Фото: Фејсбук / Симон Трпчески
  • Две децении по јапонското деби, македонскиот пијанист со три концерти на престижните токиски сцени покажа зошто неговото име одамна е запишано меѓу големите светски пијанистички имиња

Три концерти, три престижни сцени, два настапа со еден од најзначајните јапонски оркестри и повторна средба со диригентот со кого пред две децении го започна својот јапонски пат. Така изгледаше големото враќање на Симон Трпчески во Токио, две децении по неговото јапонско деби. А ако мерилото за успехот е реакцијата на публиката, тогаш македонскиот пијанист од Јапонија се враќа со уште една голема потврда на својот светски реноме.
На 3, 4 и 5 септември Трпчески настапи на три од најзначајните концертни сцени во јапонската престолнина – во Токискиот Метрополитен театар, во прочуената Сантори сала и во Јамаха концертната сала. На првите две вечери настапи со Токискиот Метрополитен симфониски оркестар, под диригентската палка на маестро Казуши Оно.
Средбата со Оно носеше силна симболика. Пред 20 години, токму тој го диригираше јапонското деби на младиот Трпчески. По две децении, двајцата повторно застанаа на иста сцена, но сега пред пијанист кој во меѓувреме изгради кариера на најголемите светски концертни подиуми.
Во центарот на оркестарските вечери беше монументалниот “Трет концерт за пијано и оркестар” од Сергеј Рахмањинов, едно од најтешките и највозбудливи дела во пијанистичкиот репертоар.

Критичарот Кјоске Хасегава: Една од најидеалните интерпретации на Рахмањиновиот Трет концерт!

Јапонската критика не остана воздржана во оценките. Кјоске Хасегава, кој ја следеше изведбата во Сантори салата, посебно ја издвојува виртуозноста на Трпчески, но и неговата способност техничката брилијантност да ја стави во служба на музиката. Според него, пијанистот и покрај екстремната тежина на Рахмањиновиот концерт свири со леснотија, еластичност и впечатлива природност.
Особено ја издвојува каденцата во првиот став, која Трпчески ја избрал во нејзината голема, исклучително тешка варијанта. Јапонскиот критичар оценува дека таа била изведена со извонредна сигурност, додека во бавниот став го нагласува единството меѓу пијанистот и оркестарот. Хасегава ја опишува изведбата како една од идеалните интерпретации на Рахмањиновиот Трет концерт.
И официјалната концертна архива на Токискиот Метрополитен симфониски оркестар сведочи за силната реакција на публиката. По изведбата Трпчески се врати на сцената за бис, а меѓу изведените бисови беше и јапонската народна песна „Мурамацури“, со што македонскиот пијанист уште еднаш покажа дека неговиот однос со јапонската публика е многу повеќе од обична концертна комуникација.

Трпчески петпати на бис

Кулминацијата дојде на третата вечер, на солистичкиот рецитал во Јамаха концертната сала. По дела од Чајковски, Бетовен, Равел и Прокофјев, публиката дури петпати го враќаше Трпчески на сцената.
За јапонската публика тоа беше можност да го слушне и другото лице на македонскиот пијанист – не само големиот концертен виртуоз во Рахмањинов, туку и солист со исклучително развиено чувство за боја, лирика, драматичност и стилска разновидност.
Јапонскиот музички портал „Mikiki“, поврзан со Тауер Рекордс (Tower Records), во текст посветен на Трпчески пред неговиот рецитал го претставува како пијанист со огромна техника и харизма, но истовремено забележува и зрелост што е резултат на неговото долгогодишно светско искуство.
Јапонските автори особено ја нагласуваат врската на Трпчески со руската пијанистичка традиција, која во неговата интерпретација на Рахмањинов, Чајковски и Прокофјев добива препознатлив личен печат.
Но можеби најважно од сè е што јапонската публика одамна го препознава Трпчески не само како голем виртуоз, туку и како уметник кој знае да воспостави непосредна комуникација со слушателите.

Бис за Македонија и македонската култура

Токму во бисовите таа врска добива и симболична национална димензија.
По изведбите на познати јапонски песни, Трпчески ја отсвирел и својата верзија на македонската песна „Не си го продавај, Кољо, чифликот“ од Димитрије Бужаровски.
Тој ја посветил на жртвите од земјотресите, потсетувајќи на јапонската експертиза и помошта што Јапонија ја има дадено на Македонија по трагичните природни катастрофи. Музиката така повторно се покажа како мост меѓу две далечни земји и култури.
„Сè уште сум под импресии од искреноста, топлината и воодушевувањето со кои повторно бев прегрнат од публиката“, изјави Трпчески по концертите, не криејќи го задоволството од приемот во Јапонија.
За него, оваа турнеја има и дополнително значење.

Во период кога Македонија го одбележува својот национален јубилеј на 35 години самостојност како засебна држава, неговото присуство во Токио претставува уште една можност македонското име да биде слушнато и препознаено на една од најзначајните светски културни сцени.
И на крај за потсетување… Пред две децении во Јапонија пристигна млад пијанист кој допрва го освојуваше светот. Деновиве, таму се врати зрел уметник со десетици настапи со најзначајните светски оркестри, со богата дискографија и со репутација која одамна ги надминува границите на неговата татковина.
По дваесет години, повторно под диригентската палка на маестро Казуши Оно, повторно во Јапонија, но сега еден поинаков Симон Трпчески. Сега светски афирмиран пијанист кој во Токио не дојде само виртуозно да интерпретира, туку повторно да ја претстави Македонија!
А Токио му одговори на својот начин, со полни сали, овации и бисови. Во уметноста, а и во културата, тоа е јазик што не бара превод.