Во просториите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска се одржа првата од четирите јавни расправи за целосно новиот Кривичен законик, со кој се предвидуваат затворски казни до 15 години за злоупотреба на службената положба и овластување, како и за злоупотреби при јавните набавки, концесиите и јавно-приватните партнерства.
Министерот за правда Јетон Шасивари истакна дека подготовката на новиот законски текст претставува значаен чекор во реформата на правосудството, по речиси три децении. Целта, како што посочи, е воспоставување современ, ефикасен и европски усогласен казненоправен систем, кој ќе обезбеди поголема правна сигурност и ќе ја зајакне довербата на граѓаните во правосудството.
Потсетувајќи дека актуелниот Кривичен законик е донесен во 1996 година, Шасивари нагласи дека во изминатите три децении се појавиле нови форми на организиран и финансиски криминал, корупција, злоупотреби во јавниот сектор и сајбер-криминал. Истовремено, бројните измени и посебните закони ја усложниле правната материја.
– Не ни беше потребна уште една парцијална измена или привремено решение. Ни беше потребен нов и современ Кривичен законик – рече министерот.
Како клучни новини во предложениот текст ги посочи систематизацијата и кодификацијата на кривичните дела, усогласувањето со европските и меѓународните стандарди, унапредувањето на системот на казни според тежината на делата, како и засилениот фокус на борбата против корупцијата и криминалот поврзан со јавните средства.
Шасивари нагласи дека јавната функција претставува одговорност, а не привилегија, и дека јавните средства мора да бидат заштитени како средства на граѓаните. Тој додаде дека санкциите треба да бидат применливи во практиката, бидејќи и најстрогите казни немаат ефект без ефикасни постапки, праведно утврдување на одговорноста и законити судски одлуки.
Процесот на изработка на новиот законик започнал во 2019 година, со учество на професори, експерти по казнено право, претставници на судството, обвинителството и други институции. Работните верзии се објавени на ЕНЕР, а текстот со кореспондентните табели на македонски и англиски јазик е доставен до Европската комисија, од која се очекуваат мислење и препораки во рок од четири недели.
Крајниот рок за усвојување на новиот Кривичен законик, согласно Реформската агенда, е декември 2026 година.
Камбовски: Нови решенија за корупцијата, јавните набавки и конфискацијата
Академик Владо Камбовски, во воведното обраќање, ја поздрави поддршката од странските амбасади и организации и најави засилена динамика на јавните расправи, кои ќе продолжат и во апелационите подрачја.
Тој појасни дека, согласно препораките на Европската комисија, ќе се дефинира посебно кривично дело за злоупотреби при јавните набавки, концесиите и јавно-приватните партнерства. Предвидено е и редефинирање на делото злоупотреба на службената должност, усогласување на казните и воведување нови инкриминации, меѓу другото, во областа на заштитата на животната средина и природата.
Камбовски најави и допрецизирање на поимот „службено лице“, со цел јасно да се разграничат помалите злоупотреби од страна на лица на технички позиции од злоупотребите на раководните функционери.
Во однос на примената на новиот законик, тој посочи дека по неговото усвојување и објавување во „Службен весник“ ќе следува период на подготовка од шест месеци до една година. Во тој период ќе треба да се усогласат и Законот за кривичната постапка и другите релевантни прописи.
Камбовски се осврна и на роковите за застареност, наведувајќи дека кај најтешките облици на злоупотреба на службената должност тие изнесуваат 20 години. Во тек се разгледувања за нивно поврзување со престанокот на мандатот на највисоките државни функционери, како и за посебни решенија кај еколошките кривични дела.
Посебно внимание, како што истакна, ќе биде посветено на заокружување на системот за конфискација, вклучително и на можноста за конфискација на имот со непознато потекло за кој постојат сомневања дека е стекнат преку криминални активности на организирани криминални групи.
Граѓанските организации со забелешки за предложените решенија
Претставниците на граѓанските организации изнесоа критики за процесот на подготовка и за одредени решенија во предложениот законик.
Извршниот директор на Коалицијата „Сите за правично судење“, Дарко Аврамовски, оцени дека граѓанскиот сектор добил премногу краток рок за анализа на обемен и целосно нов законски текст.
Според него, иако подготовката започнала уште во 2019 година, граѓанските организации долго време немале доволно информации за текот на процесот и за актуелната верзија на законикот.
Аврамовски посочи дека кај корупциските кривични дела има одредено унапредување, но предупреди на недоречености во однос на злоупотребата на службената положба, супсидијарната примена на одредбите и несовесното вршење на службата.
Тој оцени дека предложените решенија создаваат ризик од ограничување на кривичното гонење на службени лица во органите на државната управа, особено во случаи на непреземање службени дејствија. Забелешки беа упатени и на невоедначената казнена политика, одредбите за конфискација и неусогласеноста со Законот за кривичната постапка.
Поради тоа, граѓанските организации, заедно со Платформата и „Блупринт“, предлагаат дополнителни тематски консултации за одделни делови од законикот.
Програмската директорка на Центарот за граѓански комуникации, Сабина Факиќ, предупреди дека јавните набавки претставуваат особено ризична област за корупција, имајќи предвид дека годишно за оваа намена се издвојуваат над 1,5 милијарди евра, односно околу една четвртина од државниот буџет.
Таа оцени дека предложениот член за злоупотреби при јавните набавки не ги исполнува очекувањата на граѓанските организации, бидејќи предвидува затворена листа од четири дејствија, со што се ограничува можноста за санкционирање на други незаконитости.
Факиќ посочи дека претходното законско решение, кое важеше пред измените од 2023 година, имало поширок потенцијал за санкционирање на корупцијата и било применувано во случаи против високи функционери.
Според неа, со предложеното решение во новиот Кривичен законик се стеснува опфатот на злоупотребите при јавните набавки што ќе можат да бидат кривично санкционирани.
































