Фото: ЕПА

Тонот на генералната оцена во извештајот на Европската комисија за Македонија изразува незадоволство од исполнувањето на реформските задачи што се очекуваше да бидат исполнети. Во извештајот се нагласува дека Македонија изминатата година не постигнала никаков напредок во ниту една од клучните области во првиот кластер од преговорите – судството и борбата против корупцијата, реформата на јавната администрација и демократските институции

Европската комисија вчера објави три документи што треба да ја изразат заинтересираноста на Европската Унија за приближување и поблиска соработка со земјите од Западен Балкан. Тие документи се стратегија за проширување, планот за економски раст и принципите за распределба на финансиската поддршка, кои сепак не значат некаква конкретна временска одредница за придружување на земјите од регионот во вид на полноправно членство во Унијата. Како составен дел од стратегијата за проширување се и извештаите за напредокот во реформските процеси на земјите аспиранти за членство во Унијата.
Годинашниот извештај за напредок е прв откако Македонија ја почна првата фаза за почеток на преговори со скринингот, кој е во завршна фаза. Тонот на генералната оцена во извештајот на ЕК изразува незадоволство од исполнувањето на реформските задачи што се очекуваше да бидат исполнети. Во извештајот се нагласува дека Македонија изминатата година не постигнала никаков напредок во ниту една од клучните области во првиот кластер од преговорите – судството и борбата против корупцијата, реформата на јавната администрација и демократските институции.
Делумен напредок има само во делот на економските критериуми. Сепак, констатирано е дека нема напредок во судството, а ЕК изразува загриженост за измените на Кривичниот законик. Исто така се забележува и злоупотребата на европското знаменце. Европската комисија го критикува доцнењето на реформите на јавната администрација и неисполнетите обврски од минатата година. Во извештајот на ЕК не е пропуштена ни критиката за работата на парламентот, неусвоениот деловник и измените на изборниот законик. Македонската влада сепак доби пофалба од ЕК за генералната посветеност на процесот на интеграции во ЕУ и усогласеноста со надворешната политика на ЕУ, а ја критикува опозицијата за опструкциите во парламентот.
Првичните реакции во македонската јавност на извештајот од ЕК се дека тој е поразителен и со разочарувачки тон за реформските процеси, кои Владата практично не ги спроведува со потребната и очекувана динамика. Ј.П.