Фото: МИА

Во Охрид почна протестот пред бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ којшто според најавите треба да биде отворен во 12 часот. Протестот го организира политичката партија „Левица“, а и ВМРО-ДПМНЕ повика на масовност, но тој да биде мирен, демократски и без инциденти. Ситуацијата на протестот е тензична, според последните информации.

„Ова брзо ќе изгори тука” извикуваат присутните. „Фашисти, убијци, татари”, се само дел од извиците кои оддекнуваат од центарот на Охрид.

Присутните демонстранти паролите ги извикуваат кон лицата кои присуствуваат на отворањето на клубот, а стојат надвор и дофрлаат.

„Срамота за Македонија и сите кои го дозволуваат ова”, кажа друг учесник на протестот.

Други граѓани, пак, за медиумите велат дека не се против отварање на бугарски клуб во земјава, но дека името на клубот е провокација.

– Провокативно е името, немаме против отворањето на клубот. Секој има право да каже како се чувствува, но името е провокативно – и Цар Борис и Ванчо Михајлов во Битола. Немаме ништо против нивната определба, нека си кажат како се чувствуваат, но имињата се провикативни – велат насобраните граѓани.

Во Охрид има засилено полициско обезбедување, а во моментот дел од насобраните граѓани се обидуваат да го пробијат полицискиот кордон.