Да отвориме на Исланд датум-центри за почеток на преговори!

Исланѓаните ја оплескаа. Не сакаат во Европската Унија. На референдум рекоа – јок. И сега бриселската бирократија е во шок. А зошто ЕУ не се фати за своите демократски алатки? Ене го Јоханес Хан – само треба да им каже на исландските власти да се обидат со „балкански методи“ за да ги превоспитаат своите граѓани.
Марта Кос сигурно е во депресија. Само што изјави дека ЕУ не сака тројански коњи, излегува дека Исланѓаните погрешно ја разбраа. Кутар Одисеј, од Холивуд до Брисел, душата му ја извадија. Ние, на пример, одамна знаеме дека Унијата не сака тројански коњи – затоа нордистанците тренираа магариња, ама нас брисељаците нè откачија – додека не признаеме дека магарињата ни рикаат бугарски нема влегување – а сега Исланд ѝ рече фак оф на Унијата. Значи, стварно нема правда – заеби мир.

Риби – тоа е причината за исландското НЕ, не сакаат да ѝ ги дадат своите бакалари и харинги на Унијата. Нормални ли се? Па нордистанецот си даде име, идентитет, историја само да го земат во „рајската градина“. Изгледа на Исланд не можат да забележат каква секси лејди е Унијата, а богами немаат ни врвни експертишта за да им објаснат дека се глупираат што се фатиле за рибите, кога ваму имаат златна рипка. Нели ние читавме по билборди пред нашиот референдум дека ЕУ сите желби ги исполнува?

Вистина е, многу сме различни. Исланд има 400.000 жители, а ние немаме 400.000 луѓе што ќе излезат на улица за да си го зачуваат името. Излегоа 4.000 и полицијата ги здроби од мавање, додека остатокот им фаќаше сеир. Можеби ние треба да отвориме во Рејкјавик датум-центар за почеток на пристапни преговори – прекрасна тинк тенк, генг бенг, гринфилд инвестиција – и во него да се напикаат нашите политичари, експерти, аналитичари, интелектуалци, уметници, ма и шарени, шути и рогати – да се поднаучат Исланѓаните за благодатите од добивање датум, оти ние, колку ги имаме онакви со ЕУ-чипови во матичната плоча – со лопата да ги ринеш. Ама ете, аздисаните Исланѓани одлучија сексапилната дама да ја фрлат во депресија.

Но, за да не биде сè така депресивно, тука е Доналд Трамп и неговите патувања – ја развеселува цивилизацијата – Гуливер може да позавиди. Последно отпатува на езерото Онтарио и го прекрсти во Америка. Канаѓаните наместо да наведнат глава како нордистанци, веднаш фатија да врескаат. Ало, неарни, да не ви ги плаќа сметките името на езерото? И сега, Канаѓаните ифрит, ЕУ кивна – чаре има ли? Има. Јас како експерт за весела геополитика имам решение за Брисел и Отава со кое ќе му ги замрсат конците на аздисаниот Американец. Отворете му пристапни преговори на езерото и по кратка постапка нека стане член на Европската Унија. Во Онтарио има ли риби? Нормално дека има. И ете му шипак на Исланд. А услови исполнува ли за влез во Унијата? Како што Украина е нападната од Путин, така и Онтарио е под атака на Трамп, а инаетот е најдобриот услов што му треба на Брисел, па како за инает на Русија, така за инает и на Штатите, езерото може да стане дел од привилегираната европска заедница. Заследете ме ако сакате весели решенија за сериозна геополитика.

Сепак, „Трамповите патувања“ не успеваат сосема да ја развеселат планетата. Тука се Велика Британија и Русија да ја расипат радоста. Лондон се заканува дека со своите сојузници ќе ја срамнат со земја Русија, а Москва им враќа дека ќе го збришат островот од лицето на географијата. Си ги мерат – чии нуклеарки се подолги. Е па, ние тука, во Нордистан, не сакаме нуклеарна војна! Радијацијата може негативно да влијае на нашите патлиџани, водни капацитети и расположение. Ние сме земјоделска земја со еколошка свест и заебана потсвест. И експертска земја. Земјоделско експертска земја со најголем број инфлуенсери. Вмрежени сме на социјалните ниви и не постои проблем што не сме способни да го изораме, посееме и посереме. И сите сме со отечени прсти и плускавци на рацете, затоа што рано наутро садиме патлиџани во бавчите – е па, да не треба да јадеме узбекистански грав, кинески ориз и патлиџан од којзнае каде – а по напорна работа, ја шириме нашата мудрост преку тастатурите. Имаме и датум-центри за почеток на пристапни преговори со Унијата – владата секој ден ги отвора – од нив извлекуваме огромно количество енергија за да ни ја грее душата во блиска иднина кога ќе се зачлениме. А кога ќе влеземе таму – е тогаш нордистанецот веќе нема да мора да си ги пише предците за Бугари, туку среќно обезимен и без идентитет, ќе може да се размножува, за да ја оплемени Унијата со експертизи за севкупна употреба.

Размножување – секој факинг 1 септември иста приказна. Десничарите вреват дека мора да се париме и котиме, левиве пиштат дека народ ни бега поради сиромаштија, а јавноста грабнува тастатура и ја дава својата експертска анализа на темата. Додуша, министеркава, со една блесава изјава за братчиња и сестричиња, не сакајќи ја уби дебатата за дата-центри, ама експертот во нордистанецот не мирува – не може една тема со денови да ја преџвакува. Не знам како да им објаснам на конзервативциве дека ова овде баш и не треба да се размножува, џабе ми е да им цртам на прогресивниве дека сите богати земји имаат проблем со наталитет, кај сиромаштијата најмногу деца се раѓаат, а јавноста веќе утре ќе има нова тема да си ги вади очите, но и едните и другите и третите се согласуваат дека нешто треба да се промени во приказната за да нè има повеќе.

Па кога не сакате мигранти, што да ви правам? Никој бре не сака – десничариве нејќат да чујат, левичариве изгледа од Кју Клукс Клан се испилени, рајата веднаш запаѓа во панична хистерија. А можеме да си увеземе прекрасни мигранти од црната Африка – од Блиски Исток, никако – антисемит сум, ме нервираат Арапи – да не беа они, да не ги донесоа своите преводи на античката мудрост и уметност среде мрачниот среден век во Западна Европа – ниту хуманизам, ниту ренесанса ќе имаше, ќе останеа денешниве елитисти на палење вештерки. Значи само мигранти од црна Африка. Што убаво ќе ни се прошара ген, ќе ни се разубави нација, жените конечно ќе се симнат од мрежите зашто ќе имаат на што поинтересно да се (за)качат, оти да не се лажеме – мажите не можеш да ги извадиш од кладилници, хеланки или експертски длабочини, зависно кој со какви опсесии е – и што е најважно, размислуваме ли ние за иднината на нашите спортови, зарем не сакаме и ние да си имаме свои Мбапе, Мусијала и Олисе? Така е, почнаа фудбалските лиги, стварноста повторно е поднослива за живеење, а и време е да завршам со колумнава – од толку многу цинизам фрлен меѓу редови може и јас, не дај боже, да завршам во дебата кај сеекспертската јавност.