Фото: МИА

Центарот за јавно здравје Тетово – Одделение за епидемиологија Гостивар прогласи епидемија на територијата на Општина Гостивар поради наглиот пораст на заболени со гастроентеритис и надминување на неделниот епидемиолошки праг.

Епидемиологот д-р Зорица Зафироска изјави дека одлуката е донесена поради значителното зголемување на бројот на заболени во последните денови.

 – Поради зголемениот број заболени со гастроентеритис и надминување на лимитот на неделно ниво, Центарот за јавно здравје Тетово, Одделението за епидемиологија во Гостивар, пријавува епидемија на подрачјето на Општина Гостивар – изјави Зафироска.

Според податоците од Општата болница во Гостивар, во последните 24 часа на Инфективното одделение биле прегледани 204 пациенти, од кои тројца се хоспитализирани. На Педијатриското одделение биле извршени 140 прегледи, односно 105 нови и 35 контролни, додека уште девет пациенти побарале медицинска помош во Ургентниот центар.

Здравствените власти сè уште не го утврдиле изворот на заразата, ниту причинителот на заболувањата.

 – Во тек се лабораториските испитувања и ги очекуваме резултатите за да утврдиме за што станува збор. Континуирано ја следиме состојбата, вршиме епидемиолошки увиди и ги анкетираме заболените пациенти – рече Зафироска.

Паралелно, Основното јавно обвинителство Гостивар води предистражна постапка во врска со сомнежите дека водата од градскиот водовод можеби била намерно загадена.

Од Обвинителството соопштија дека се во постојана координација со Институтот за јавно здравје, каде по наредба на јавен обвинител се анализираат примероците од водата. Резултатите се очекува да бидат готови утре, по што ќе биде донесена одлука за понатамошното постапување.

Во меѓувреме, локацијата кај Вруток останува обезбедена по наредба на јавен обвинител додека трае истрагата.