Првите количини пакувана вода што ги обезбеди Владата вечерва пристигнаа во Гостивар, а започна и нивната дистрибуција на повеќе пунктови низ градот.
Станува збор за првите 50.000 литри вода во пластични шишиња, кои ќе им бидат поделени на граѓаните поради забраната за користење на водата од градскиот водовод.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, кој ја предводеше првата испорака, изјави дека секојдневно ќе се обезбедуваат по 50.000 литри вода сè додека трае вонредната состојба.
– Секој ден ќе дистрибуираме по 50.000 литри вода. Таа ќе се дели на шест или седум пунктови, а доколку има потреба ќе се отворат и дополнителни локации за да се избегнат гужви и чекање на високите температури – рече Томовски.
Водата се дистрибуира на пунктовите кај Водостопанство, градинката „Пролет“, Средното економско училиште, подружницата „Шар“ на ЈП „Национални шуми“, АД ЕСМ – Питарница, паркингот на Општата болница „Ферид Мурад“, Територијалната противпожарна единица, како и на градскиот плоштад.
Во акцијата се вклучени и локални волонтери, кои помагаат при распределбата на водата.
Паралелно, низ Гостивар се организираат и повеќе хуманитарни акции од компании и поединци што донираат пакувана вода, додека за лицата во социјален ризик вода се дистрибуира преку локалната самоуправа во дворот на Територијалната противпожарна единица.































