Фото: МИА/Архива

Агенцијата за управување со одземен имот информира дека успешно ја спровела продажбата на уште четири одземени недвижности во сопственост на поранешниот директор на управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков, во согласност со јавниот оглас за продажба на одземен имот.

– Со денешната објава за продажба на четири недвижности од страна на Агенцијата за управување со одземен имот, а со претходно донесена Одлука од страна на Владата, продолжува враќањето на паричните средства во буџетот на државата од одземениот имот на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Имено, станува збор за три стана кои што се наоѓаат на ул. Славејко Арсов, еден од 78 метри квадратни, два од 73 метри квадратни и една гаража од 30 метри квадратни на КО Центар 2, одземени со правосилна пресуда I KOK-ПП.бр.283/2022 од Основен кривичен суд Скопје. Со продажбата на овие четири недвижности во буџетот на државата ќе се уплатат средства во висина од 20.316.663 денари или 330.350 евра – се вели во соопштението.

Претходно беа продадени три недвижности од имотот на Мијалков, во вкупен износ од 15.000.500 денари или 244.000 евра, според информациите од Агенцијата.

Претходно, во јули годинава, на аукција на берза беа ставени запленети акции на Мијалков.

Мијалков призна вина во случајот „Империја“ и се спогоди со Обвинтелството, а казната беше три години затвор и одземање на имот вреден околу 30 милиони евра, меѓу кои 25 станови и парцелата до хотелот „Мериот“.