Венеција пред новото филмско есенско лудило

Уште еднаш, Венеција ќе биде местото од кое практично ќе започне големата есенска фестивалска сезона. Осумдесет и третиот Венециски филмски фестивал ќе се одржи од 2 до 12 септември, а официјалната програма веќе е комплетирана. Ќе пристигнат голем број нови филмови од етаблирани режисери, но и дела на автори што допрва треба да го привлечат вниманието на светската кинематографија.

Покрај главната конкуренција, Венеција повторно ќе понуди и низа паралелни програми, меѓу кои „Хоризонти“, „Венеција класик“ и „Венеција имерсив“. Фестивалот ќе заврши на 12 септември со светската премиера на филмот „Бог се смее“ („Dio ride“) на Џовани Веронези, кој ќе биде прикажан надвор од конкуренција.


Венециската критичарска недела бара нови авторски гласови

Една од најинтересните програми во Венеција и годинава ќе биде „Меѓународната критичарска недела“ („Settimana Internazionale della Critica“), која од 2 до 6 септември ќе претстави седум дебитантски долгометражни филмови во конкуренција.
Селекцијата традиционално е посветена на режисери што го снимаат својот прв долгометражен филм и често претставува место од кое започнуваат кариерите на идните големи автори.

Годинашната селекција доаѓа од Колумбија, Тунис, Бразил, Грција, Франција, Индија и Кина. Меѓу филмовите се „Крајот на времињата“ („The End of Times“), „Шупливиот човек“ („The Hоllow Man“), „Метеорит“ („Meteorite“), „Нашиот дел од песокот“ („Our Share of Sand“) и „Зумирај, одзумирај“ („Zoom In, Zoom Out“). Програмата ќе ја отвори „Големиот Џафа“ („Il Grande Giaffa“) на Марко Санти, додека „Јавач“ („Rider“) на Роан Џонсон и Давиде Паванело ќе биде филмот за затворање.


Фатих Акин со „Песна на духот“ го отвора Сан Себастијан

Филмот „Песна на духот“ („Ghost Song“) на Фатих Акин ќе ја отвори натпреварувачката програма на 74. Филмски фестивал во Сан Себастијан на 18 септември. Филмот ќе има светска премиера во „Курсал“ и за првпат ќе го донесе Акин во трката за „Златната школка“ со долгометражно дело.

Приказната ги следи Фараша и Фарис, дваесетгодишници што се запознаваат на матурска забава и веднаш се вљубуваат. Но Фараша умира истата ноќ. Не можејќи да се помири со разделбата, таа пронаоѓа начин повторно да се сретне со Фарис во неговите соништа – но само 40 ноќи. Филмот ветува меланхолична и необична љубовна приказна за загубата, сеќавањето и границата меѓу животот и смртта.


Мунгиу, Морети и Павликовски во силниот „Бисери“

Сан Себастијан годинава подготвува особено силно издание на својата секција „Бисери“ („Perlak“), во која ќе бидат прикажани 16 филма, многу од нив веќе препознаени на најголемите светски фестивали. Меѓу режисерите се Кристијан Мунгиу, Нани Морети, Павел Павликовски, Рјусукe Хамагучи, Мартин Мекдона и Андреј Звјагинцев.

Особено внимание привлекуваат „Фјорд“ („Fjord“) на Мунгиу, „Тоа ќе се случи вечерва“ („It Will Happen Tonight“) на Морети и „Татковина“ („Fatherland“) на Павликоски. „Фјорд“, кој ја освои Златната палма во Кан, ја следи приказната за религиозно романско-норвешко семејство, кое се населува во оддалечено фјордско село. „Татковина“, пак, се занимава со односот меѓу писателот Томас Ман и неговата ќерка Ерика во Германија по Втората светска војна.