Дани Георге - Фото: ЏФМ

НОВА СТРАТЕШКА ПОДДРШКА ЗА МАКЕДОНСКОТО ЏУДО

  • Неговата работа во Македонија ќе биде насочена кон унапредување на тренерскиот и натпреварувачкиот систем, развој на македонските репрезентативци, подобрување на техничката и тактичката подготовка и создавање услови за остварување уште поголеми резултати на меѓународната сцена

Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) продолжува со реализација на својата стратегија за унапредување и издигнување на нивото на македонското џудо на меѓународна сцена. Со особено задоволство ја информираме македонската џудо-јавност дека во Македонија е ангажиран меѓународниот џудо-тренер, Романецот Дани Георге, кој доаѓа како дел од развојната поддршка на Интернационалната џудо-федерација (ИЈФ), со поддршка и во координација со претседателот на ИЈФ, Мариус Визер, велат од ЏФМ.

Дани Георге зад себе има долгогодишно меѓународно искуство како врвен џудо-тренер и учесник во развојни програми на ИЈФ во различни земји. Неговата работа во Македонија ќе биде насочена кон унапредување на тренерскиот и натпреварувачкиот систем, развој на македонските репрезентативци, подобрување на техничката и тактичката подготовка и создавање услови за остварување уште поголеми резултати на меѓународна сцена. Овој проект е планиран како долгорочна соработка и поддршка во рамките на олимпискиот циклус до ЛОИ во Лос Анџелес 2028, со јасна цел – македонското џудо да направи уште еден значаен чекор напред и да биде конкурентно на највисоко европско и светско ниво, информираат од ЏФМ.

Оваа поддршка не е случајна. Во изминатиот период Македонија покажа дека има организациски потенцијал, ентузијазам и сериозен пристап кон развојот на џудото, преку успешната организација на натпревари и настани од висок ранг, како што се балкански првенства, европски купови и европски првенства. Резултатите од овие активности се препознаени и следени од ЕЈУ и ИЈФ. Токму позитивниот развој, професионалниот пристап и ентузијазмот на македонскиот џудо-тим се причина за дополнителна доверба и вложување во македонското џудо.
– Ова е само почеток. Во периодот што следува се очекуваат и нови проекти, дополнителни развојни програми и уште поголема меѓународна поддршка, со цел создавање подобри услови за нашите спортисти, тренери и клубови. Посебна благодарност упатуваме до Министерството за спорт и министерот Борко Ристовски, кои континуирано ја препознаваат важноста на развојот на џудото и даваат значајна поддршка во работата на ЏФМ. Во рамките на овој значаен развоен проект, Министерството за спорт даде свој конкретен придонес и поддршка во реализацијата на ангажманот на интернационалниот тренер Дани Георге, како и во подготовката и реализацијата на неговите активности, план и програма за работа со македонските џудисти. Оваа поддршка e дополнителен поттик за успешно спроведување на проектот и за создавање подобри услови за развој на македонските репрезентативци, тренери и клубови. Веруваме дека оваа успешна соработка помеѓу ЏФМ, Министерството за спорт и меѓународните џудо-институции ќе продолжи и во периодот што следува, со заедничка цел – уште посилно и поконкурентно македонско џудо на европската и светската сцена – велат од ЏФМ. Г.И.