Цивилизациски вредности

Љубомир Јованоски

За цивилизацијата се вели дека е комплексно општество, кое се одликува со урбан развој. Од друга страна, културата е човечка активност и одлика со која човекот се разликува од светот на животните. Но еволутивните текови како да извршиле комплексни промени во неговата ментална структура. Тие како повторно да го насочиле кон неговите почетоци кога номадските земјоделци и сточари, но и ловците собирачи од неолитските општества, живееле во заедница со проста поделба на трудот. Едновремено, како да ја разбудиле и разгореле неговата анимална страна и упорно ја враќаат на агендата на секојдневието. Од друга страна, за културата се вели дека е предодредена да биде чувар на цивилизацијата. Зборот цивилизација е општоприфатен од комбинацијата на латински, француски и англиски јазик. Civis (граѓанин) и Civitas (град). Арно ама, селото има право да се буни за оваа селективност на европските филозофи затоа што некои селски средини се поцивилизирани и покултурни од градските. На крајот на краиштата и градовите и селата, но и другите човечки населби се цивилизација. Во моментов колку би било благородно да се случи еден повратен процес град – село за нештата да се согледаат во вистинска светлина. Суштински, градот и селото се целина и дополнение. Тие не можат еден без друг оти лежат на заеднички цивилизациски темел во различни облици.

Велат, светот полека оди кон некаков мрачен, разбрануван заод. Ова во најмала рака побудува непријатно сценарио за кое еден разум сигурно ќе каже дека постои навистина суицидна намера на цивилизираното суштество. Дали е можно цивилизираното општество надоено со надградба каква што е мислата и културата, да произведе таков негативен набој на енергија со која би посегнало по сопствениот опстанок? Не би требало во ниту еден случај. Но медиокритетскиот пристап на олигархијата со векови таложи проблеми што се сѐ поистакнати и поопасни. Би се рекло дека станува збор за една од најголемите слабости на човекот – алчноста. Да, така е сѐ до моментот додека олигархот не се соочи со мигови кога е при крај на животниот пат односно кога болеста ќе го сведе салдото на гола нула. Дали е можно сите убавини понудени од страна на универзумот, природните или световните активности да се урнат додека тропнеме дланка со дланка како и да не постоеле? Дали е можно судбината на светот да е во рацете на политиката, која патем е примарна потреба за амортизирање на натрупаните спротивности и спротивставености на самоопределени и самопоставени ликови и скромни мозочни содржини? Можеби грешам ако ја издвојам елитата односно олигарсите како кормилари што нѐ втурнаа во разбранети води на океанот бидејќи и народот не може да се амнестира од тежината на анемијата и здушеноста на бунтовниот дух.

Европа е повеќе од цивилизација и повеќе од „стар континент“. Почвата и поднебјето што ги изнедриле големите Питагора, Архимед, Аристотел, Леонардо да Винчи, Микеланџело Буонароти, Галилео Галилеј, Реноар, Петрарка, Никола Коперник, Исак Њутн, Менделеев, Достоевски, Толстој, Чарлс Дикенс, Сервантес, Лазар Личеновски, Старова, Јаневски, Андриќ, Крлежа и голем број други умови го поставија темелот за општествениот систем на владеење на мнозинството што одлучува до денешни дни познато како демократија. Е, арно ама, Европа го носи товарот на својот грб од автократи како кралот Гиг од Лидија, Поликрат, кој владеел со Самос, императорите Тибериус, Галус, Нерон, Комодус, многубројните креатори на Првата светска војна, Адолф Хитлер и многу други политичари односно милитанти што Стариот Континент го претворија во бескрајно крваво поле на кое гинеа милиони кутри за сметка на есапите на оние што секогаш ги криеле својот вистински лик и намерите. Вообичаено, како ѕвезда водилка на крвавиот небесен свод стои неговото височество господинот Профит. Тој е безличен ама секогаш со однапред утврдена цел.

Индикативно е што царството на демократијата упорно ја продолжува традицијата на воени судири, трагедии, освојувања, поробувања, класично и нови видови на ропство. Каков парадокс! Се чини дека демократијата премногу нуди и дава, а дека нејзините творци или чеда премногу дрпаат од неа. Големи политичари, имиња што се врежани во нејзината долговековна историја, традиција што ги менува формата и методите, а суштински си тера по старо, зарем не најде чаре за сопствениот просперитет, кој делумно како да се потпира и на несреќата на другите што се инфериорни во однос на цивилизираната Европа? Оти од каде повторно тропање со воените барабани и заканите упатени едни кон други на европските спротивставени страни? Во моментов отровните (засега само дипломатско вербални) стрели како да се упатени во срцето на демократијата и на цивилизацијата кој има и зошто да се гордее. Несомнено, нејзиниот придонес во сите области на светските случувања е огромен. Ако е така, тогаш зошто сета оваа крвава драма во Украина во овој нов милениум кога тој требаше да биде пресвртница во односите на сите нивоа на цивилизираниот свет? Нова, петгодишна трагедија за која нема објаснување што ќе ги оправда сите збиднувања на фронтот и во кулоарите на големите престолнини. Сѐ што треба да се направи е да се размисли за идните чекори, кои треба да се стремат кон сеопшт мир и разбирање помеѓу народите. Ова не е времето на Тројанската, пунските, стогодишната или двете светски војни. Тие длабоки лузни требаше да бидат поука за цивилизираниот свет. Културата да биде поизразена во зачувувањето на вистинските вредности на цивилизацијата, а разумот и емпатијата да добијат предност врз профитот.

Познато е дека од дамнешни времиња екипи медијатори во фракови и со цилиндрични шапки, со вратоврски и златни синџирчиња на нивните реденготи, одлучувале за судбините на цели држави и народи. Притоа тие договори секогаш останувале фалични и подотворени за разни анекси и дополненија, кои бараат доработка по новите воени кампањи. Одново и одново, цивилизацијата ги повторува своите катастрофални грешки и успешно се крие зад темната страна на своето лице. Тие луѓе се чесни професионалци. Некој рекол дека никој освен измамникот не личи повеќе на чесен човек.

Време е цивилизацијата поткрепена од културата да крене глава и да нурне во своите подгазени вредности. Заедно со нив, треба да ја најави светлината на новото утро, кое цивилизираниот свет одамна го заслужил.

Секако дека и нашите триесет и пет години независна Македонија заслужуваат гордост, традиција, вечност. Тие заслужиле почит за сите што вложиле ронка животна скапоценост за ново утро. На цивилизацијата ѝ должевме и ја испочитувавме, а цивилизацијата е должна да нѐ почитува заедно со сиот наш идентитет, кој не е закана за никого. Без разлика дали е сосед или подалечен. Македонија е една од многуте колепки на културата, а културата е чувар на сите цивилизациски вредности.

Авторот е писател