Американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер му презентирале на рускиот претседател Владимир Путин низа идеи за можни начини за ставање крај на војната во Украина, соопшти советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, по синоќешната средба во Москва.
Ушаков изјави дека американските претставници биле целосно подготвени за разговорите и, покрај потврдувањето на интересот на Вашингтон за брзо прекинување на воените дејствија, претставиле и конкретни идеи за можен начин на постигнување решение на конфликтот.
Сепак, Кремљ засега не открива детали за предлозите што биле презентирани.
Според Ушаков, разговорите биле „конструктивни, исклучително отворени и одбележани со доверба“. Тој додаде дека руската страна изразила уверување оти ќе ги постигне своите цели.
Разговорите не биле ограничени само на војната во Украина. На средбата биле разгледани и економски прашања, како и можностите за реализација на големи руски и американски проекти од заемен интерес.
Средбата меѓу Путин, Виткоф и Кушнер траела повеќе од три часа.
По разговорите во Москва, американските претставници отпатувале за Киев, каде што денеска треба да се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На почетокот на средбата Путин ги пофалил напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на војната. Трамп во петокот изјави дека неговите претставници во Москва носат нов предлог за прекин на конфликтот, но не откри детали.
И покрај разговорите во Москва, засега нема индикации за конкретен пробив во мировните преговори меѓу Русија и Украина.

































