Фото: Маја Јаневска Илиева

Трендот на новозаболени со стомачни тегоби во Гостивар не опаѓа, а дневно се регистрираат меѓу 250 и 300 нови случаи, изјави министерот за здравство Сашко Клековски.

Тој посочи дека вчера на Детското одделение биле прегледани околу 100 пациенти, а на Инфективното одделение 160, додека денес бројот на детски пациенти останува сличен, а на Инфективното одделение се регистрирани околу 200 прегледи.

 – Денеска е прогласена епидемија, но морам да нагласам дека сите мерки предвидени за ваква состојба ги спроведувавме и пред формалното прогласување – рече Клековски во гостување на Сител телевизија.

Според него, клиничката слика кај најголемиот дел од пациентите е лесна и најчесто се манифестира со дијареја, повраќање и дехидратација, додека висока температура се јавува ретко.

 – Пациентите најчесто добиваат рехидратација, инфузија и симптоматска терапија, по што се пуштаат на домашно лекување. Мал број остануваат хоспитализирани, главно поради претпазливост или поради други хронични заболувања – изјави министерот.

Тој нагласи дека Општата болница во Гостивар располага со доволно лекови и медицински кадар, а дополнителни лекари од други одделенија се вклучени за да се одговори на зголемениот број пациенти.

Клековски истакна дека епидемиолошките анкети се клучни за утврдување на изворот на заразата и апелираше да не се носат заклучоци пред да завршат анализите.

 – Мораме да ги разгледаме сите можни извори. Заболените се од различна возраст и од повеќе населени места, од кои дел користат и други водоводи. Затоа не смееме да избрзуваме со заклучоци – рече тој.

Министерот потсети дека слична ситуација имало и во 2017 година, кога исто така биле регистрирани неколку стотици заболени, а причинителот не бил утврден.

Тој најави дека анализите на примероците од водата ќе бидат готови утре, по што резултатите ќе му бидат доставени на Јавното обвинителство, кое ќе ја информира јавноста.

Во однос на сомнежите дека загадувањето е поврзано со одредени пумпи во водоводниот систем, Клековски рече дека тие се веќе исклучени од употреба, но повтори дека е потребно да се почекаат официјалните резултати од истрагата.

Осврнувајќи се на своите приоритети како нов министер за здравство, Клековски најави дека фокусот ќе биде ставен на подобрување на достапноста на лековите, модернизација на здравствената инфраструктура и зголемување на бројот на здравствени работници. Тој додаде дека се во завршна фаза подготовките за вработување на нова група специјализанти.