Фото: Маја Јаневска-Илиева

Организациите на Македонците од соседните земји со жестоки реакции за сѐ почестите изрази на шовинизам и сепаратизам во нивната матична држава

Споменикот на кој беше претставена голема Албанија, како дел од Меморијалниот комплекс во кумановски Сопот, вклучувајќи ја и другата иконографија што подгрева верска и конфесионална омраза и која, според нашите соговорници правници, „велича милитантни радикали, кои со своето дејствување им одзеле животи на припадници на МВР, АРМ, а и на цивили“, продолжува да ја возбудува пошироката македонска јавност. Иако дел од таа иконографија брзо беше отстранета, продолжија многубројните критики, и тоа и надвор од границите на државата, од соседството, каде што има голем број организации на Македонците.

Жестока реакција на Македонците што живеат во Република Србија

Бурни реакции пристигнаа и надвор од границите на Македонија, особено од претставниците и организациите на Македонците што живеат во соседните држави. Со свој став излегоа и Македонците што живеат во Република Србија, а нивните здруженија и организации јасно истакнаа дека секое манифестирање на голема Албанија е шовинистички и иредентистички испад против суверенитетот и интегритетот на Македонија како држава, но и против околните држави. Повеќемина претставници на Македонците во Србија побараа од македонските државни институции да преземат мерки против секоја пројава на екстремен национализам и шовинизам, а од македонските партии побараа да излезат со осуда и јасен став за секоја пројава на великоалбанизмот, кој е на штета на македонската држава, а наедно ги поттикнува и меѓуетничките тензии.
Горан Илијевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија и политички аналитичар за состојбите во балканските држави, анализирајќи ги последните испади на великоалбанскиот национализам, вели дека не треба да ѝ се дозволи на УЧК како терористичка организација и понатаму да дејствува и покрај амнестијата. Македонија ги амнестираше борците на УЧК, а тие и понатаму го пропагираат УЧК. Со закон треба да се забранат активностите на УЧК, вели Горан Илијевски.
– Тоа е класичен иредентизам. Јас сѐ уште верувам дека и во македонскиот закон уште стои кривично дело за сепаратизам и иредентизам, како и во секоја друга држава во светот. Секоја симболика што е поврзана со велика Албанија е класично загрозување на суверенитетот и интегритет на Македонија како држава. Ова е со тенденција да се одвои територија од македонската држава – рече Илијевски.
Во контекст на великоалбанските пројави во македонската држава, Горан Илијевски вели дека како на таква манифестација треба да се гледа и на барањето за албански општини во Македонија, а последните случувања во кумановски Сопот ги карактеризира како покажување сила од страна на албанскиот политички фактор.
– Дали сме свесни што се случува во Македонија, зошто никој не реагира на овие сепаратистички тенденции. Иредентизмот и шовинизмот се најголеми кривични дела против една држава насекаде во светот. Со терористи не се преговара – рече Горан Илијевски.

Зошто отсуствува ефикасна реакција од државните институции на Македонија?

Анализирајќи ги последните случувања во Македонија, како и манифестирањето на великоалбанскиот национализам, како што беше со споменикот на кој беше претставена голема Албанија, Горан Илијевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија и политички аналитичар за состојбите во балканските држави, додава дека албанските радикални структури во Македонија ќе бидат сѐ подрски и поекстремни во своите барања кон македонската држава.
– Овие состојби во Македонија може да се објаснат и со нефункционирањето на македонските државни институции, како и со владеењето на корупцијата и партизацијата на македонското општество. Македонија е нефункционална држава, а тоа е многу сериозно, бидејќи не може да се справи со предизвиците, особено со албанскиот иредентизам и шовинизам, кој пушти длабоки корени во Македонија – укажува Илијевски.
Според Горан Илијевски, решение за секоја манифестација на екстремен национализам и радикализам што ги загрозува суверенитетот и интегритетот на Македонија како држава, вклучувајќи ги и великоалбанските екстремни пројави, се наоѓа кај најголемите македонски партии. Тие треба да се обединат околу македонските државни и национални интереси и да престанат да прават отстапки кон оние структури што сакаат да ѝ наштетат на Македонија како држава – заклучува Илијевски. Д.Ст.