Македонското друштво „Илинден“-Тирана најостро ги осудува обидите на Софија за злоупотреба на здравјето на жителите во Општина Пустец, се вели во нивната реакција.
– На 25 и 26 септември 2026 година, повторно беа извршени прегледи од страна на бугарски лекари во државната амбуланта во Пустец. На секого му е јасно дека бугарската држава со години врши невиден притисок врз Македонците во Република Албанија. И на Македонците низ цела Република Албанија им е јасно дека акцијата за бесплатни прегледи треба да биде дополнителна мамка за населението во областа Преспа, со цел негово изјаснување како Бугари – се вели во соопштението.
Македонското друштво „Илинден“-Тирана изразува жалење што Општина Пустец дозволува да биде дел од оваа политика на уценување од бугарските политички фактори на сметка на Македонците во Република Албанија и што потклекнува пред тие уцени. Притоа, цената на уцените од Софија ја плаќа македонското национално малцинство во Република Албанија.
Македонското друштво „Илинден“-Тирана ги повикува албанските и европските институции да се позанимаваат со бескрупулозниот притисок на бугарските емисари врз Македонците во Република Албанија.
– Напомнуваме дека досегашното нереагирање од страна на државните институции за заштита на сопствените државјани доведува до асимилација на македонското национално малцинство во Република Албанија – стои во соопштението на Македонското друштво „Илинден“-Тирана.

































