку 24 офицери или генерали. Се чини дека многумина биле отпуштени без причина, освен нивната раса, пол или поврзаност со офицери што Хегсет не ги сакал.
Како поранешен припадник на националната гарда, кој напредувал до чин на мајор, Хегсет долго време имал посебна омраза кон армијата, институција за која тврди дека „го отфрлила“. Во април го отпушти генералот Ренди Џорџ, највисок армиски офицер во Америка и некој со кого Дрискол бил близок. Крис Донахју, почитуван генерал со четири ѕвездички, кој ја предводеше американската армија за Европа и Африка, беше принуден да се пензионира два месецa подоцна откако Хегсет ги намали неговите командни овластувања. До денес, и покрај тековната војна со Иран, армијата нема началник на Генералштабот, секретар или командант на силите во Европа потврден од Сенатот. Се вели дека заменикот на Дрискол е исто така на прагот на заминување.
Дрискол возврати најдобро што можеше.
– Тој спречи голем број офицери да бидат отпуштени или блокирани – вели член на Конгресот.
Сепак, се верува дека неодамнешното отстранување седум армиски офицери од списокот од 18 одобрени за унапредување во генерал со две ѕвездички од страна на Хегсет беше последната капка што ја прелеа чашата.
Заминувањето доаѓа во клучен момент. Се верува дека Дрискол, поранешен соученик на Универзитетот „Јејл“ и доверлив човек на потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, дејствувал како контрола врз инстинктите на Хегсет во врска со Иран. Тој упати личен апел до претседателот Доналд Трамп само неколку дена пред неговата оставка, одразувајќи ги загриженостите во многу делови од Пентагон за зголемениот притисок врз вооружените сили на Америка од тековната војна во Иран и мешањето на Хегсет.
Промените на персоналот исто така ги поткопаа важните напори за модернизација што ги надгледува Дрискол. Секретарот на армијата беше во центарот на напорите на Пентагон за набавка на беспилотни летала (во толкава мера што Трамп почна да го нарекува „човекот со беспилотни летала“). Дрискол ја посети Украина во ноември минатата година, кажувајќи им на командантите на претседателот Володимир Зеленски дека ја губат војната, додека иницираат технолошко партнерство со специјалистите за беспилотни летала во земјата. Се смета дека ласкањето што го привлече Дрискол го вознемири Хегсет, кој е заинтересиран да се откаже од иницијативите поврзани со него и неговите сојузници. На пример, новиот армиски баталјон формиран во јануари од страна на генералот Џорџ, за совладување на војувањето со беспилотни летала, веќе постепено се укинува од страна на генералот Кристофер Ланив, вршител на должноста началник на Генералштабот на армијата, кој е близок до Хегсет.
Генералот Ланив претпочита да зборува за пристапот на „враќање кон основите“ за армијата. Иако тоа сè уште вклучува купување модерна технологија, поголем акцент се става на приоритетите слични на движењето МАГА. Генералот Ланив го надгледуваше повлекувањето на армиските единици од Европа и стави поголем фокус на западната хемисфера. Дрискол исто така се расправаше со генералот Ланив околу неговите напори да ги преработи стандардите за физичка подготвеност на армијата, што е долгогодишна фиксација на Хегсет.
Министерот Хегсет веројатно ќе го зацврсти својот став во иднина. Шон Парнел, бучниот портпарол на Пентагон, сè повеќе се посочува како замена за Дрискол. Слично како и неговиот шеф, Парнел се чини дека е заљубен во културолошките војни. Тој би се соочил со тешкотии за потврда во Сенатот, делумно поради неговото ограничено искуство во управувањето со бирократијата. Но тој сè уште би можел да ја преземе функцијата како вршител на должноста. А со секој изминат ден, Пентагон сè повеќе личи на својот шеф.
































